Контраспин: Кој работеше активно на поделби цело време

 

 

Тој што активно работеше на поделби на граѓанска, интраетничка и меѓуетничка поделба речиси десетина година, не може сега да повикува на намалување на јазот и обединување околу заеднички цели

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Никола Груевски, лидер на ВМРО ДПМНЕ ја даде следнава изјава што ја цениме за спин:

Спин: Ќе бидеме фокусирани да се намали јазот помеѓу граѓаните, политичкиот јаз. СДСМ во желба да не победи внесе многу гнев, многу омраза, многу голем јаз се создаде помеѓу македонскиот народ и граѓаните на Македонија, а понекогаш во некои моменти и помеѓу различните етнички заедници. Тоа треба да престане. И јас лично и новата влада и ВМРО-ДПМНЕ ќе работиме на намалување на тој  јаз и на едно обединување со кое што сите граѓани на Македонија ќе ја градиме како земја со многу повеќе работни места, повисок стандард и земја која ќе се движи кон Европската унија.

[Извор: ТВ Нова/Youtub и ВМРО-ДПМНЕ/веб страница, датум: 12.12.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Никола Груевски веднаш по прогласувањето на прелиминарните резултати со проекцијата на пратенички места од страна на Државната изборна комисија, даде изјава за јавноста во која со помош на извртување на фактите, ја извртува вистината и спинува дека ќе работел на намалување на поделбата на граѓаните.

Груевски во изјавата детектирал две работи – првата е дека дека јазот е политички, но и дека дека постоела омраза, понекогаш дури и меѓу етничките заедници. Втората е, дека сето тоа го направил политичкиот противник СДСМ во кампањата со цел да ѝ наштетел на ВМРО-ДПМНЕ. Двете работи се невистина и изртување на фактите.

 

КОНТРАМИТИНЗИТЕ – ПОЛИТИКА НА ВМРО ДПМНЕ

Поделбата во општеството до степен на нетрпеливост и на моменти тензично до степен на меѓуграѓански, интраетнички инциденти, е чиста и јасна политика на ВМРО-ДПМНЕ, владејачка партија во Македонија од 2006 досега, континуирано. Фактите зборуваат дека  партијата под командна палка на нејзиниот лидер ваквата политика ја започна уште во раното владеење со земјата, некаде со појавата на првите помасовни изблици на спротивставување, било од страна на опозицијата, било од страна на граѓаните.

Технологијата беше едноставна. На секој митинг или собир на граѓани, во име на граѓаните божем, познати и непознати функционери или блиски луѓе на партијата, организираа контрапротести, контрамитинзи…Тоа се манифестираше и на изборите во 2008 и во периодот 2009-2011, при што за одбележување е насилството во 2009 година од толпата што ги нападна момците и девојките од „Плоштад Слобода“ и „Архибригадата“, кои се спротивставуваа на делови од планот Скопје 2014, а најопасниот митинг и контрамитинг од тој период, се случуваше веднаш по „Црниот понеделник“ во декември 2012 година, по исфрлањето на пратениците од СДСМ од Собранието.

Следен опасен голем контрамитингашки собир ВМРО-ДПМНЕ оганизираше пред Општина Центар во јуни 2013 година. Формално митингот го организираше некоја нерегистрирана невладина организација, но фактите што ги наведе неодамна Специјалното јавно обвинителство говорат дека организацијата била од врвот на владејачката партија, а Никола Груевски е првообвинет во тој случај. Впрочем, јавноста можеше да слушне дел од тие факти кога Груевски бараше контрамитинг и удирање „шамари“ на легално избран градоначалник.

Да не ги заборавиме митинзите и контрамитинзите од 2015 година кога започна најдлабоката политичка криза во Македонија. Како што се оние од 18 мај, па камповите и контракамповите кои траеја по еден месец, па формирањето на ГДОМ, еден месец порано и нивната кампања низ Македонија од божем самостојни патриоти, а чија акивност финишираше со фрлање флаери во Скопје со имиња на граѓански активисти и новинари предавници, итн, итн. Тука имаше сериозна тензија во Скопје, особено на еден од овие митинзи, а полицијата покажа зрелост и со крајни напори цело време спречуваше близок контакт на две големи групи кои во еден момент беа на 50 метри еден од друг.

 

РЕЖИРАНИ МЕЃУЕТНИЧКИ ИНЦИДЕНТИ

Што се однесува до меѓуетничките тензии, омраза и поделби, да не се заборави дека со помош на коалициониот партнер во власта ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ ја ползуваше техниката на одвлекување на вниманието преку инцидентите.

Во јавноста постојат мислења дека инцидентите на Скопското Кале од 2011 година беа во режија на власта и тоа од двете партии. Тие се случуваа во изборна година, на само неколку месеци пред изборите и двете партии се обидоа да си извлечат поени преку испраќање на навивачките групи, практично деца, да се тепаат на Калето, а од инцидентот се роди политичката ѕвезда на Артан Груби, кој ја предвоодеше една од групите. Технологијата е остварена преку маскирање, на тој начин што повиците во јавноста ги упати Страшо Ангеловски и неговата партија (на овие избори беше коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ), преку Фејсбук, а контрамитингот беше организран од функционери на ДУИ во Општина Чаир, при што како лидер се појави Груби. На крај, сè беше претставено како тепачка на вжештени навивачки групи.

Вакви „журки“ на националистичка основа имаше уште неколку, а последниот поголем обид беше неуспешна мобилизација на Албанци и на Македонци кои требаше да се степаат поради намерата на власта да постави огромен крст во Општина Бутел.

Практично во целиот период на владеење, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, некогаш јавно, некогаш затскриено, покажувале крајна нетрпеливост кон сите инакумислечки структури или граѓани во општеството и со ароганција и игнорација или со агресија, отворена или прикриена, се обидувале да ги елиминираат овие организации, институции, поединци од јавната сцена.

Периодот на непосредната предизборна и изборна камапања во последните триесетина денови, кога високи функционери на ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски во своите говори го плашеа народот со Албанците, кои преку Зоран Заев ќе си ги реализирале плановите за двојазичност, за федерализација, ќе ја поделеле Македонија, се последни примери на таквата континуирана доследна политика на подлеби и создавање јазови.

Затоа и оценката дадена од почетокот на текстот – изјавата дека политичиот јаз и омразата меѓу граѓаните и меѓу етничките заеднци ја посеале од СДСМ, е недвосмислено извртување на вистината или спин. Таквата изјава е, меѓу другото, и непринципиелна и лицемерна.

Но, исто така, е недоследно да се ветува дека тој што сеел поделби, што учествувал во создавањето на политичкиот јаз и на омразата, заедно со новата влада и со неговата партија сега ќе работел на надминување на разликите и на обединување околу заеднички интереси. Тоа е, практично, невозможно.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *