Контраспин: Правдата е главниот проблем на ВМРО-ДПМНЕ

Резултатот од судските процеси, од натамошните истраги, особено од оние на СЈО, се закана пред се за ВМРО-ДПМНЕ и како поранешен, но и како денешен раководен состав, зашто и овој денешниот, никогаш не го напушти речникот, однесувањето и постапките на поранешното ВМРО-ДПМНЕ, не само во однос на СЈО. Всушност од овој проблем за ВМРО-ДПМНЕ произлегуваат и ставовите и однесувањето и за Договорот од Преспа и за уставните измени

Резултатот од судските процеси, од натамошните истраги, особено од оние на СЈО, се закана пред се за ВМРО-ДПМНЕ и како поранешен, но и како денешен раководен состав, зашто и овој денешниот, никогаш не го напушти речникот, однесувањето и постапките на поранешното ВМРО-ДПМНЕ, не само во однос на СЈО. Всушност од овој проблем за ВМРО-ДПМНЕ произлегуваат и ставовите и однесувањето и за Договорот од Преспа и за уставните измени

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение/став/изјава во која има извртена вистина, т.е. спин:

Спин: СЈО е институција во рацете на власта за политички прогон на неподобните и тоа е непобитен факт, кој сите го гледаат.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб-страна – датум: 14.10.2018]

 

Контраспин: Најновите истраги отворени од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) беа повод опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ да излезе повторно со извртени вистини за оваа институција, т.е со спин.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека институцијата е „во рацете на власта“ и служи за „политички прогон на неподобните“. За да го деспинуваме овој спин на ВМРО-ДПМНЕ ќе направиме мини хронологија која, всушност, ќе покаже една конзистентност на ВМРО-ДПМНЕ кон СЈО и ќе покаже дека главната грижа на раководството на оваа партија не е Договорот од Преспа, туку токму правдата до која може да доведат процесите што го води СЈО пред судовите, како и истрагите што сè уште не се на ниво на обиненија, затоа што се бара правен модел тоа да може да се стори, а да не се повреди Законот за СЈО.

 

ОД ПРИСЛУШКУВАЊЕ И МЕСТЕЊЕ ИЗБОРИ ДО ПЕРЕЊЕ ПАРИ

Еве неколку непоботни факти што ќе помогнат да се разјаснат нештата:

  • СЈО е формирано со договор меѓу четирите тогашани главни партии во Собранието на РМ на 15-ти септември 2015 година, со главна цел да одговори на прашањето кој прислушувал и зошто и да ги расветли криминалните дела произлезени од нелегалното прислушкување;
  • Никола Груевски, тогашен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, по постигнувањето на договорот, изрази задоволство и од договорот за формирање на СЈО и од изборот на Катица Јанева за главен обвинител на оваа институција;
  • Првиот случај што го презеде во работа СЈО од редовното обвинителство беше случајот „Пуч“, покрај другите 33, за кои се изјасни дека е надлежно и тоа се случи на 14 декември 2015 година. Да потсетиме, тоа беше случајот што го покрена ЈО на РМ против Зоран Заев и петмина други кои беа обвинети од Никола Груевски дека сакале да ги уценуваат највисоките државни функционери од тоа време, а за таа цел шпионирале во соработка со странски служби.
  • Ставот на ВМРО-ДПМНЕ кон СЈО веднаш се смени по ова. Најпрво полуотворено, а потоа и со отворени напади. Највисоките претставници на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од Никола Груевски, ја напѓаа институцијата, а следејќи ги тие политички изјави и другите институции, пред сè, Советот на јавните обинители, Судскиот совет и Основниот суд Скопје 1, но и Централниот регистер, Катастарот и други, постојано правеа опструкции на работата на СЈО во текот на целата 2016 година. Покрај ова, кривични пријави, пристигнуваа и против СЈО, за чија разрешница јавноста не беше информирана, што најверојатно значи дека се отфрлени, особено што оттогаш изминаа над две и пол години;
  • Притисоците и опструкциите врз СЈО беа забележани и во Европа. Уште во март 2016 година Европскиот парламент ги повика властите да не прават опструкции на правдата.
  • Главните истраги што во вториот дел од 2016 година ги отвори СЈО се однесуваа на прашањето кој прислушувал (денешниот спор „Таргет-Тврдина“), при што расветлено е дека тоа се правело од просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање, без судски налог и дека биле прислушувани околу 6 илјади броеви а со нив опфатени над 20 илјади граѓани. Воедно беа отворени и истраги за изборни измами и нерегуларности, кои, исто така, завршија со обвиненија под името Титаник 1, 2 и 3.
  • Уште една клучна истрага што ја води СЈО, која е многу непријатна и за тогашното, но и за сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, е истрагата под кодно име „Талир“. Според досегашните сознанија, СЈО тврди дека основано сомничи повеќе лица меѓу кои и тогашниот претседател на партијата, Никола Груевски, за перење пари, односно за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2015 година.
  • Во моментов се водат 20-тина судски процеси по однос на обвиненијата на СЈО при што најголем дел се за поранешни и сегашни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и процесот за изградбата на автопатите во РМ, Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, тешки стотици милиони евра, при што преку злоупотреба на положбата и неспроведување на соодветниот закон, оштетен е буџетот на РМ, а за награда што ја побарал Груевски (Траекторија).
  • Исто така, во моментов, СЈО отвора уште истраги, меѓу кои и истрагата за одлевање средства од Буџетот на РМ во полза на руска компанија, а за сметка за изградба на гасоводот, при што Русија требаше да го врати клириншкиот долг кон РМ од тогашни 60 милиони долари, а со која за прв пат е опфатен и поранешниот минисер за финансии Зоран Ставревски (Подарок).

 

КРВАВИОТ ЧЕТВРТОК ДОПОЛНИТЕЛНА ГЛАВОБОЛКА

Покрај првите пресуди, од кои некои се и правосилни, СЈО дополнително работи на преслушување на незаконските снимки и СМС пораки што му беа предадени од страна на тогашната опозиција на СДСМ. Значи, може да се очекуваат нови истраги, а со евентуално обезбедување на двотретинско мнозинство на кој било начин, што во даден момент на развој на земјата ќе биде неопходно, може да се очекува истрагите да прераснат автоматски во обвиненија и нови судски процеси.

На ВМРО-ДПМНЕ на глава ѝ стојат и можните пресуди во процесот што се води за настаните од 27 април 2017 година за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок, а во кој се инволвирани како обвинети и пратенци од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција.

ВМРО-ДПМНЕ, т.е. сегашното раководство на партијата никогаш не се оградија ниту за поранешните одлуки на обвинетите и веќе осудените, ниту за настаните од 27 април, во смисла на тоа дека можеби и нивни пратеници организирано учествувале во насилството, како што тврди Јавното обвинителство.

Од друга страна, расветлувањето на делата поврзани со незаконското прислушкување и расветлувањето на настаните од 27 април 2017 година, кои, во суштина се поврзани настани, се бара не само од домашната, туку и од меѓународната јавност и се смета како услов за натамошна европска интеграција на РМ.

Конечно, да не се заборави, дека во оваа земја со согласност и на власта и на опозиција имаше документ кој се нарекуваше Итни рефорсмки приоритети и кој се базираше и врз двата извештаја на експертската група на Рајнхард Прибе, кои, пак, се составен дел од изввештаите на Европската унија за Република Македонија.

Оттука, резултатот од судските процеси, од натамошните истраги, особено од оние на СЈО, се закана пред сè, за ВМРО-ДПМНЕ и како поранешен, но и како денешен раководен состав, зашто и овој денешниот, никогаш не го напушти речникот, однесувањето и постапките на поранешното ВМРО-ДПМНЕ, не само во однос на СЈО.

На крај, обвиненијата и истрагите од кои произлегуваат и судските случаи и пресудите, се однесуваат на период кога владејачка структура во Македонија беше ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и во извршната и во законодавната, па и во судската власт, иако таа глумеше независност. Оттука, сосема е нормално најголемиот дел од обвиненијатта и судските процеси да се однесуваат на луѓе поврзани со ВМРО-ДПМНЕ или делумно и ДУИ.

Затоа, тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека СЈО е институција во рацете на власта, која служи за политичкки прогон на неподобните, е извртена вистина и спинување наменето за јавноста. Всушност, од овој проблем кој го има ВМРО-ДПМНЕ со СЈО, произлегуваат и ставовите и однесувањето на партијата и за Договорот од Преспа и за уставните измени.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.