Контраспин: Нема равенство меѓу Груевски и Република Македонија

Чудно е што Груевски говори за „користење правни средства за притисок“ против него и нема верба во судскиот систем, на кој немаше примедби за време на десетгодишниот премиерски мандат. Во периодот додека тој беше претседател на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ (2006-2016), не слушнавме дека има приговори за политички реваншизам кон неистомислениците. Но, сега кога е во прашање неговата кожа, Груевски обвинува дека имаме заробено судство и дека судиите во постапките имаат двојни аршини. Сега му сметаат истите судии извлечени од „тефтерчето“ на неговата долгогодишна верна соработничка, ексминистерката за полиција Гордана Јанкуловска

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Пратеникот и експремиер Никола Груевски вчера (01.03.2018) во Кривичниот суд на судењето за случајот „Траекторија“, меѓу другото, ја даде и следната изјава која ја сметаме за политички спин:

Спин: Обвинувањето е користење правни средства за притисок врз мене како поранешен премиер и тогашен претседател на ВМРО ДПМНЕ, во полза на СДСМ. Целта е да ми се нанесе лична штета за постигнување други цели. Мене ми е веќе нанесена штета, оштетена е партијата, целта е да ѝ се наштети и на Република Македонија

[Извор: СДК.мк, датум: 01.03.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Со оваа изјава поранешниот премиер Никола Груевски ја спинува вистината, претставувајќи се себеси како жртва на политички реваншизам и злоупотреба на правни механизми, при што освен тој и неговата партија, ќе настрада и Република Македонија?! Токму ваквото поситоветување на Груевски со државата прозучува исклучително претенциозно.

Всушност, ставајќи се во улога на личност врз која се води политичка хајка „со крајна цел  да ѝ се наштети на Република Македонија“,  експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ го дефокусира вниманието од суштината на обвинението на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за случајот „Траекторија“. Во овој предмет на СЈО, Груевски заедно со поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски, се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.

Според СЈО, Груевски сторил кривично дело „примање награда за противзаконско влијание“, додека Јанакиески, Пешевски и Георгиевски сториле „злоупотреба на службена должност“.  СЈО твдри дека со противправното дејствување на обвинетите, кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија ја плаќа на подизведувачите. И, како што беше објавено, во воведниот говор на СЈО за предметот „Траекторија“: 

Повод за започнување на кривичната постапка по овој предмет против обвинетите Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски беше содржината на јавно објавените, но и на необјавените телефонските разговори и СМС пораки од кои произлегува дека при изборот на компанијата, која денес ги гради автопатните делници Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, биле повредени законските прописи кои го регулираат начинот на вршење на јавните набавки. Во еден од јавно објавените разговори воден на 05.04.2013 година, слушнавме како тогашниот министер за финансии му пренесува на тогашниот министер за внатрешни работи дека сега обвинетите Владимир Пешевски и Миле Јанакиески или, како што во разговорот ги ословува, Миле и Владо, треба да направат нешто незаконско, да потпишат договор со кинеска компанија што ќе ги гради патиштата без тендер.

Тргнувајќи од содржинате на овој разговор и содржината на другите, јавно објавени, но и необјавени разговори поврзани со изборот на компанијата која ги гради автопатите, беа прибавени голем број докази врз чија основа беше поднесено и обвинението по кое постапуваме денес. Од содржината на материјалните докази, од извршените вештачење, од изјавите на сведоците, како и од содржината на телефонските разговори и СМС пораки, ќе ги докажеме фактите изнесени во обвинението, односно: Ќе докажеме дека обвинетиот Никола Груевски, мотивиран од „5 на целото…“, како што слушнавме во јавно објавените разговори, го искористил своето реално влијание и службената положба како премиер и побарал од обвинетите Владимир Пешевски, кој ја вршел функцијата вицепремиер задолжен за економски прашања, и Миле Јанакиески, кој бил министер за транспорт и врски, да извршат избор на фирма која ќе ги гради автопатните делници без спроведување на постапка за јавна набавка… (Воведно излагање на СЈО за предметот „Траекторија“)

Значи, Груевски во овој случај – „Траекторија“,  е обвинет за незаконско влијание при изборот на фирма изведувач за двата автопата и тоа, според СЈО, мотивиран од наградата (провизијата) од договорот со кинеската компанија („5 на целото“), а Судот допрва ќе процени дали тој има, или нема вина.

Тоа го говорат фактите, независно што Груевски  од сегашната ситуација во која се наоѓа, гледа на случајот како на монтиран судски процес, во кој не само што е нарушен неговиот углед, туку  целта е да ѝ се наштети и на Република Македонија“.

Чудно е што Груевски говори за користење правни средства за притисокпротив него и нема верба во судскиот систем, на кој немаше примедби за време на десетгодишниот премиерски мандат. Во периодот додека тој беше претседател на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ (2006-2016), не слушнавме дека има приговори за политички реваншизам кон неистомислениците. Такво нешто не забележа кога се затвораа Љубе Бошкоски и Велија Рамковски. Тој не виде неправда ниту кога го уапсија и осудија колегата Томислав Кежаровски и уште многу други случаи изминатава деценија.

Но, сега кога е во прашање неговата кожа, Груевски обвинува дека имаме заробено судство и дека судиите во постапките имаа двојни аршини. Сега, му сметаат истите судии кои, според „бомбите“, се извлечени од „тефтерчето“ на неговата долгогодишна верна партиска соработничка, ексминистерката за полиција Гордана Јанкуловска. Затоа и  прави равенка меѓу него и Македонија(!), што е сосема несоодветно (да не употребиме некој потежок збор).

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *