КОНТРАСПИН:  Пелети – Трајановски сака со „рипче да фати крапче“

Најавата за почист воздух во град Скопје преку субвенциии на граѓаните за купување на печка на пелети, е обичен спин, оти нема таков резултат со толку малку пари колку што замислиле да одвојат од градската каса

 

Пишува: Теофил Блажевски

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски најави субвенции на Градот за сите заинтересирани граѓани да ги заменат своите печки на дрва со нови што ќе користат пелети, притоа тврдејќи дека со тоа ќе се придонесе за заштита на квалитетот на воздухот во главниот град:

Спин: Со оглед на тоа што една од главните причини за загадување на воздухот во градот Скопје е затоплување на домовите со дрвја, остатоци од мебел и други несоодветни горива со оваа мерка сакаме да стимулираме при затоплувањето граѓаните на град Скопје да користат пелети…. Субвенционирањето е една од мерките за заштита на амбиенталниот воздух во градот Скопје и е дел од акциониот план на стратегијата за климатски промени на Градот Скопје.

[Извор: Веб страница на ВМРО ДПМНЕ, Датум, 06.10.2016]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Иницијативата на Трајановски е всушност пресликување на локално ниво на иницијативата на лидерот на партијата Никола Груевски, кој како партиски проект за граѓаните ги најави овие субвенции пред неколку месеци.

„Вистиномер“ ја анализираше изјавата на Груевски со детални пресметки, колку пари се планирани за колку години, колку граѓани, односно семејства се греат на дрва и колку имаат потреба од замена, колку чинат пелетите и котлите за согорување на пелети и сите предности и мани. Притоа, ја оценивме изјавата на Груевски како „недоследна“, пред се поради тоа што се ветуваат големи резултати, но со недоволно одвоени пари од буџетот, дури и при ситуација само половина од домаќинствата и тоа надвор од Скопје, да изразат интерес за греење со пелети.

Од тогаш во реализацијата на оваа мерка е напредувано во измената на законската регулатива и тоа неодамна, така што пратениците со огромно мнозинство го поддржаа предлогот за измена на законот за даноци, при што ДДВ-то за пелетите, печките и котлите за греење со пелети е намалено од 18 на 5 отсто.

Она што е оценето како „недоследно“ во иницијативата на Груевски за замена на дрвата со пелети како средство за греење беа планираните пари, а потполно исто се однесува и на иницјативата на Коце Трајановски.

Според проценките на релевантни домашни и странски институции, ОЕЦД и Министерство за економија (публикациите е наведена тука), во Македонија околу 33 отсто од домаќинствата се греат на дрва. Во Скопје според последните статистички показатели од 2002 година, има 146 илјади домаќинства. Од нив над 40 илјади беа приклучени на системот на централно греење, што значи остануваат околу 100 илјади домаќинства кои се греат на друг начин – струја, нафта или дрва. Ако ја примениме бројката од 33 отсто на ниво на држава, произлегува дека околу 33 илјади домаќинства во Скопје се греат на дрва. Од друга страна градоначалникот Трајановски вели дека за проектот за субвенции на граѓаните се издвоени нешто под 6 милиони денари, што изнесува околу 97 илјади евра:

Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, се до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 5.890.000 денари, но не подоцна од 30.11.2016 година, т.е. јавниот повик ќе биде објавен во текот на наредната недела, после објавување на советот во Службен Весник на Република Македонија, а ќе трае до 30.11.2016 година.

Според грубата пресметка на цената на чинење на печките или котлите за загревање на простории до 60 метри квадратни, (од околу 40 илјади денари), при што градот ќе субвенционера не повеќе од 30.000 денари, треба да се има предвид дека речиси сите побарувања ќе бидат на оваа максимална сума. Оттука произлегува, дека ќе можат да се покријат максимум околу 200 семејства кои би биле субвенционирани со по околу 487 евра, што доведува приближно до сумата што би ја одвоил Град Скопје од 97 илјади евра.

Двеста семјства од претпоставени околу 33 илјади семејства што се греат на дрва, изнесува само 0,6 отсто од печките на дрва во Град Скопје.

Покрај ова, Коце Трајановски вели во пресрет на грејната сезона…Грејната сезона веќе започна, иако официјално започнува на 15-ти октомври. Тендерот ќе биде распишан другата недела, а ќе трае до последниот ден од ноември. Тешко е да се очекува дека граѓаните што  ќе изразат желба, ќе чекаат декември, јануари или февруари да си го решат прашањето на греење или дека досега веќе не се снабдиле со дрва. Оттука, ако се мислело сериозно за во „пресрет на оваа грејна сезона“, ваквата акција требало да ја почнат порано.

Бидејќи е јасно дека ниту со 0,6 отсто од заменети печки ќе се добие квалитативна разлика на воздухот во Скопје, ниту пак ќе се покрие оваа грејна сезона, тврдењето на Трајановски за поквалитетен амбиентален воздух го оценуваме како извртување на вистината или спин, дури и ако ги земеме предвид неговите зборови дека тоа е само една од мерките.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *