КОНТРАСПИН: На удар не е ВМРО-ДПМНЕ, туку осомничени поединци за „Крвавиот четврток“

Упадот е окарактеризиран како тероризам врз уставниот поредок. Фото: Скриншот

Никола Груевски неколку часа по приведувањето на неколку десетини лица поврзани со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017, таквиот чин го толкува како удар врз партијата, слободомислечкиот Македонец, непочитување на правата на луѓето и парламентарците и слично, што го оценуваме како спин

Дали е напад врз партијата и демократијата ако се води истрага за лица осомничени за тешко кривично дело со запретена казна од најмалку 10 години и за настан чија позадина беше да нема примопредавање на власта на новото парламентарно мнозинство?

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 28.11.2017 одржа прес конференција во врска со приведувањето на осомничени лица за настаните во Собранието на 27.04.2017, на која, меѓу другото, го изрече и следниот спин::

Спин: …Заев и СДСМ брутално удираат кон тие кои што мислат и делуваат македонски. Ова е последниот чин на пресметка со слободномислечкиот Македонец и граѓаните кои се одважија да кажат став за разградувањето на државата, против Тиранската платформа, против насилието на власта. Против секој кој мисли македонски и се грижи за националните интереси. Во прашање е државата….На крај ударот е и на пратеничката група која не успеаја да ја разградат на друг начин и сега се оди на физичка елиминација на компактноста на пратеничката група на ВМРО за да во Собрание помине се што сакаат и е на дневна агенда…

[Извор: Веб страница на ВМРО ДПМНЕ, датум: 28.11.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Никола Груевски неколку часа по приведувањето на неколку десетини лица поврзани со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017, таквиот чин го толкува како удар врз партијата, слободомислечкиот Македонец, непочитување на правата на луѓето и парламентарците и слично, што го оценуваме како спин.

Настаните од 27 април 2017 година во јавноста се познати како „Крвавиот четврток“, затоа што во тие настани повеќе луѓе, меѓу кои најмногу пратеници, се здобија со полесни и потешки телесни повреди, а пратеникот Зијаден Села имаше и животозагрозувачки повреди.

Овие настани се случија во Собранието на Република Македонија, кога по двомесечни секојдневни протести на граѓани предводени од неколку лица – кои сега се осомничени – повеќе стотици граѓани упаднаа во Парламентот откако им беа отворени вратите на главниот и на споредните влезови, а полицијата или немо гледаше или млако се спротивстави, поради што има и десетици дисциплински постапки во МВР и доделени отказни решенија.

Настаните во Собранието – иако имаше повеќе обиди да се окарактеризираат како спонтани од страна на партијата и од страна на некои учесници, па дури и од страна на Основното јавно обвинителство, кое најпрво тужеше за нарушување на јавниот ред и мир – од експертската и политичката јавност беа оценети како организирани и како обид за преврат.

Иако веќе беше обезбедено ново парламентарно мнозинство, не се дозволуваше преземање на законодавната и извршната власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ, за што сведочат и тримесечните малтретирања со дневниот ред околу конститутивната седница на Сообранието, кога ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата сами си говореа, реплицираа и контрареплицираа.

Новото парламентарно мнозинство го сочинуваа(т) СДСМ, ДУИ, Алијансата за Албанциите и БЕСА, додека опозицијата ја сочинуваше ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и ДПА.

Бидејќи нема големи разногласија околу тоа што беше позадината на настаните, можеме да претпоставиме дека на 27 април е направен обид за насилно рушење на волјата на граѓаните (кои преку пратениците го дале својот глас и ги овластиле да се договараат околу мнозинства и околу извршна власт), односно е направен упад во демократскиот поредок на државата.

Ова кршење на демократијата, кое имаше и тешки последици, не само телесни повреди, туку и опасност од избивање меѓуетнички судири таа вечер, Обвинителството за гонење на организиран криминал при ОЈО, сега го класифицира како дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик:

Член 313

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.

Како што може да се види од овој член на Кривичниот законик, станува збор за тешко кривично дело, во кое најмалата запретена казна е 10 години.

Оттука, за каква пресметка со слободоумните Македонци зборува Груевски, за каков удар врз партијата или физичка елиминација на компактноста на пратеничката група? Ќе повториме, засега сè уште станува збор за истражна постапка.

До овој момент единствена непознаница е дали е докрај испочитувана процедурата околу приведувањето на разговор во Судот на петте пратеници, бидејќи ова прашање го регулираат само Уставот (чл.64) и Деловникот во членовите 53,54 и 55. 

Имајќи ги предвид погоре посочените аргументи, јасно е дека не станува збор за антидржавен удар врз ВМРО-ДПМНЕ и удар врз граѓани кои слободно мислеле, туку напротив, приведување и спроведување на истрага врз поединци осомничени за многу сериозно кривично дело, меѓу кои има и пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Поради тоа, посочените изјави на Груевски, истите претходно изнесени и во партиското соопштение, ги оценуваме како извртена вистина, односно спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција