Контраспин: Силјановска-Давкова повторно спинува околу кариерата на Пендаровски

Можеби Пендаровски не е толку умен како Силајновска-Давкова, како што таа алудира во изјавата што ја деспинуваме, можеби не е натпросечен кандидат каква што е професорката, како што самата алудира за себе на крајот од синоќешниот говор, но барем со сигурност знаеме дека не спаѓа во групата транзициони политичари-профитери, кои, откако наводно ги минале сите функции, сега сакаат кариерата да ја завршат со највисоката – претседател

Можеби Пендаровски не е толку умен како Силајновска-Давкова, како што таа алудира во изјавата што ја деспинуваме, можеби не е натпросечен кандидат каква што е професорката, како што самата алудира за себе на крајот од синоќешниот говор, но барем со сигурност знаеме дека не спаѓа во групата транзициони политичари-профитери, кои, откако наводно ги минале сите функции, сега сакаат кариерата да ја завршат со највисоката – претседател

 

Спин: Тоа (важноста од владеењето на правото – н.з.) е задоволство за еден професор по уставно право и политички систем, кој вели дека мора да се стави крај на транзицијата, на транзиционите профитери материјални и интелектуални, недоучени, нереализирани, фрустрирани, кои во сиот период на самостојна и независна Македонија трчале од функција на функција – колку години стаж имаат, толку имаат и функции – и сега сакаат да завршат со највисоката, претседател на Република Македонија. Но, мислам дека на оваа земја ѝ треба нов профил на политичари, не оние од комунизмот наследените, нов профил на политичка култура, демократска политичка култура, нов профил на лидерство, евопско, храбро, интелектуално, кое знае, а не импровизира, не измислува, не лаже.

[Извор: Силјановска: Ако на моите се додадат…(од 2.45 мин.), датум: 21.03.2019]

 

 

Контраспин: Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова најмалку по втор пат за време на кампањата врши суптилна или директна манипулација со кариерата на нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски. Велиме најмалку, затоа што „Вистиномер“ нема прецизен увид во сите нејзини изјави по митинзи или во телевизиски дебати.

Првиот пат тоа го стори директно на ТВ дебатата за гледачите на јавниот сервис, Македонската радио-телевизија, емитувана на 12.04.2019, дуел кој „Вистиниомер“ го следеше и одблиску и после кој редакцијата направи проценка на вистинитоста на изјавите на кандидатите.

Тогаш Силјановска-Давкова тврдеше дека Пендаровски е во политика од 1990 година во речиси сите структури на власта, како советник за безбедност и надворешна политика, што беше предмет на опсервација на „Вистиномер“ и оценето како невистина.

По гласањето во првиот круг, вчера на 21.04.2019, во 12-минутниот говор во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска даде изјава во која, иако не се споменува по име, многу јасно е опишан Стево Пендаровски како политичар од комунизмот, профитер, фрустриран, недоучен, кој цел живот трчал по функција, а сега сака да биде претседател. Токму зборовите „сега“ и „претседателската функција“, го лоцираат Пендаровски во тој дел од говорот на Силјановска, иако таа не му го споменува името директно.

на транзиционите профитери и материјални и интелектуални, недоучени, нереализирани, фрустрирани, кои во сиот период на самостојна и независна Македонија трчале од функција на функција – колку години стаж имаат толку имаат и функции – и сега сакаат да завршат со највисоката, претседател на Република Македонија“.

Исто како и првиот пат, кога изјави дека „мојот противкандидат којшто бил советник за безбедност и надворешна политика речиси во сите структури (на власта  н.з), од 1990 година, па до денеска“, Силајновска Давкова и сега манипулира со јавноста во иста насока, односно кажува извртена вистина, т.е. спин.

Затоа треба да се укаже одново дека Пендаровски, иако по години е на возраст според која би можеле да го ставиме во таа група, тој воопшто не спаѓал во ниту една класификација на профтери на транзицијата, кои „колку години стаж имаат, толку и функции имаат“.

Како и минатиот, така и овој пат ќе се повикаме на податоците од Владата (официјална биографија на Пендаровски) и на Википедија, каде што, исто така, е поставена неговата биографија.

Само од овие два извоора може да се види дека, ако се зборува за некакви функции на Пендаровски во вистинска политичка смисла, може да се зборува за од 2001 година, откога тој станува Советник за безбедност на покојниот претседател Борис Трајковски.

Останатите квалификативи што ги упати Силјановска-Давкова не заслужуваат коментар и оценка.

Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека тој дел од вчерашниот говор на Силјановска-Давкова е извртена вистина, т.е. спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.