Контраспин: Што е страшно во судството за Караџоски, ако тоа не се наодите за АКМИ-сот?

За Зоран Караџоски „ништо страшно“ во Извештајот за АКМИ. Фото: скриншот

Ако за Караџоски нема ништо страшно што над 860 предмети во Кривичниот суд воопшто не биле распоредени ни преку АКМИ-системот, ако за него не е страшно што рачно се внесувале предмети кај одредени судии без писмено образложение и ако се манипулирало со АКМИ-системот на тој начин што пречесто се вршел прераспоред на судиите, тогаш можеби би можел на јавноста да и каже што тој лично смета за „страшно во судскиот систем“

Ако за Караџоски нема ништо страшно што над 860 предмети во Кривичниот суд воопшто не биле распоредени ни преку АКМИ-системот, ако за него не е страшно што рачно се внесувале предмети кај одредени судии без писмено образложение и ако се манипулирало со АКМИ-системот на тој начин што пречесто се вршел прераспоред на судиите, тогаш можеби би можел на јавноста да ѝ каже што тој лично смета за „страшно во судскиот систем“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, Зоран Караџоски, изнесе лична оценка во јавноста за наодите од Извештајот на Министерството за правда за состојбите во судовите во однос на користење на автоматизираната распредлеба на судски предмети, што ја сметаме за извртена вистина односно спин.

Спин: Ништо помпезно, ништо страшно, да речам, како што е најавено, како што се јавува во медиумите во тој извештај го нема. Јас имам безбедносен сертификат, го имам разгледано (Извештајот), така што не сум убеден дека има многу разлики во она што ние досега кога сме работеле сме го констатирале…

[Извор: ТВ Телма – За Караџовски нема ништо страшно…, датум: 15.02.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

 

Контраспин: Изјавата на Караџоски е уште една извртена вистина или спин, чиј резултат би требало да биде дека истражувањето на комисијата формирана од Министерството за правда, практично не утврдило неправилности или барем дека тие неправилности не се „ништо страшно“, како што вели Караџоски.

Сега ја имаме следната фактичка ситуација: Зоран Караџоски, кој уште во 2016 година изјавуваше дека тој лично направил увид во распределбата на предметите во Кривичниот суд во Скопје и не констатирал неправилности, со месеци не го става извештајот на седница на Судскиот совет, затоа што само 6 члена на Советот имале безбедносен сертификат, а бидејќи Караџоски го разгледал (тој има таков сетификат), сам констатира и ја известува јавноста дека немало проблем и во Извештајот немало „ништо страшно“.

А, еве што, всушност, откри извештајот за Кривичниот, за Апелациониот и за Врховниот суд, што беше претставено на прес конференција на Министерството за правда од страна на министерот Биљен Саљији уште на 07.12.2017 година:

Основниот суд Скопје 1 Скопје

1. Годишен план за управување со движење на предметите во судот е донесен само во 2013 година. Не е формирано Работно тело за управување со движење на предмети во судовите .
2. Не се донесени внатрешни процедури за одделни процеси при управувањето со движењето на предмети во судот.
3. Годишниот распоред за работа на судот за 2016 и 2017 година е менуван често и не е испочитувана процедурата за негово донесување. Во рок од речиси две години бил десет пати менуван од кои во месец септември 2016 година бил сменет три пати.
4. Не се почитувале одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите, согласно кои АКМИС-от задолжително се користи при управувањето со движењето на предметите во судовите.
5. Не се користел модулот за автоматска распределба на предметите, а распределбата се вршела рачно.
6. Движењето на предметите не се вршело во насока кон судии, тоа не се евидентирало, а од страна на уписничарот е избиран стручен соработник кој вршел избор на кривичен совет пред кој ќе го реферира предметот.
7. При увидот во судот е констатирано дека постојат 860 предмети во кои нема доделен судија. Со ова се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работа на судот и на судиите коишто се доставувани до повисоките судови, Судскиот совет на Република Македонија и Министерството за правда.
8. Исклучувањето на судиите од автоматската распределба на предметите се вршело без изготвување на писмена одлука со наредба и без образложена причина. Тоа се правело само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.
9. Пишаните уписници не се заклучуваат, оставени се празни броеви, а истата состојба е и со електронскиот уписник.

Апелациониот Суд во Скопје

1. По извршената проверка на водење на уписниците од судската управа е констатирано дека основниот предмет се заведува во АКМИС, но сите дополненија на предметот не се заведуваат, туку се зема бројот на основниот предмет и предметот се чува во регистар.

Останатите активности, кои беа предмет на увид, биле исполнувани согласно законските обврски.

Врховен Суд

1. Донесените упатства и заклучоци на Работното тело за стандардизација на постапките во судовите не ги објавил на својата веб страна, не се доставувани до Комисијата за стручни мислења за примена на Судскиот Деловник. Оваа обврска, која е задолжителна според Судскиот Деловник, не е исполнета.
2. Не било формирано Работно тело за управување со движењето на предметите во судот .
3. При промена на претседателот на судот веднаш се носел нов распоред за работа на судии. Не се почитувала процедурата за годишна промена на распоредот. На пример: во 2017 година Годишниот распоред за работа на судиите бил сменет 9 пати.
4. Не се почитувало начелото на специјализација на судиите, односно судии кои постапувале во предмети од граѓанска материја се прераспределувале во кривична материја и обратно.
5. АКМИС-от се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети за што постои писмена одлука од Претседателот на судот, но таа не е во согласност со одредбите на Судскиот Деловник. На овој начин наместо случаен избор на судија се добива очекуван избор на судија.
6. Прераспоредување на поименични предмети од еден на друг конкретен судија. Прераспределбата на предмети не се врши преку АКМИС, туку рачно преку системот се делат предметите на судиите кои се определени за постапување по тој вид предмети. На пример, за судија кој најавил подолго боледување на почетокот на месецот јули, а работи на притворски предмети (оддел за казниви дела) одлука за исклучување од АКМИС е донесена после еден месец од траење на боледувањето.

Ако за Караџоски нема ништо страшно што 860 предмети во Кривичниот суд воопшто не биле распоредени преку АКМИ-системот, ако за него не е страшно што рачно се внесувале предмети кај одредени судии без писмено образложение и ако се манипулирало со АКМИ-системот на тој начин што пречесто се вршел прераспоред на судиите во Кривичен и во Врховен суд, тогаш Караџоски може на јавноста да ѝ каже што тој лично смета за „страшно во судскиот систем“.

За ваквите извртувања на вистината за тоа што е страшно а, што не е страшно, мора да се каже дека во многу помогна и степенот на доверливост кој што го стави Министерството за правда врз документот. Еве како тоа го објаснува заменикот министер за правда Оливер Ристовски во првите минути од оваа тв дебата:

Зошто е под закрилата на доверливо – поради истрагата. Министерството за правда не прави контрола, туку само прави увид во работата на судовите. Се работи за 2016 и 2017 година…има и други детали во Извештајот, за кои сметавме дека барем додека не отпочне постапката во Обвинителството, треба да одат со карактер доверливо…

Но, сепак, има и мислење дека тие податоци не можат да бидат тајна и дека по самата своја природа тие се јавни податоци, оти Судовите јавно ги објавуваат имињата на судските постапки и за тоа кој е судијата што ја води постапката. Тоа во истата емисија го искажа и Гоце Коцевски, проект менаџер во Македонското здружение на млади правници.

Поради погоре изложените аргументи оценуваме дека изјавата на Караџоски за тоа дека во Извештајот за АКМИ -сот нема ништо страшно, е извртена вистина или спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција