Контраспин: Koj ги дефакторизираше граѓаните последните 10 години и како?

„Беседа“ за факторот што дефакторизирал народи. Фото: Скриншот/Вистиномер

Со погрешни политики во многу области од живеењето, како и со политките на неправна држава во која доминираат неодговорноста, неотчетноста и неказнивоста на криминалот и корупцијата, ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициони партнери во изминатите 10 години направија најмногу на полето на „дефакторизација“ на граѓаните во РМ

 

Со погрешни политики во многу области од живеењето, како и со политките на неправна држава во која доминираат неодговорноста, неотчетноста и неказнивоста на криминалот и корупцијата, ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициони партнери во изминатите 10 години направија најмногу на полето на „дефакторизација“ на граѓаните во РМ

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ја даде следнава изјава која ја оценуваме за спин:

Спин: Она што можеме да го видиме е еден обид на СДСМ и на ДУИ да направат една дефакторизација на Македонците, на македонскиот народ, но и на другите етнички заедници, како Турците, Србите, Власите, Бошњаците, Ромите и останатите. Таа дефакторизација нема да ја дозволиме. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија ќе стои цврсто во било која ситуација на браникот на одбраната на државните и националните интереси…Гледаме дека СДСМ се обидува, се натпреварува на некој начин самата со себе, колку повеќе ќе даде нешто на албанските партии. И се поставува прашњето до кога така? До кога со тоа давање? Дали до моментот додека нема да остане ништо во државата за давање и ќе се загуби еден ден и тоа што е стекната со многу труд, со многу крв и со многу напор?

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страница+Македонија 24/Youtube, датум: 22.02.2017]

Kontraspin - foto Vistinomer
Контраспин: Ова деспинување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за дефакторизацијата нема да започне со термините „факторизација“ или „дефакторизација“, кои се проблематични од аспект на толковниот речник на македонскиот јазик, туку од суштината на изјавата која е многу јасно прикажана на два нивоа: 1) факторизирање на Македонците и на другите етнички заедници настанува само ако ВМРО-ДПМНЕ е главен партнер во владата и тоа само затоа што мнозинството Македонци гласале за ВМРО-ДПМНЕ; 2) СДСМ се натпреварувала сама со себе што повеќе да им даде на албанските партии, бидејќи намерата им била редифинирање на државата, која, иако тврдат дека е уставна, таа била противуставна.

 

ДВА СПИНА ВО ЕДНА ИЗЈАВА

Двете нивоа на изјавата за факторизација на Груевски се спинови кои неколку пати биле деспинувани и од Вистиномер и од други медиуми, политичари, аналитичари. Суштината на првото спинување е во тоа што Груевски нема ексклузивно право да биде премиер, а неговата партија да управува со извршната и законодавната власт во земјата само со 1,48 отсто или 17.000 гласови повеќе од луѓето што гласале на последните избори. Тој имаше ексклузивно право (иако тоа е оспорувано од многу професори), да добие мандат и да се обиде да состави влада. Но, Груевски во тоа не успеа, а оној што го дели мандатот рече ќе му го даде на оној што ќе обезбеди доказ дека има 61 пратеник во Собранието. Оттука, спинот дека факторизирање е само кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја направи владата зашто имал два пратеникa повеќе од СДСМ, е сосема јасен.

Вториот слој од изјавата базирана врз спинот дека СДСМ заедно со албанските партии ќе ја редефинираат и уништат Македонија и дека тоа е противуставно, е, исто така, јасно извртување на вистината. Проширување на законски загарантираното право за употреба на албанскиот јазик во Македонија, согласно Уставот не е и не може да биде редефинирање на државата, туку е поврзано со службената употреба на немнозинските јазици. Редефинирањето може да настане само во оној момент кога формално ќе се согласат политичките партии со над две третини парламентарни гласови за промена на Уставот, во насока на менување на Основните одредби, Основните слободи и права на човекот или во однос на начелата за Организацијата на државната власт. Оттука, и овој спин е јасен и недвосмислен.

 

ДАЛИ ПОГРЕШНИТЕ ПОЛИТИКИ СЕ ФАКТОРИЗАЦИЈА?

Но, согледувајќи ја суштината на изјавата за факторизацијата и дефакторизацијата на македонскиот и другите народи, се наметнуваат цела низа прашања, а сите се поврзани со политиките на една власт и „факторизацијата“ на граѓаните на една земја.

Па, така, дали, на пример, политиките на една извршна, законодавна и судска власт, кои доведуваат до иселување на повеќе стотици илјади граѓани од сопствената земја во други земји, во потрага по егзистенција и помирна живеачка, не е дефакторизација на македонскиот и другите народи што живеат во Македонија.

Дали со политиките кои значат кршење на основните демократски начела и владеење на правото, а со тоа и оддалечување од стандардите неопходни за интеграција со ЕУ, не се дефакторизира македонскиот, албанскиот, турскиот, ромскиот, влашкиот и сите други народи во Македонија?

Кога се партизира секоја институција во земјата, а на сите други им се порачува или ќе бидете член или јасен подржувач на ВМРО-ДПМНЕ или на ДУИ, или нема да имате шанси да се вработите во која било државна институција, а многу често и во приватни комапани (слушнете на 23 мин.од разговорот поврзан со вработување во СГС), дали тогаш се факторизираат македонскиот и другите народи во државата?

 

„ФАКТОРИЗАЦИЈАТА“ ВО СКОПЈЕ 2014 Е 700 МИЛИОНИ ЕВРА

Ова факторизирање или дефакторизирање можеме да го спуштиме и на пониско ниво.

На пример, дали Груевски мисли дека го факторизира македонскиот и другите народи со политиките на „постојана грижа“ за стандардот на пензионерите, на тој начин што неразумно го зголемува дефицитот во Пензискиот фонд (ФПИОМ), со тоа го зголемува и задолжувањето на државата за да го полни тој дефицит, а конечно им остава несигурна иднина на идните генерации пензионери. И сето тоа, само заради „огромната грижа“ кон пензионерите, на кои, како што им порача од еден предизборен митинг од Скопје – со нас знаете на што сте, гласајте за нас.

Дали Груевски мисли дека е факторизација на македонскиот и другите народи во РМ или на граѓаните генерално, ако не ги прашаш луѓето дали сакаат да биде изменет ликот и описот на нивниот главен град Скопје, а притоа, преку многу сомнителни договори да потрошиш за тоа најмалку 700 милиони евра?

Можно ли е да биде факторизација на македонскиот и на другите народи во РМ ако даваш стотици милиони евра во здравството, како инфраструктура, апарати и лекови, а се соочуваш со дисбаланс по региони на вложувањата во здравството, но и на здравствените услуги, со зголемена смртност на новороденчиња, на пример, со огромен одлив на лекари во приватното здравство и во странство…? И уште, притоа, да тврдиш дека немаш проблеми и дека во здравството си најдобар раководител од сите?

Дали не е дефакторизација на сопствените граѓани со непризнавање на сите аргументи за непотребноста и погрешната политика во основното и средното образовани, како и со штетните политики во високото образование, вклучувајќи ја и уништувањето на автономијата на универзитетите?

Ако се мешаш во судството и обвинителството и ако именуваш партиски послушници кои ќе го бранат твоето криминално и коруптивно однсеување, а истите ќе им судат неправично и незаконски на другите и ќе им нанесуваат зло, дали си тогаш фактор кој ги факторизираш македонскиот, албанскиот, турскиот, влашкиот народ, итн, итн.

* * *

Овие прашања може да се продолжувата до бескрај. Но, суштината е во тоа дека со погрешни политики во многу области од живеењето, како и со политките на неправна држава во која доминираат неодговорноста, неотчетноста и неказнивоста на криминалот и корупцијата, ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициони партнери во изминатите 10 години направија многу на полето на „дефакторизација“ на граѓаните во РМ.

Оттука, зборувајќи дека други што не биле на власт сега прават се за да дојдат на таа власт преку „дефакторизација“ на македонскиот народ и другите етнички заедници, е чист и недвосмислен спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција