Контраспин: Спасов самиот се скрши со приказни за мали деца

Диме Спасов се чувствува како политичка жртва. Фото: принтскрин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Заменикот министер за труд и социјална политика Диме Спасов во кратко интервју за ТВ Нова ја даде следнава изјава што ја сметаме за спин:

 

Спин:…Ова е стилот на работа на СДСМ и на функционерите на СДСМ, кои што со нивните активности покажуваат голема некадарност, голема непрофесионалност и голема нечесност…со лаги, со манипулации, со местенки, со лаги и со манипулации само да се наштети. Тоа е начинот на кои што тие функционираат е начинот на работа на СДСМ .Тоа се покажува и преку овој смислен настан, преку оваа криминално – полициска местенка која што беше реализирана во петокот вечерта, само со цел да се наштети на мојот интегритет, на мојот углед, само да се направи штета. Ова е голем азлоупотреба на моќта на институција каква што е МВР. Исто така би сакал да истакнам дека ова нема да ме скрши и не смее да ме скрши…

 

[ Извор: TВ Нова, од 9.30 – 10:30 мин., датум 03.10.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: После 5 дена од настанот кој предизвика широк интерес на јавноста, бидејќи станува збор за сомневања за злоупотреба на државен имот и пари, како и за неодговорно однесување на висок функционер на државната администрација и на партијата на власт, заменикот министер Диме Спасов даде кратко интервју, со кое не само што ги поткрепи сомневањата, туку и се обиде да го исползува настанот за политичка кампања.

Спасов во интервјуто тврди дека целиот настан е полициско криминална местенка, тоа го повторува дури четири пати во изјавите од 12 минути – и дека крајна цел била да му се наштети на угледот, честа и интегритетот на неговата личност.

Меѓутоа, внимателно преслушување на изјавата на Диме Спасов и вкрстување на фактите што се собрани првиот ден од настанот, како и оние од извештајот на МВР за целиот настан, покажуваат толку многу нелогичности во исказот на Спасов, што би можеле да се оценат со изразите „шарена лага“ или „приказни за мали деца“. Еве што вели Спасов, откако објаснува дека на два семафора од возило што го следи излегле луѓе и му тропале на прозорците и барале да ја отвори вратата:

…веднаш позади Катастарот застанав. Излегов од возилот, како што излегов, забележав како две возила се паркираат позади моето возило. Од првото возило излегоа лица со огнено оружје, пиштоли во рака, од второто возило, кое што беше веднаш позади беше, излегоа оние лица што ме следеа и нападнаа на две раскрсници. Се обидов да разговарам со лицата кои што беа со оружје во рака, наеднаш почувствував напад, односно бев ненадејно нападнат, беше применета сила врз мене и бев турнат на возилото на кое што го управував. Беше вперен пиштол во мене. Јас досега сум немал работа со криминалци и со ништо не сум заслужил ваков однос, да биде вперено оружје…неколку моменти потоа се приближи и застана полициско возило од десната страна и напаѓачот кој што впери пиштол во мене, се повлече. Потоа дојдода многу лица, дел во униформа, повеќето неуниформирани, дел од нив и ми се закануваа. Во една таква тензична атмосфера….заклучив дека се работи за криминално-полициска конструкција, за смислена местенка која што има за цел да го наруши мојот углед и да нанесе штета врз мене, а постоеше и опасност и по мојот живот. Токму поради тоа се одлучив да го напуштам местото.

Значи Диме Спасов , откако бегал од непознати лица кои не знае зошто го гонеле и притоа закачил едно возило во тесните улички во Тафталиџе, запрел зад Катастарот. Ако бил уплашен, зошто запрел? Ако видел лица со огнено оружје, но не од тоа возило што го следело, туку од друго, а не знаел кои се, како тоа се обидел да разговара со нив, а не избегал? Ако, кога дошла полицијата и многу лица, дел во униформи, а поголем дел не и ако му се заканувале сè уште, има ли логика да бега од овие лица,  кога лицата со униформи биле до него?

Да не зборуваме дека постои полициски записник за случката што го издаде МВР во својот билтен уште во саботата на 29.10.2016, во кој се опишуваат настаните, дека постојат записници од сопатничката што била во возилото која тврди дека не им се закнувале, дека постојат искази дадени во полициската станица Карпош и конечно, како што беше соопштено денеска и официјално – постојат и аудио снимени материјали во полицијата кои потврдуваат дека Диме Спасов бегал откако најпрво закачил возило, чиј сопственик потоа го пријавил и на двапати на семафор се обидел да го убеди Спасов да излезе од возилото и да се разберат.

Дека немало физичко насилство врз Спасов од лицата кои го следеле, покажуваат дури и снимките што се појавија на дел од провладините медиуми на „волшебен“ начин. На еден дел од снимиките се гледа дека тие се обидуваат да ја отворат вратата и од кај патникот и од кај сопатничката, но воопшто не насилно и грубо, како што тврди Спасов. Она што на овие снимки се гледа е дека навистина еден од припадниците на Алфите, држи нешто во раката што наликува на пиштол и дека во еден момент откако со Спасов нешто се објаснуваат, го врти кон возилото и го потпира на вратата од автомобилот. Но, од кога и како тоа  е забрането во полициска интервенција кога се во потера по некој што бега од место на настанот. Ако не од првиот, бидејќи, нели  вели не бил свесен, тогаш од вториот настан?

Она што го раскажува Диме Спасов и го оценува како криминално-полициска местенка, всушност е интервенција на единицата Алфи, кои поради тоа што возачот од првото возило цело време ја информирал полицијата каде се движи Туарегот возен од Спасов, веднаш се приклучила во потерата и брзо го лоцирала.

Можеби на Диме Спасов не му се допаѓа тоа што во моментов министер е Оливер Спасовски, можеби не му се допаѓа што шеф на Алфа единицата е лице кое е назначено од Спасовски, можеби Диме Спасов воопшто не бил ни под дејство на алкохол, па дури е сосема можно и да не почувствувал дека го закачил првото возило ако имало гласна музика во Туарегот и ако тоа закачување било минорно. Но, Спасов нема никакво логично објаснување зошто конечно избегал кога дошла полицијата. Тој нема и никакво појаснување зошто возачот потоа се обидел да даде лажен исказ – можеби зашто не беше прашан за тоа, но исто така треба да се каже и дека и МВР нема логично објаснување зошто нема да поднесе никаква пријава за него.

Диме Спасов исто така нема никакво логично  објаснување зошто во доцните вечерни часови управува возило на Агенцијата за вработување, па макар и да има договор меѓу Министерството и Агенцијата, а Министерството тврди дека нема. Спасов вели дека возилото му дадено за да ги извршува своите работни задачи, бидејќи министерката не му обезбедила ни канцеларии ни возило. Навистина, кои работни задачи се извршуваат во доцните вечерни часови во близина на стадионот во Градски парк во Скопје?

Замникот министер Диме Спасов наместо да понесе одговорност за своето однесување као државен функционер – нешто што е многу важно во секоја демократија и за што потсетивме неодамна – тој со целосно нелогичен исказ пред јавноста, уште и се обидува да да го заврти вниманието со тврдење дека ова е масло на политичкиот противник, но дека тоа немало да го скрши и не смеел да дозволи да го скрши.

Нема ни потреба. Пред судот на јавноста Диме Спасов со отфрлањето да понесе одговорност и отчетност за своето однесување, скршен е уште од саботата, кога ниту до крајот на денот не дојде во полициска станица да даде исказ, туку тоа го стори во наредниот ден. Денеска е само докршен.

Оттука, севкупната изјава на Спасов е во насока на извртување на вистината, а конкретната што ја анализиравме ја оценуваме како спин без никаква двојба.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција