Контраспин: Референдум за името е подемократска форма за изразување на волјата на граѓаните од гласање во Собранието

Ако се следи Уставот и демократските начела референдум мора да има. Фото: скриншот

Изјавите со став дека можеби и не мора да има референдум за евентуалната промена на името на Република Македонија, а последна таква даде претседателот на парламентот Талат Џафери, се извртена вистина, т.е. спин. Не само затоа што главните две партии во РМ повикуваат на тоа, туку затоа што референдумот произлегува од Уставот на РМ и како облигација

 

Изјавите со став дека можеби и не мора да има референдум за евентуалната промена на името на Република Македонија, а последна таква даде претседателот на парламентот Талат Џафери, се извртена вистина, т.е. спин. Не само затоа што главните две партии во РМ повикуваат на тоа, туку затоа што референдумот произлегува од Уставот на РМ и како облигација

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери, во телевизиско интервју и дебата изнесе став кој што го сметаме за спин:

Спин: (Џафери) …Таков договор, бидејќи има меѓународен карактер, по природа на нештата би требало да дојде на ратификација во Собранието. Значи, една варијанта е да дојде на ратификација во Собрание и друга варијанта е да оди на референдум.

(Прашање): Дали сте вие лично за да се оди на референдум?

(Џафери): Па, видете сега, ако граѓаните ги избрале пратениците и ако решението е соодветно прифатливо во смисла на она што би било реакција на граѓаните по можниот договор, е работа за која што… и за тоа сме претставници на граѓаните…

(Прашање): Значи, сметате дека може да се направи тоа и без референдум?

(Џафери): Во секој случај викам, тоа е меѓународен договор, кој што подлежи на процедура на ратификација… Зборувам за процедура. Впрочем, ние имаме договор за добрососедство со Бугарија и никој не зборува дека треба да оди на референдум… Затоа викам, во зависност од она што би било реакцијата на граѓаните..

(Прашање): Но, знаете дека сите партии побараа референдум, а не само СДСМ?

(Џафери): Затоа викам, прашањето беше поставено дали е можно тоа само во Собранието да се реши? Да, во Собранието, но низ оваа процедура, како меѓународен договор кој што би подлежел на постапка за ратификација. А, не дека Собранието треба да се состави, па 120 пратеници со двојно мнозинство да кажат ДА, ова ќе биде името, па идеме натаму…

[Извор: 24 Отворено – Дебата со Талат Џафери (од 94 – 97 мин.), датум: 09.01.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин:  Талат Џафери е последен од неколкуте политичари, пред сè, од ДУИ, кои во една недецидна варијанта „ни риба ни девојка“, повторно ја фрла тезата дека евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција за промена на името на РМ, би можел да биде ратификуван и прифатен без референдум, што го оценуваме како извртена вистина или спин.

Претпоследен во таа низа беше сопартијецот на Џафери, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и тоа на два пати во последните два месеца. Еднаш во ноември 2017 и еднаш, индиректно, на прес-конференција минатата недела, пред да се реализира неговата посета на Атина на 09.01.2018 година.

Џафери, како човек кој се претставува како демократ и легалист, би требало да го знае и значењето на Уставот и одредбите во него како врховна правна рамка за секоја држава, па и за Македонија. Референдумот во Уставот на РМ е споменат 9 пати, а два пати уште на почетокот.

 

НЕЗАВИСНОСТА Е ИЗГЛАСАНА СО РЕФЕРЕНДУМ

Во Преамбулата  се вели дека „…граѓаните на РМ – македонскиот народ  како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, …  еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија…. во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава…

Веќе во Член 2 од Уставот на РМ се наведува дека :

Суверенитетот произлегува од граѓаните… Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Во Член 68, каде што се наведуваат наделжностите на Собранието на РМ, се наведуваат повеќе работи, меѓу кои – Собранието го донесува и го изменува Уставот и Собранието распишува референдум.

Понатаму, во членовите 73 и 74 се детализираат процедурите и прашањата кога, за што и како се распишува референдум:

Член 73

Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одлуката на референдумот е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи.

Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

И конечно, во Глава VI, Меѓународни односи, во Член 120, Уставот, де факто, ја пропишува задолжителност на референдумот при стапување во сојузи со други држави или заедници:

Член 120

Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Според уставните одредби, сосема е јасно дека референдум за името треба да има. На овој или на оној начин. Зашто, ако граѓаните на референдум решиле да ја конституираат Република Македонија како самостојна и суверена држава, јасно е дека никој нема (демократски и уставен) легитимитет да донесе одлука за промена на името на државата со мнозинство гласови од пратениците во Собранието. Референдумот како се уште многу актуелна политичка алатка во светот, е директно и подемократско изјаснување на граѓаните, за разлика од гласање во Собранието, каде граѓаните одлучуваат преку посредници – пратениците.

 

РЕШЕНИЕ БЕЗ РЕФЕРЕНДУМ НЕ ГАРАНТИРА ТРАЈНОСТ

Впрочем, дури и да не се навлегува во ваква експликација, Уставот на РМ императивно пропишува во членот 120 дека референдум мора да има кога земјата стапува или истапува во сојуз со други држави или организации. А, ова подразибра референдум за членство во НАТО и (или) Европската унија.

Оттука, дали ќе се оддржи референдум за евентуален договор за променето име на Република Македонија или ќе се оддржи референдум за членство во НАТО со такво променето име, е прашање за кое практично не треба да се дебатира. Референдумот е уставна можност и обврска и би требало да го има.

Секое друго решение не гарантира трајност на одлуката или решението постигнато во договорот.

Да не говориме, пак, за фактот што и јавноста во земјата смета дека ова прашање е најдобро да се разреши на референдум. И тоа, ваков став има мнозинството граѓани (60,4%) при што поддршката за референдумот е слични и кај Македонците (58,9%) и кај Албанците (64,1%), според истражувањето на јавното мислење што го изврши Брима Галуп, неодамна (графикон 4), односно во периодот од 27 ноември до 1 декември 2017 година.

Токму од овие причини, исказот на Талат Џафери дека постои варијанта и можност на ратификација на таквиот договор во Собранието без референдум го сметаме за извртување на вистина или спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција