Контраспин: Мицкоски не видел ниту крв , ниту крвав четврток, гледа само тенденциозни судски процеси

Фото: Принтскрин „Отворено“ - ТВ 24

Зачудува како лидерот на опозицијата не ги видел или не се сеќава на снимките за крвавите настани во Собранието?! Чудно е и што Мицкоски не се сеќава како  мерката притвор се злоупотребуваше во време на владеењето на неговата ВМРО-ДПМНЕ, дека спектакуларно  се апсеа Љубе Бошкоски, Велија Рамковски, новинарот Томислав Кежаровски и многу други лица во изминатите десетина години

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во дебата на емисијата „Отворено – Телевизија 24“, запрашан  (53,16 од видеото)  „Што се случи на крвавиот четврток“  во одговорот што го даде ја спинуваше вистината и притоа рече:

Спин: На крвавиот четврток, ако мислите на 27 април … На 27 април се избра нелегитимен претседател на македонското Собранието на еден девијантен начин…незапаметен за македонската парламентарна демократија…

[Извор: „Отворено“ – ТВ 24 (53,23 до 53,41 од видеото),  датум: 20.02.2018]


Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

 

Контраспин: Со оваа изјава  претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски се обидува да го пренасочи вниманието од срамниот собраниски инцидент на нешто сосема друго – изборот на парламентарен спикер,  што претставува политички спин.

На прашањето на новинарот Драган Антоновски, во емисијата „Отворено“,  Мицкоски најнапред  направи дистанца од формулацијата „крвав четврток“ по што целосно го минимизираше насилниот упад во Собранието, во кој беа повредени повеќе лица – меѓу кои и пратеници (Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Дамјан Манчевски…), а најтешко беше повреден пратеникот Зијаден Села , кој беше крвнички претепан и имаше животозагрозувачки повреди.

Мицкоски не само што спинуваше за изборот на „нелегитимен претседател на македонското Собранието“  (!), туку во текот на целиот настап на ТВ 24,  ноншалантно преминуваше преку забелешките на учесниците во дебатата, кои упорно се обидуваа да го потсетат какви снимки и фотографии излегоа во јавноста за споменатиот инцидент. Наспроти тоа, Мицкоски постојано говореше за „тенденциозни судски процеси и злоупотреба на притворот во случаите со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.“

Навистина е несфатливо како еден лидер на опозицијата, во тоа време член на партискиот Извршен комитет, не видел или не се сеќава на снимките за крвавите настани во Собранието?!

Антоновски, на пример, не успеа да му ја освежи меморијата потсетувајќи го дека „крвавиот четврток“ е денот кога:

 му ја скршија главата на Заев, му ја скршија главата на Села, кога се пукаше во парламентот… (53, 30 минута од видеото).

Бадијала новинарите бараа од Мицкоски  да го слушнат неговото мислење за овој инцидент. Тој прво рече дека  „ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат“, дека уште тогаш „го осудиле таквиот начин на однесувње“, а по инсистирањето да повтори или барем да потсети што кажала ВМРО-ДПМНЕ, рече: Не би можел сега го кажам (54,35 минута од видеото).

На прашањето, пак, на новинарката Јадранка Костова (44,52 минута од видеото), дали ги гледал снимките од Собранието и дали барем малку се сомнева дека некој ги организирал тие луѓе, Мицкоски упорно ја пренасочуваше приказната кон лицата кои се во притвор. И, кога Костова го праша:Дали случајно доаѓаат насилници со маски, дали случајно се отвораат вратите, дали случајно Чавков го нема два часа… Дали малку имате сомнеж дека можеби некој замешал прсти да организира едно крваво сценарио(44,52 минута од видеото)Мицковски рече:

Не сум имал можност да ги видам доказите, сум поразговарал со семејствата на луѓето кои се во моментот притвор и од она што ми е кажано знам дека нема докази за тие луѓе што се внатре (45,24 минута од видеото)

Тој говореше за тоа дека се злоупотребува мерката притвор,  дека има спектакуларни апсења пред деца и дека се прави притисок врз пратениците и ВМРО-ДПМНЕ:

Видете ова е притисок јасен како ден и тука нема дилема (46,50) и тука секој кој сака да спори со таа намера не е чесен. (46,55 минута од видеото)

Нему му звучеше претенциозно прашањето на  новинарката „дали да не беа отворени вратите ќе се случеше масакарот во Собранието“  (Костова, 48,23 минута од видеото) и сугерураше да не се употребуваат „претешки зборови“ (масакр).  А, кога таа побара да ѝ одговри дали ја видел снимката со Зијадин Села, само кусо рече „Имаме процес којшто се одвива за господинот  Зијадин Села, тој процес има своја акција, ќе видиме како ќе заврши“,  па повторно ја врати приказната за лицата кои се притворени заради настаните од 27 април (2017):

Но, јас сега говорам за оние луѓе кои се наоѓаат во притвор од 27 ноември само со една причина затоа што никој не нашол време во рокот од 80 дена да земе изјава од нив (49,04)… Кои се апсени во раните утрински саати со 30 специјалци пред очите на децата, кои се вадени и понижувани со лисици на раце, Чавков го сликаа во затвор како шета, врти кругови. … Тоа ли е животот што дојде. (49,36 минута од видеото)

Меѓутоа, чудно е како Мицкоски не се сеќава дека истата мерка (притвор) многу често се (зло)употребуваше токму во време на владеењето на неговата ВМРО-ДПМНЕ. Во текот на емисијата тој воопшто не ги спомена телевизиските апсења на Љубе Бошкоски, Велија Рамковски, новинарот Томислав Кежаровски и многу други случаи во изминатите десетина години. Тоа во најмала рака е некоректно и покажува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има двојни аршини, едни за членовите и симпатизерите на неговата партија, а други за останатите.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.