Контраспин: Овој процес „не го признавме“ додека обвинителка е Фетаи?!

Обвинетите чекале на смена на Фетаи. Фото: скриншот

Ваквиот став на обвинетите искажан од одбраната за смена на обвинителката Фета е извртување на вистината, т.е. спин. Вистината е малку поинаква од тврдењето на одбраната – Советот на јавни обвинители не побара директно промена, туку сугерираше преку препорака СЈО да размисли за евентуална промена на Фетаи

 

 

Ваквиот став на обвинетите искажан од одбраната за смена на обвинителката Фета е извртување на вистината, т.е. спин. Вистината е малку поинаква од тврдењето на одбраната – Советот на јавни обвинители не побара директно промена, туку сугерираше преку препорака СЈО да размисли за евентуална промена на Фетаи

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Продолжувањето на процесот против екс премиерот Никола Груевски и единаесетмина други лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Миле Jанакиески е доведено во прашање, затоа што одбраната на обвинетите за насилство и поттикнување на насилство сметаат дека треба да биде сменета обвинителката:

Спин: Адвокатот Додевски кој беше присутен во судницата, појасни дека обвинетите не се појавиле, бидејќи како што рече, имало непостоење на процесни претпоставки, односно одбраната чекала СЈО да ја спроведе одлуката на Советот на јавни обвинители, кој побара специјалната обвинителка Јанева да ја изземе Фетаи од случајот и да постави нов обвинител.

[Извор: Фокус, веб, (слично и на Нова, веб), датум: 10.03.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Контраспин: Ваквиот став на обвинетите, искажан од одбраната, иако го немаме во директна форма, го сметаме за јасно извртување на вистината, т.е. спин. Аргументите се прилично јасни, а тие се дека вистината е малку поинаква од тврдењето на одбраната, т.е преку нив и на обвиетите.

Пред неколку дена по барање на судијката што го води процесот Татјана Михајлова, Советот на обвинители на РМ проценувал дали имало неетичко однесување од обвинителките кои биле присутни на последното рочиште одржано во февруари годинава и го застапуваат обвинениeто – специјалната обвинителка Катица Јанева и обвинителката Фатиме Фетаи.

По седницата на Советот на обвинители, изјава даде претседателот на оваа институција, Петар Аневски:

Јавните обвинителки Катица Јанева и Фатиме Фетаи го прекршиле етичкиот кодекс на јавните обвинители на Република Македонија. Исто така, дадовме препорака до јавниот обвинител, со заклучок, дека ќе треба да ја разгледа можноста од определување на друг јавен обвинител, за застапување на тој предмет, – изјави Аневски. (ТВ 21, 0,24 сек, од видеото).

Како што може да се види, не постои никакво барање за смена, туку „препорака“, во која главниот заклучок бил дека „ќе треба да ја разгледа можноста“…

Оттука, сосема е јасно дека присуството на Фатиме Фетаи која го води случајот и присуството на Катица Јанва, на денешното рочиште во судот (10.03.2017), не е нешто што морало да биде испочитувано како процесен предуслов, како што тврди одбраната, т.е. обвинетите.

За спинот да биде поубедлив, ниту Аневски, ниту одбраната ги интересира зошто судијката Михајлова на Советот на обвинители му ја доставила експресно снимката од рочиштето, каде што од нејзина страна Јанева и Фетаи беа казнети со по 2.000 евра, а не сака да ја ја достави снимката од претходното рочиште поради утврдувањето на точноста на записникот.

Станува збор за судски процес против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој во времето за кое се товари во обвинението  бил премиер, за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, за пратеничката Даниела Рангелова, тогаш советничка, како и за уште 11 лица кои се обвинети за поттикнување и изведување насилство врз Општина Центар и закани кон градоначалникот Андреј Жерновски.

Првообвинет во случајот  е  Груевски, кој се товари дека го нарачал насилството, а другите се обвинети или како организатори или како изведувачи и спроведувачи.

Судскиот процес започна при крајот на минатата година, а го води судијката Михајлова. Таа најпрво снимките со кои располага СЈО не ги прифати како легални докази, за што СЈО поднесе жалба до Апелација која сè уште се разгледува, а потоа доцнеше со записникот од рочиштата кои требаше да ги достави и до СЈО. Кога обвинителките побараа и видео запис за да потврдат дека записникот е неверодостоен, добија и парични казни и етикети дека постапувале непрофесионално.

Груевски, пак, уште претходно во едно подолго интервју за ТВ НОВА изјави дека не се чувствува како обвинет, ниту виновен и дека ја разбирал и сочувствувал со судијката која морала да го води предметот (после 31-ва минута во видеото).

Самото обвинение е покренато врз основа на нелегално прислушкуваните телефонски разговори што ги објавуваше СДСМ во 2015 година, каде имаше и телефонски разговор помеѓу лица чии гласови соодветствуваат со оние на Никола Груевски и Миле Јанакиски и каде се слуша (последна снимка), дека Груевски порачува удирање на три-четири шамари на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, откако претходно ќе се собереле едно две илјади граѓани кои ќе влегле во Општината. Јанакиевски одговара дека е можно тоа да се организиара и дека ќе го спроведе.

Поради погоре изнесените аргументи дека Советот на обвинители не побарал, туку упатил препорака и побара СЈО да размисли за смена на обвинителката Фетаи, сметаме дека ставот на обвинетите искажан преку одбраната за причините за непојавувањето на денешното судско рочиште, е спин и купување време за да се одолговлекува процесот.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција