Контраспин: Мешањето „баби и жаби“ за настаните од 27 април 2017 година е чист спин

Димче Арсовски Фото:ВМРО-ДПМНЕ, веб страна

Без оглед на предлозите за целосна или делумна амнестија, на 27 април лани во Собранието имаше и отворање врати и крв и луѓе со качулки што издаваа команди… Впрочем, правни експерти уште тогаш избројаа индиции за 28 кривични дела

 

Без оглед на предлозите за целосна или делумна амнестија, на 27 април лани во Собранието имаше и отворање врати и крв и луѓе со качулки што издаваа команди… Впрочем, правни експерти уште тогаш избројаа индиции за 28 кривични дела 

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Еден од портпаролите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ даде изјава за поводот за демонстрациите закажани за 28.11.2018 година, при што употреби извртување на вистината, т.е. спин:

Спин: Навршува точно една година од приведувањето на невини патриоти и родољуби кои на 27 април се најдоа во Собранието на Република Македонија од патриотски побуди. Невини патриоти понесени од патриотски причини и побуди, актери, глумци, оперски пејачи, режисери, уметници, пратеници, полициски службеници кои си ја извршувале професионално својата должност и сите останати граѓани година и пол го трпат изживувањето од страна на СДСМ дека организирале измислен тероризам. Овие луѓе имаат единствен грев, а тоа е што си ја сакаат државата.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна, датум: 25.11.2018]

 

Контраспин: Димче Арсовски, претставник и гласноговорник на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на која беше објавен повикот за протестен собир и демонстрации закажани за во среда (28 ноември 2018), рече дека поводот е едногодишнината од приведувањето на лицата кои учествувале на некаков начин на настаните од 27 април 2017 година, оценувајќи притоа дека сите тие не се виновни за тоа што се товарат и дека „единствен грев е тоа што си ја сакаат државата“.

Ваквата квалификација на обвинетиите од упадот во Собранието и насилствата извршени притоа, е извртување на вистината, т.е. спинување, без оглед на слободата што ја има секој поединец и политички субјект да изнесува свои оценки за состојбите во државата.

Најпрво, да не се заборави каква квалификација добија во јавноста овие настани: „крвавиот четврток“.

Ако некој настан завршил со насислство и со крв, тогаш не може да стане збор за „невини патриоти понесени од патриотски причини и побуди, актери, глумци, оперски пејачи, режисери, уметници, пратеници, полициски службеници кои си ја извршувале професионално својата должност“ и кои трпат „изживување од страна на СДСМ“, кој, пак, им „измислува дека организирале тероризам“.

Ставањето во ист кош на повеќето стотици учесници во овој настан, не е ништо друго освен она што народски се вели мешање на „баби и жаби“.

Второ, не е вистина дека обвинението за триесетмината лица, кои се во процесот што го води Обвинителството за организиран криминал и корупција, е за тероризам. Повеќе пати и бранители и обвинители и правни експерти појаснуваа дека станува збор за дело (Чл.313 од КЗ), кое подразбира организирано дејствување, значи со намера, за „загрозување на уставниот поредок или безбедноста“, а сето тоа беше видливо за пошироката јавност благодарение на масовниот медиумски пренос во живо од настаните на 27 април.

Беа видливи, да појасниме, и отворањето на вратите и неактивноста на дел од полициските службеници и насилствата врз пратениците и лицата во качулки како издаваат команди…

Судскиот процес за овие лица е во сериозна фаза. Обвинителството треба да ја докаже намерата и организираноста. Во исто време, во оптек е некаква амнестија за лица од овие настани. Владата го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, а денеска тоа го стори и Собранието, за целосна амнестија и упатува на нов предлог за кој ќе се договорат пратеници во Парламентот преку посебно тело.

Но, каков и исход да имаат овие обиди за правно простување на делата сторени на „крвавиот четврток“, од она што севкупната јавност го виде за време на настанот, од она што беше потврдено без никакви дилеми од правните експерти на организации што ги штитат човековите права, како што тоа беше случај со Хелсиншкиот комитет за човекви права, како и од она што досега јавноста можеше да го види од постапката во судот, во смисла на изведени докази од обвинителството, неспорно е дека не може да стане збор за невино „изразување на патриотски чувства“.

Токму затоа, изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ во делот на поводот за демонстрациите закажани за во среда, ја оценуваме како спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција