КОНТРАСПИН: Кормилото на македонскиот „Титаник“ е кај ВМРО-ДПМНЕ

Крсто Муковски: Кој управува со македонскиот Титаник? Фото: скриншот

Може ли при апсолутна доминација на најважните политички функции, опозицијата да „влезе во кабината на „Титаник“, да ги окупира луѓето и бродот и намерно да го насочи во Санта мраз неводејќи воопшто грижа за патниците“?! Се разбира дека не може кога „конците“ ги влече партијата на Мукоски

 

Може ли при апсолутна доминација на најважните политички функции, опозицијата да „влезе во кабината  на „Титаник“, да ги окупира луѓето и бродот и намерно да го насочи во санта мраз, не водејќи воопшто грижа за патниците“?! Се разбира дека не може кога „конците“ ги влече партијата на Мукоски

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Реплицирајќи на  говорот на пратеникот од СДСМ, Марјанчо Николов, по повод ребалансот на Буџетот,  пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, даде една исклучитлно дикутабилна изјава со која ја извитоперува вистината и креира сосема искривена слика за тоа кој е одговорен за  сосотојбите во државата.

Спин: Завршивте со мислење дека треба да го повлечеме ребалансот на Буџетот за 2016 година. Јас пак имам мислење дека ако малку имате совест, доблест и чувство за оваа држава и малку срам и образ, вие денес не требаше да бидете овде како пратеничка група и да расправате за ребалансот на Буџетот. Знаете зошто? Заради тоа што сите негативни последици кои што се случуваат на економијата во Македонија во изминативе две години се по заслуга токму на вас како СДСМ. Сите негативни работи ! И сликовито да се објаснам како вие што зборувавте за Титаник. Вие сте една групација на Титаник која што влегла во кабината која што го води бродот во вистински правец, сте ги окупирале луѓето и бродот намерно сте го насочиле во санта мраз и при тоа, удирајќи во санта мраз, први го напуштате бродот, не водејќи воопшто грижа за патниците на овој брод. Е, вака ќе ја опишам сликата и она што се случува во Македонија во изминативе две години… (Мукоски)

[ИЗВОР: Курир , Датум: 25 јули 2016]

 Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Ваквиот исказ на Мукоски, кажан со невидена леснотија од говорницата на македонското Собрание, дека:  „Сите негативни последици врз економијата, сите негативни работи се по заслуга на СДСМ !“, не само што е спинерски и далеку од вистината, туку, најблаго кажано, делува смешно. Навистина, не би сакале да употребиме некој погруб збор, иако неговата реплика го заслужува тоа.

Изјавата на Мукоски, веројатно добро „легнува“ кај членовите и симпатизерите на партијата на која ѝ  припаѓа тој самиот. Впрочем,  востановена практика е за сѐ што не чини во државата да се обвини опозицијата и невладиниот сектор. Па, гледано со таквата диоптрија тие се главните виновници,  за економскиот колапс, за блокираниот евроатлански процес, за нерешениот проблем за името со Грција, за  стечанјните работници,  за егзистенцијалните проблеми со кои се соочува најголемиот дел од граѓаните, за масовното  исселување на младите…

Сепак, ваквото поимање на нештата  е надвор од реалноста. И, без да навлегуваме во детали за тоа какви се општите вклучително и  економските состојби во државата, факт е дека  ВМРО-ДПМНЕ е на власт повеќе од десет години и ги има сите механизми за контрола политичките и на економските процеси. А, од 2009 година, односно веќе седум години, и апсолутна доминација на локално и на централно ниво,  контролирајќи ги притоа трите највисоки функции во државата – претседателската, премиерската и претседател на Собранието.  Па, може ли во една таква апсолутна доминација на најважните политички функции, опозицијата да „влезе во кабината  на „Титаник“, да ги окупира луѓето и бродот и намерно да го насочи во санта мраз неводејќи воопшто грижа за патниците“ ?!

Вие сте една групација на Титаник која што влегла во кабината која што го води бродот во вистински правец, сте ги окупирале луѓето и бродот намерно сте го насочиле во Санта мраз и, при тоа, удирајќи во санта мраз, први го напуштате бродот, не водејќи воопшто грижа за патниците на овој брод.

Се разбира дека не може кога „конците“ ги влече партијата на Мукоски, која крвнички ја напаѓа опозицијата, ги сатанизира претставниците на невладиниот сектор, интелектуалците, новинарите  и воопшто секоја најмала критичка мисла која не е по мерка на ВМРО-ДПМНЕ. Па, дури, еве, и да претпоставиме дека опозицијата би посакала такво нешто, тоа  е неизводливо во ситуација кога власта има целосна контрола врз трошењето на државните пари – десет години министерот за финансии е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кога владејачката партија е длабоко инволвирана во сите пори на општеството и во услови кога нема независна и непристрасна контрола, независно судство, кога власта е најголемиот работодавец и огласувач во медиумите… Во ваква констелација на односите, кога владејачката номенклатура изминативе десет години свесно ја идентификува партијата со државата и кога интересите на врвот на ВМРО-ДПМНЕ станаа поважни од државните интереси,  нема друг виновник за состојбите на политички, економски, социјален и меѓунационален план, освен самата власт.

Значи, опозицијата едноставно не била во ситуација да ги диригира процесите ниту во економијата, ниту во која било друга сфера. Тоа што, Мукоски од парламентарната говорницата  од петни жили обвинуваше дека:

… сите негативни последици кои што се случуваат на економијата во Македонија во изминативе две години се по заслуга токму на СДСМ. Сите негативни работи!

всушност, е  добро пресметан политички спин, според кој во земја каде што сè е превртено наопаку, каде ненормалното стана нормално, а нормалното ненормално,  врз грбот на опозицијата треба да падне гревот за сите економски промашувања во изминатите десет години!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција