Контраспин: Селективното потпишување укази е силен показател за недоследноста на Иванов

Спин е кога непотпишувањето на указите за законите, изгласани од  Собранието, Иванов го правда со свечената изјава дека ќе го бранел интересот и Уставот на РМ, а не на РСМ. Спин е затоа што суштината не е во променетото име и делови од Уставот, туку во почитувањето на вистинските интереси на државата чиј претседател е, вклучувајќи ја и уставната обврска да не кочи двотретинско мнозинство или закони донесени со конзенсус

Спин е кога непотпишувањето на указите за законите, изгласани од  Собранието, Иванов го правда со свечената изјава дека ќе го бранел интересот и Уставот на РМ, а не на РСМ. Спин е затоа што суштината не е во променетото име и делови од Уставот, туку во почитувањето на вистинските интереси на државата чиј претседател е, вклучувајќи ја и уставната обврска да не кочи двотретинско мнозинство или закони донесени со конзенсус

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот Ѓорге Иванов за непотпишувањето на укази за 11 закони изгласани од Парламентот, меѓу кои и три со двотретинско мнозинство и со консензус меѓу власта и опозицијата, дал образложение што го оценуваме како спин:

Иванов не потпиша Указ за прогласување на 11 закони поради новото име Република Северна Македонија… Иванов, според образложението, указите не ги потпишал, бидејќи во извршувањето на функцијата секогаш постапувал согласно дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и, како што вели, интересите на Република Македонија

[Извор: A1Он – Ставот на Иванов за името… – датум: 12.03.2019]

 

Контраспин: Во текот на вчерашниот ден повеќе медиуми објавија за непотпишувањето на укази за 11 закони изгласани во Собранието на РСМ од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Краткото образложение кое го дал на медиумите им го соопштиле од Кабинетот на претседателот на Парламентот, Талат Џафери и ние немаме основа да не поверуваме во тоа.

Поаѓајќи од образложението, имаме, меѓутоа, основа, да оцениме дека станува збор за извртување на вистината од страна на претседателот Иванов, односно за спин.

Образложението е едноставно и во својот осврт го допираат во добар дел и два од посоечните повеќе медиуми што ја објавија веста.

Весникот „Независен“ во освртот на новностаната ситуација под наслов „Кохабитацијата ќе чкрипи до крај. Иванов заминува со куфер полн со вета“, се повикува периодот од неодамна кога Иванов не врати ниту еден закон на поранешната власт составена од ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, дури ни кога стануваше збор за проблематични закони, каков што беше, на пример, Законот за градење, кој во тој период се менуваше над 20 пати, во најголем дел од коруптивни причини, односно за да се задоволат коруптивните апетити на претходната власт или за Законот за високото образование, против кој се крена речиси целата академска заедница.

Од друга страна, А1Он во текстот под наслов Ставот на Иванов за името го блокира патот кон ЕУ, заклучува дека ставовите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за Катица Јанева и судбината на Специјалното обвинителство не се единствена пречка за барањето на ЕУ до одреден рок да бидат донесени повеќе реформски закони и дека сега во таа улога се појавува и Иванов. Дотоколку повеќе што 3 од овие 11 закони се донесени со двотретинско мнозинство и се реформски во важни области, меѓу кои е и Законот за судовите.

Од новонастаната состојба и од краткото образложение кое го дал Иванов за свечената изјава дека ќе го почитува Уставот на државата Република Македонија, а не на Република Северна Македонија, како и дека ќе ги штител интересите на РМ а не на РСМ, јасно се гледа целата негова недоследност и спинот.

Зашто суштината не е во формалната свечена изјава дека ќе го браниш Уставот на РМ и интересите на РМ, туку суштината е во тоа навиистина да го браниш Уставот и интересите на државата. Некој со право го поставил прашањето, а како не му е проблем да прима плата од Република Северна Македонија и сите привилегии што ги ужива и ќе ги ужива благодарејќи на законите? Затоа, не е проблемот во формалната страна на изјавата и на образложението што го дава Иванов, туку во суштината на таа изјава која се однесува на Уставот и интересите на државата

Оттука Иванов спинува, без сомневање. Божем бранејќи го Уставот на РМ и интересите на државата, да потсетиме, донесе одлука за групна аболиција на над 50 лица инволвирани во истрагите и обвиненијата на СЈО, со што направи невидена штета на истата држава која се заколни дека ќе ја брани и почитува. По неколку недели, со невидено салто мортале, преку измената на Законот за помилување потоа ја поништи сопствената одлука.

Бранејќи го божем Уставот на РМ и штитејќи ги интересите на држвата, Иванов одбиваше да га даде мандатот на веќе формирана мнозинска коалиција по изборите во декември 2016 година. Тоа ја усложни до толку состојбата, што практично доведе до 27 април и „крвавиот четврток“, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ преку Трајко Велјановски како тогашен претседател на Парламентот, само го следеа примерот на Иванов и не дозволуваа трансфер на власта на мирен начин, согласно Уставот и интересите на државата.

Затоа, ќе повториме, само од овие два примера што ги наведовме, како и од објективните констатации на дел од медиумите што ги цитираме, нема сомневање дека станува збор за спин на Иванов кога кажува зошто не ги потпишува законите. Со тоа, Иванов практично ја потврдува својата доследност во недоследноста!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција