Контраспин: Спин до спин во видео-изјавата на Христијан Мицкоски

 

Неколку краткорочни макроекономски и монетарни показатели, избрани тенденциозно од вкупно стотиците кои ги создаваат разните државни институции, а кои, всушност, или претставуваат нормални флуктуации или се производ на политичката криза во изминатите 3 години, одеднаш во изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, станаа доказ за криминална влада и за значително осиромашување на граѓаните. Сето ова е сосема манипулативно и далеку од реалноста

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Во текот на вчерашниот ден (26.02.2018), пред да се сретне со тројцата европратеници Едуард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн при нивната посета на земјава, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски излезе со видео-изјава пред јавноста во која се осврна на неколку краткорочни макроекономски и монетарни показатели од кои извлече заклучок за „лоша економска состојба“ во којa се наоѓаат граѓаните на Македонија и тоа „секој од нив поединечно“, како и дека таквите показатели биле „резултат на погрешните и лоши политики кои што владата предводена од СДСМ ги практикува во Република Македонија“. Целото обраќање на Мицкоски содржи редица недоречености, неточности, поигрување со контекстот, непоткрепени квалификации, манипулации анализираните временски периоди, замена на тези и со оглед на сето ова неговата видео-изјава ја оценуваме како спин.

Контраспин: Најпрвин, чудна е праксата на давање на видео-изјави за јавноста, пракса со која ВМРО-ДПМНЕ продолжува и со новото раководство и која многу малку се практикува во современата европска демократска политика за сметка на одржување на прес конференции на кои новинарите би можеле да постават прашања и да ги расчистат евентуалните дилеми и недоречености, кои во ова обраќање ги има во изобилство. Токму затоа ваквиот еднонасочен начин на комуникација со јавноста сѐ помалку се практикува и тоа со право зашто е неефикасен и затоа што повеќе ги замаглува работите отколку што ги разјаснува. Ваквиот начин на обраќање кон јавноста остава и сомневање дека се сакало да се избегне одговорноста за искажаниот збор, како и да се избегне целосно дообјаснување на дилемите и нејасностиите. На пример, кон крајот од изјавата, во која Мицкоски наброи неколку краткорочни економски показатели за кои рече дека се со надолен тренд, целата влада ја нарече „криминална и неспособна“ без да објасни врз основа на што ја темели ваквата квалификација, ако се знае дека во обраќањето не говореше за никаков криминал, ниту, пак, спомна криминал. Евентуален надолен тренд на неколку краткорочни макроекономски и монетарни показатели никако не мора да значат ниту криминал, ниту неспособност. Најголем дел од владите во демократските земји се соочуваат со надолни економски трендови во некој период од своето владеење и никому не му текнало заради тоа да ги нарече криминални или неспособни, зашто причините за такво нешто можат да бидат и надвор од досегот на владите, односно да бидат последица на дисруптивни технолошки промени или, пак, негативни движења во меѓународната економија и слично. Но, дури и владата да е виновна заради евентуални неповолни економски движења зашто не презела мерки или зашто презела погрешни економски мерки, тоа никако не значи дека е криминална. На што точно Мицкоски мислеше со оваа квалификација не дознавме, а причина за тоа е што немаше новинари кои можеа да го прашаат што точно мислел.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Уште на самиот почеток на изјавата Мицкоски ги смеша општите економски движења во земјава со благосостојбата на секој граѓанин. Дури и кога економската состојба во земјава навистина би била лоша, тоа во никој случај не значи дека сите граѓани, односно „секој од нив поединечно“, исто така, се наоѓа во лоша економска состојба. Евентуално надолно движење на економијата не значи дека на секој поединечно му се влошува економската состојба. Тоа само значи дека на општ план, генерално, економијата бележи некаков пад, но на колкав процент од граѓаните им оди полошо во однос на претходниот период, тоа е нешто сосема друго. Можно е на помал број граѓани да им оди значително полошо, но на поголем дел да им оди исто како и во изминатиот период и во таква ситуација економијата повторно некаков покажува пад, но тоа не мора да значи дека на секој граѓанин поединечно му оди лошо. Начинот на кој ова се утврдува (преку движењето на платите, приходите, невработеноста и слично) е сосема поинаков и се разликува од показателите за економската состојба каков што е движењето на бруто-домашниот производ (БДП).

Веројатно најзначаен спин во целото обраќање е токму тврдењето дека како аргумент и факт за лошата економска состојба во земјава во првите 3 квартали (односно 9 месеци) од минатата година (податоците за цела 2017 сѐ уште не се објавени) бил „негативниот раст“ (демек падот) на БДП од 0,4 отсто. Но, Мицкоски се чини заборави дека од тие 9 месеци за кои говори, дури 5, односно поголем дел од тој период, на власт беше токму неговата партија со оглед на тоа што актуелниот премиер Зоран Заев беше изгласан како таков од страна на Парламентот дури на 31 мај 2017 година. Така што, ако веќе се бара виновник за состојбите со БДП во првите 9 месеци лани, Мицкоски би требало да погледне најпрвин во сопствениот двор пред да почне да тоа да го прави по туѓите дворови.

 

ЗОШТО НЕ СЕ ПУМПА ГРАДЕЖНИШТВОТО КАКО И ПОРАНО

Ваквите манипулативни техники потоа продолжуваат и во однос на посебните стопански гранки какви што се градежништвото и индустриското производство. Мицкоски вели дека градежништвото доживеало пад од 11 отсто. Точно е дека во градежништвото има пад од 522 милиони евра во првите 9 месеци од 2016 споредено со истиот период лани кога тоа оствари 464 милиони евра (бруто-домашен производ според производниот метод, по НКД Рев.2, по тримесечја), но ова почна да се случува уште кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Односно, како што може да се види од долната табела на Државниот завод за статистика, градежништвото најлошо помина во вториот квартал лани од чии три месеци во два на власт беше токму ВМРО-ДПМНЕ.

Untitled-gradeznistvo-dzs

Настрана сето ова, причините за падот на градежништвото се подлабоки. Имено, градежништвото во земјава зеде замав и заради проектот Скопје 2014, во кој власта постојано градеше непродуктивни објекти само за да го крене БДП и да може да се фали со неговиот раст и заради зголемената, но неконтролирана градежна експанзија и кај индивидуалните станбени згради и кај инфраструктурните објекти во последниов период (патишта, на пример). Но, проблемот е во тоа што градежните објекти на Скопје 2014 се изградени на кредитна картичка, односно со задолжување, а оваа актуелнава власт тоа нема намера да го прави. Многу лесно и оваа власт може да измисли проект Македонија 2018, на пример, и да продолжи да гради непродуктивни, бесмислени и неквалитетни објекти кои се поплавуваат и при најмало зголемување на водостојот на блиската река и да го крене градежништвото, исто така, на кредит, како тоа што го правеше минатата власт. А, и со тоа и БДП, зашто редовно од година во година во периодот од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ растот на БДП беше тесно поврзан со растот во градежништвото. Имено, што повеќе пари власте ќе вложеше во градежништвото, толку повеќе ќе растеше и БДП. На тој начин, се разбира, јавниот долг би продолжил да се зголемува, како и годишните износи кои би требало да ги плаќаме за камати, а кои сега веќе се приближуваат до износот од 150 милиони евра годишно. И така можеме да станеме уште позадолжени и уште поранливи на економските шокови во иднината. Кога станува збор, пак, за неконтролираната градежна експанзија во приватниот сектор, таа не може да трае до недоглед и веќе подолго време губи ветар во грбот, откако побарувачката на станови во земјава почна да се намалува заради презаситеност, бројот на непродадени и нови и користени станови да расте, а цените по квадратен метар да паѓаат. Политиката на ВМРО-ДПМНЕ во градежништвото со неконтролирано издавање градежни дозволи, отворање можности за градење на станбени згради насекаде, приватизацијата на земјиштето за 1 евро и слично, доведе до забрзано градење на преголем број нови станови, многу повеќе од реалните потреби, но и развој на градежната мафија и појави на перење пари (како што тврдеше дури и поранешниот јавен обвинител Марко Зврлески), кои се најчести во оваа стопанска гранка. Така што, не секој раст е добар, особено не оној кој се брка по секоја цена, од дневно-политички потреби, само за да се покаже раст на БДП пред гласачите и без да се мисли на долгорочните последици.

Кога станува збор, пак, за индустриското производство, Мицкоски вели „индустриското производство се движи некаде под нулата околу 4 проценти“, односно комплетно е нејасно што сакаше да каже. Дали индустриското производство е под нулата или е околу 4 проценти? За кој период? Сосема е нејасно. Доколку при давањето на оваа негова изјава беа поканети и новинари, тие ќе можеа да постават прашање за што точно станува збор и оваа нејаснотија да се разјасни. Но, со оглед на тоа што новинарите не беа присутни, ова остана неразјаснето и не дознавме што, всушност, Мицкоски сакал да каже. Еве како, всушност, изгледаат индексите на индустриското производство (во однос на просекот од 2010 – индекс: 100) и во нив не може да се забележи ништо страшно:

Untitled

Во однос на странските инвестиции, пак, Мицкоски го рече следново:

Ќе бидеме среќни ако 2017-тата година ја завршиме со 100 милиони евра помалку директни странски инвестиции, споредено со она што било случај на крајот од 2016-тата година. 100 милиони евра помалку директни странски вложувања, споредено со она што било во 2016-тата година.

За жал, состојбата е уште полоша. Нема никакви шанси ланското ниво на странски инвестции да биде пониско од она во 2016 за само 100 милиони евра. Во 2016 вкупните странски инвестиции изнесуваа 338 милиони евра, а во првите 11 месеци од лани тие изнесуваат само 46 милиони евра. Како Мицкоски мисли оваа дупка од 192 милиони евра да се пополни за 1 месец, декември, за кој сѐ уште нема податоци, па падот во 2017 во однос на 2016 да биде само 100 милиони евра, не е јасно. Во изминатите 7 години никогаш немало месец во кој стигнале толку многу странски инвестиции. Ни приближно. Табелата на НБРМ покажува дека само во март 2011 имало ниво од странски инвестиции од 112 милиони евра, а сите други месеци во овој период биле под 100 милиони евра. Така што, и овде останува нејасно како тоа Мицковски мисли дека би можеле ланската година да ја завршиме со пад од само 100 милиони евра кога тој бездруго ќе биде поголем.

Главна причина за ниското ниво на странски инвестиции лани е политичката криза. Во земја со политичка нестабилност и судство какво што го имаме, кое не може да гарантира правна заштита, тешко дека може да се очекува високо ниво на странски инвестиции. Во никој случај актуелната власт не може да биде самата виновна за тоа. Новиот директор на Агенцијата за странски инвестиции беше именуван дури на 28 август, што значи дека дотогаш, во првите 8 месеци од годината, со неа управувал кадар именуван од претходната власт, а новиот конкурс за избор на директор и заменик директор заврши на 15 февруари годинава. Бројките за 2017 покажуваат дека повеќе пари се одлеале преку тнр. повратно вложување од македонските фирми со странски капитал, отколку од странските инвеститори кон нивните фирми во Македонија, има одлевање на средства при вложување кај хоризонтално поврзани претпријатија, каде што генерално изминатите години ваквото движење на средствата било на нула или во мала позитива, што значи дека сето ова е резултат на политичката криза и нестабилноста која таа ја донесе.

 

„СИРОМАШТИЈА“, ЛУЃЕ, „СИРОМАШТИЈА“

Во однос на девизните резерви, пак, Мицкоски вели дека тие на крајот од 2017 се намалиле за 266 милиони евра во однос на крајот од 2016 година. Ова е точно. Тие на крајот од 2016 изнесуваа 2,612 милијарди евра, а на крајот од 2017 – 2,336 милијарди евра. Арно ама, ова намалување е дел од тековните движења на нивото на девизните резерви. На пример, во 2016 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, тие на крајот од јуни таа година паднаа на само 2,158 милијарди евра. Толку низок износ немало на крајот од ниеден месец во 2017 година. Уште повеќе, на крајот од минатиот месец, јануари 2018, тие веќе изнесуваат 2,557 милијарди евра. Но, прашање е колку било што од ова може да ѝ се припише на актуелната Влада. Имено, „Народната банка е правно лице со административна, финансиска и управувачка самостојност“, како што вели став 2 од член 3 од Законот за народна банка, таа е „независна при постигнувањето на целите и задачите“ (член 5) и уште повеќе „Народната банка, членовите на Советот на Народната банка и вработените во Народната банка не смеат да примаат и да бараат инструкции од органите на државната власт, органите на општините, органите на градот Скопје и од кои било други правни и/или физички лица.“ (исто член 5). А, кога станува збор за девизните резерви, пак, делот од нив, кој не е пренесен на Европската централна банка „ги сочинува девизните резерви на Република Македонија кои ги чува и со нив управува Народната банка“ (член 104). И таа тоа го прави „во согласност со сопствените политики, почитувајќи ги принципите на сигурност, ликвидност и профитабилност при вложување“ (исто член 104). Што значи сето ова? Многу едноставно. Актуелната Влада нема никакви ингеренции и уште повеќе не може и не смее да се меша во работењето на Народната банка. И сега тука веднаш се поставува прашањето: како тоа Мицкоски ја пренесува вината за евентуалното надолно движење на девизните резерви врз актуелната Владата, ако таа не е надлежна, односно со закон ѝ е забрането да се меша во работењето на НБРМ?

Особено голем спин е поврзувањето на овој „пад“ на девизните резерви, за кој видовме дека, всушност, претставува нормална флуктуација на средства кај девизните резерви, со осиромашувањето на граѓаните. Дали девизните резерви ќе паднат 11 отсто (како што е овде случај) или ќе пораснат за исто толку нема никаква врска со осиромашувањето на граѓаните. Но, Мицкоски го вели токму тоа – дека тоа што девизните резерви паднале 11 отсто ги направило граѓаните посиромашни за исто 11 отсто. Што, се разбира нема врска едното со другото. Богатството на граѓаните на Република Македонија не е составено само и исклучиво од девизните резерви, па да може да се каже дека ако тие паднат во некој процент, за ист толкав процент осиромашиле и граѓаните на земјава. Добро ќе беше ова да е единствениот спин во видео-изјавата на Мицковски. За жал, таа е преполна со спинови и токму затоа целата може да се оцени како сеопфатен спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *