Контраспин: Не постои лично обезбедување од МВР „на повик“!

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не може да се амнестира себе или извршната власт од второто бегство на лица обвинети или осудени по обвинение на СЈО. Ова го тврдат наши упатени извори, но го потврдуваат и законите и подзаконските акти што ги консултиравме

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не може да се амнестира себе или извршната власт од второто бегство на лица обвинети или осудени по обвинение на СЈО. Ова го тврдат наши упатени извори, но го потврдуваат и законите и подзаконските акти што ги консултиравме

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, ја даде следната изјава во која има извртена вистина, т.е. спин:

Спин: 24 часовното обезбедување што го има лично (Никола Груевски – н.з.), е обезбедување кое што го користи на негов повик… Последен пат неговото обезбедување го оставиле дома на 8-ми ноември, некаде околу 23 часот… Јас размислувам во однос на одговорноста на оние кои што не им одредуваат притвори на луѓе кои што се опасност да бегаат…

[Извор: 21 ТВ – Спасовски не размислува за оставка: Одговорноста барајте ја кај судиите – датум:  13.11.2018]

 

Контраспин: На Спасовски, кому како на министер за внатрешни работи по втор пат му се случува да му исчезне од државата лице од висок профил поврзано со процеси што ги води СЈО, му е сосема јасно дека некаква одговорност за исчезнувањето на поранешниот премиер Никола Груевски треба да има. Тој сега ја бара во судовите, со што ја врти воденицата надвор од својот ресор, од извршната власт и отфрла целосна одговорност.

Иако е точно дека мерките за претпазливост кај обвинетите лица се кај судовите и дека судот работи од понеделник до петок, што не го ослободува од одговорност, МВР работи 24/7, а „лично обебедување на повик“ во МВР нема, покажа нашата проверка по законите и подзаконските акти, како и консултацијата што ја направивме со лица кои порано биле на високи полициски функции и во јавната и во тајната полиција (БЈБ и УБК при МВР), а кои побараа да бидат анонимни.

Нашите извори тврдат дека е неодговорно од Спасовски да тврди дека има обезбедување на повик.

– Обезбедувањето е на Груевски е со одлука на надлежен орган, донесена врз основа на Законот за Влада, како кон лице поранешен премиер и дотолку поголема е важноста на неговото обезбедување. Неговата безбедност е, всушност, работа за која е одговорна целата Влада, а посебно МВР, затоа што лицата што го обезбедуваат примаат наредби и плати од МВР, а не од Груевски. Кој ќе беше виновен или одговорен ако на Груевски физички нешто му се случеше од осми до денеска – прашува еден од нашите извори.

Тоа го покажа и проверката на „Вистиномер“ на документите од јавен карактер. Законот за Владa со дополнувањето од 2013 година му овозможува на Груевски како на поранешен премиер 24 часовно лично обебзедување од 6 обезбедувачи, кои може сам да ги одбере, но кои се во соодветна организациона единица во МВР, возило и возач, во времетраење еднакво онолку колку што бил премиер. Сето тоа е предвидено со новиот Член 14-а од Законот за Влада, кој е додаден од тогашната Влада и усвоен од Собранието во 2013 година.

Во Законот за полиција во Член 127 се наведува дека Владата ќе донесе подзаконски акти како се извршува обезбедувањето. И вистина, тоа е донесено со Уредба за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, донесена од Владата во 2014 година, во која прецизно се наведува во Член 6 дека обезбедување му следува и на поранешен премиер:

Од страна на Министерството за внатрешни работи со редовни мерки и активности за обезбедување се обезбедуваат и:

– Претседателот на Република Македонија по престанување на функцијата и членовите на неговото потесно семејство согласно закон и

Претседателот на Владата на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно закон.

Член 18 од оваа Уредба во првиот став наведува дека „мерките и активностите за обезбедување на личности и објекти се состојат од преземање на:

оперативно-превентивни мерки и активности за обезбедување на личности, објекти и простори;

А, Член 21 од Уредбата прецизно наведува од што се состојат мерките:

Мерките и активностите за физичко обезбедување се состојат од спроведување на непосредно и лично физичко обезбедување и примена на други физички мерки и активности заради спречување на загрозување на сигурноста на личностите и безбедноста на објектите што се обезбедуваат, вклучувајќи и сообраќајно и ескортно обезбедување на личности и објекти.

Порано оваа служба ја извршуваа лица од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во тн. 6-та управа. Од Органограмот на структурата на МВР, без УБК од 2015 година, се гледа дека оваа прилично голема служба, т.е. Оддел, сега е сместена под Централните полициски сили, со кои, пак, управува Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР. Директорите на БЈБ и на УБК ги именува Владата по предлог на Министерот за внатрешни работи, со кого, патем, тесно соработуваат во секојдневната работа.

Како што може да се види од Уредбата, во ниту еден момент не се остава можноста „мерките за обезбедување личности“ да се состојат од мерки „дежурен на повик“ на лицето што се обезбедува. Напротив, без оглед на тоа какви правилници постојат или какви одлуки и да се донесени од директорот на БЈБ или на министерот, Уредбата е јасна, дека обезбедувањето треба да е непосредно и лично и со примена на други мерки и активности за заштита на линоста.

Нашите извори појаснуваат дека Груевски може да побара на одредена локација да не биде придружуван од лицетото кое го обезбедува, но дека целокупното негово обезбедување поради извршување на нивната основна задача за безбедност на Груевски, мора во секој момент да знае каде е тој, па обезбедувачите и нивниот шеф носат план на кој начин ќе се грижат за неговата безбедност додека физички не се покрај него во објектот каде што престојува.

Покрај ова, изворите нè уверуваат дека во полициската работа постои нешто што се нарекува „оперативен надзор“ и дека таков надзор може да се донесе и без никаква одлука од суд, доколку надзорот се спроведува врз лице или објект што е безбедносно интересено за службата (било БЈБ било УБК). Оттаму и зачуденоста. Не само за Груевски, за кого се знаеше десетина дена дека се очекува можно упатување на извршување казна затвор, туку исто или и особено за Горан Грујовски, кој сега има азил во Грција. Зошто за овие лица не бил воведен оперативен надзор се прашуваат нашите извори, кои потенцираат дека тој оперативен надзор не претпоставува следење на комуникациите за што е потребна дозвола од обвинител или суд и дека со него можело да се спречи бегството и во двата случаја.

Оттука, можно е да има и некаква вина и кај судот, кој уште во петокот вечерта можел да побара потерница од МВР, но, секако, МВР не е без вина за овие две бегства на лица од висок профил од случаите на СЈО, нè уверуваат нашите извори.

Поради погоре утврдените факти и изнесените аргументи, може да се оцени дека изјавата на Спасовски е извртена вистина, односно спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.