Контраспин: Јасно изразената волја на оние што гласаа како да не важи за Иванов

Ѓорге Иванов. Фото: Веб страница на Претседтел на РМ

Човекот кој предизвика најмалку две политичко-безбедносни кризи од широки размери, со аболицијата на над 50 осомничени лица и со недавање на мандатот на СДСМ и ДУИ во февруари, март и април 2017 година, што доведе до Крвавиот четврток, спинува дека требало да има политичка одговорност за референдумот на 30-ти септември

Човекот кој предизвика најмалку две политичко- безбедносни кризи од широки размери, со аболицијата на над 50 осомничени лица и со недавање на мандатот на СДСМ и ДУИ во февруари, март и април 2017 година, што доведе до Крвавиот четврток, спинува дека требало да има политичка одговорност за референдумот на 30-ти септември

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, се обрати до јавноста со говор во кој има повеќе спинови, од кои издвојуваме два:

Спин: Реалноста е дека референдумот не успеа. Не се обидувајте да ја измените оваа реалност. Не ја потценувајте суверената волја на македонскиот народ. Не може да се зборува за волја на мнозинството во услови кога не е исполнет законскиот цензус за референдум. 36,9% излезност не е волја на народот, туку 63,1% кои не излегоа…

…А како граѓанин, пак, очекувам од владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум. Сите во животот се соочуваме со порази. Некој повеќе, некој помалку. Големината на човекот е да го препознае и признае поразот.

[Извор: Претседател на РМ/веб страна, датум: 01.10.2018 г.]

Контраспин: Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија во своето обраќање до јавноста по завршувањето на референдумот употреби најмалку две извртени вистини, при што во едната се оградува дека ја упатува лично како граѓанин.

Во првиот случај Иванов цврсто стои на тврдењето дека резултатите покажале дека граѓаните му пресудиле на Договорот од Преспа со тоа што референдумот бил неуспешен. Притоа, Иванов децидно тврди дека „36.9 отсто излезност не е волја на народот, туку 63.1 отсто неизлезност“. Ова, без оглед на повикувањето на законите, е едноставно, ем невистина, ем дискриминиачки однос кон граѓаните.

Иванов спинува дека 63.1 отсто неизлезеност е волја на народот. Арно ама, никаде не појаснува дали таа волја е навистина волја или, пак, станува збор, барем за неколку стотици илјади помалку од тие 63.1 отсто, кои не постојат во реалноста во Република Македонија, а, сепак, фигурираат на избирачкиот список. Оттука, ако навистина сака да зборува за реалноста, Претседателот мора да ја има предвид истата и да се осврне на прашањето колку реално гласачи има во Република Македонија, а дури потоа да зборува дали нивното неизлегување е волја да гласаат против Договорот од Преспа, дали нивното неизлегување се должи на недоволна мотивираност или, пак, недоволна информарираност за значањето на овој референдум или, пак, дали нивното неизелгување се должи на желбата да го казнат СДСМ или нејзиниот најголем коалициски партнер ДУИ.

Од друга страна, волјата на над 600 илјади граѓани, кои јасно се определија „ЗА“ Договорот од Преспа, за претседателот Иванов не е волја. Тој наместо да биде претседател на сите граѓани и да ги уважува сите нивни ставови, особено ако се групирани во толкав број, тој ги игнорира, т.е ги множи со нула. Со какви политички ставови од функцијата претседател на Република Македонија, Иванов толку лесно ги помножи со нула над 600 илјади свои сограѓани со јасно изразен став?

Оттука, проценката на Иванов дека Договорот од Преспа е поразен затоа што е важен ставот на 63.1 отсто што не излегле е извртена вистина која се базира на нереална соостојба на теренот, неодредување на вистинските причини за бојкот или апстиненција, како и дискриминација на граѓаните кои гласале „ЗА“, бидејќи за претседателот тој нивен став не се брои, т.е. не постои. Зата овој дел од говорот, е спин од страна на претседателот Иванов.

Вториот спин го искажува од позицијата на граѓанин, барајќи одоговрност од организаторите на референдумот, оценувајќи дека тие доживеале пораз и мора да се соочат со тој пораз.

Како прво, поаѓајќи од деспинувањето на првиот спин, може да се оцени дека тие што го закажаа и организираа референдумот, владејачките партии преку Собранието на РМ, имаат целосно право да ги толкуваат резултатите како успех. Тоа е нивно политичко право кое ќе се проверува низ реалноста – дали ќе успеат врз основа на тие резултати да направат уставни промени согласно Договорот од Преспа или нема.

Второ, како може да се бара одговорност за политичка операција спроведена согласно програмските начела на владејачката партија, кои истоветно ги има и главната опозициска партија?

Трето, лицемерно е да се тврди од страна на Иванов дека како граѓани очекува одговорност за пропаднатиот референдум кога самиот Иванов не понесе одговорност кога граѓанството тоа го очекуваше од него најмалку на два пати. Еднаш кога ја потпиша аболицијата за над сто лица инволвирани во кривичните истраги на Специјалното јавно обвинителство, предизвикувајќи неколку месечна криза со нереди на улици, втор пат, кога повторно направи голема политичка криза со тоа што го тегнеше со недели и месеци давањето мандат на партиите кои се здружија и имаа мнозинствоо за состав на влада, по вонредните парламентрани избори во 2016 година. Сето тоа, пак, доведе до настаните од 27 април, т.н. крвавиот четврток, односно жестока безбедносна криза од која се закануваа сценарија од граѓанска војна до прогласување вонредна или воена состојба.

И сега, лик со таков бекграунд како претседателот Иванов, да изјави дека очекува одговорност поради организирање на референдум – нешто што е одамна ветено од политичките партии – е лицемерно, но истовремено е извртување на вистината, односно, исто така, спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.