Контраспин: Одговорноста не е пинг-понг топче па да се префрла кому како ќе му легне

Толку е очигледно дека Џафери ја извртува вистината што нема ни потреба посебно да се објаснува. Доволно е само да се преповтори некој член од ЗКП, да се потсети јавноста на неодамнешната серија бегства на високо позиционирани поранешни функционери и лица со посебни овластувања и да се запрша, зошто судот би бил виновен покрај еден избеган екс премиер, доколку сега избега и еск спикер?

Толку е очигледно дека Џафери ја извртува вистината што нема ни потреба посебно да се објаснува. Доволно е само да се преповтори некој член од ЗКП, да се потсети јавноста на неодамнешната серија бегства на високо позиционирани поранешни функционери и лица со посебни овластувања и да се запрша, зошто судот би бил виновен покрај еден избеган екс премиер, доколку сега избега и еск спикер?

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, без никаква ограда изнесе спин околу случајот со Трајко Велјановски:

Спин: За изјавата на обвинителката Вилма Рускоска дека Собранието ќе биде одговорно за евентуално бегство на Вељаноски и Љупчо Димовски, кому исто така не му е одземен имунитетот, Џафери вели дека е дадена за медиумски цели. За тоа, потенцира тој, одговорни ќе бидат судовите, бидејќи тие треба да го обезбедат присуството на обвинетите. Мое, рече Џафери, е да се грижам за работата на Собранието и тоа да се прави врз основа на процедури.

[Извор: ТВ Телма – Џафери: Судот ќе биде одговорен… датум: 27.02.2019]

 

Контраспин:Се слушаш ли што зборуваш Џафери“? Оваа реченица е преземена од пратеникот на СДСМ и потпретседател на партија Мухаед Зекири во врска со некои експликации на претседателот на Собранието Талат Џафери околу случајот со неизгласувањето одземање мандат на пратеникот Трајко Велјановски. Но, реченицата е сосема идеална и за да се објасни извртувањето на вистината, односно, спинувањето на Џафери околу тоа кој ќе бил одговорен доколку утре, хипотетички, Трајко Велјановски и Љупчо Димовски не се појават по барањето на судот во која било фаза од правосудната постапка околу двата различни случаи во кои се осомничени.

Репликата на Џафери околу одговрноста на судот за ова е упатена директно на контото на шефицата на Основното обвинителство за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, која откако Собранието на РСМ не успеа да донесе одлука за барањето на Основниот суд Скопје 1 за одземање на имунитетот на Трајко Велјановски, одговорноста ја префрли врз Собранието: „Ако избегаат (Велјановски и Димовски-н.з.) Собранието нека му ја мисли“(види тука). 

Сега Џафери вели дека изјавата на Рускоска била дадена за медиумски цели. Од кои причини Рускоска ја дала изјавата на јавноста не е познато, освен фактот дека беше прашана околу случувањата во Собранието. Изјавата на Рускоска, фактографски гледано, сепак, е точна.

А, точна е затоа што Обвинителството имало за двата неповрзани случаи предистрага, па истрага. Во истрагата има повеќе осомничени лица од кои двајаца се Велјановски и Димовски. Обвинителството, исто така, побарало одредување мерка притвор за обезбедување на лицата во текот на истражната постапка.

Мерката ја изрекува судија на претходна постапка врз основа на образложение од обвинителството. Судијата, по претходно сослушување на доказите зошто се бара таква мерка, по сослушувањето на осомничените во присусутво на нивните бранители, решава дали ќе го прифати целосно, делумно или целосно ќе го отфрли барањето на обвинителот. Сè се ова познати работи во процесното право што се до најситен детал запишани во Законот за кривична постапка (од Член 163 па надолу)

Во случајот или поточно во двата случаи кои се различни, Кривичниот суд во Скопје на повеќето од осомничените им изрече мерка притвор, а тоа има намера да го стори и со двајцата пратеници. Но, за да донесе таква одлука, на двајцата пратеници треба да им се одземе пратеничкиот имунитет, кој во фаза на истрага ги заштитува од мерката за обезбедување – притвор, освен ако не се фатени во извршување на самото кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку 5 години (Член 64 од Уставот).

Бидејќи Собранието не донесе таква одлука, а бидејќи во разни фази на правосудната постапка во блиско минато имавме неколку спектакуларни бегства на обвинети или осудени за дела на висока корупција или организиран криминал (Груевски, Грујовски, Бошковски, ит.н.), а притоа сè уште трае истрагата за тоа како избегале, сосема е јасно дека во дадениот случај Судот не може да биде виновен ако нешто слично се повтори со осомничените Велјановски или Димовски. Обвинителството бара притвор, кој судот го прифаќа, арно ама Собранието не изгласува правни услови мерката да се спроведе. Во случајов, Собранието дури и нема одлука дека нема да им го одземе имунитетот со некои, да речеме, принципиелни и силни аргументи зошто го прави тоа, а има право и должност да ги изнесе и да даде такво образложение, туку едноставно не носи одлука. Зошто, тоа е сосема друга приказна. Но, Судот, да повториме, во случајот на Велјановски и Димовски нема да има никава евентуална одговорност, сè додека тие имаат имунитет.

Оттука, кристално јасно е дека изјавата на Талат Џафери околу случајот Велјановски е извртување на вистината, т.е. спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција