Контраспин: Споредување на различни казни за сосема различни кривични дела е бездруго спин

Фото: скриншот

Не може да се споредуваат и по тежина на казните и по битието, две различни кривични дела – загрозување на уставен поредок и учество во странски војски/паравојски. А, ако смета Мицкоски дека Кривичниот Законик е лошо напишан во овој поглед, како лидер на голема политичка партија, може да покрене инцијатива во Собранието за измена на овие кривични дела, односно за измена на членовите во Законикот

 

Не може да се споредуваат и по тежина на казните и по битието, две различни кривични дела – загрозување на уставен поредок и учество во странски војски/паравојски. А, ако смета Мицкоски дека Кривичниот Законик е лошо напишан во овој поглед, како лидер на голема политичка партија, може да покрене инцијатива во Собранието за измена на овие кривични дела, односно за измена на членовите во Законикот

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ТВ дуел со лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, го изнесе следниот спин:

Спин: Господине Заев најмалку неколку пати сум го осудил, но, еве вака, ако ви причинува посебно задоволство и пред вас ќе го осудам насилството кое што се случи тој ден (27 април 2017 г. – н.з.) и никогаш да не се повтори. Но, исто така, го осудувам и чинот кој што го предизвика тоа насилство, но исто така го осудувам и чинот на кој што преку 2 века казна е дадена на луѓе кои што не примениле насилство тој ден. А, од друга страна, да имате повратници од боиштата во Сирија и во Ирак, припадници на ИСИС да добијат три пати помала казна од Горан Ангелов, од Ченто, од Митко Чавков, Митко Пешов и останатите кои што се таму. Ние имаме луѓе кои што добија 18 години казна, а не примениле сила, а, од друга страна, имаме повратници од ратиштата, од боиштата во Сирија како припадници на ИСИС овдека во Република Македонија се со три пати помала казна.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб – извадок од изјава на Мицкоски – датум: 26.03.2019]

 

 

Контраспин: Христијан Мицкоски на провокација од Зоран Заев, во текот на ТВ дуелот на Канал 5, даде, за увото на јавноста симпатична изјава, која се лепи како вистина, но, во која има две извртувања, односно спинови.

Врзивно ткиво е зборот тероризам. Првиот спин, всушност, лежи во долготрајното и упорното повторување во јавноста од страна на опозициската партија и на Мицкоски лично, дека судењата за „Крвавиот четврток“ или за настаните во Собрането на 27.04.2017 година во Скопје, беше процес во кој обвинетите лица одговараа за кривично дело тероризам. Стопати повторена лага создава перцепција во јавноста дека станува збор за вистина, па тука уште еднаш ќе го повториме она што обвинителството упорно го повторуваше:

Обвинетите за настаните од „Крвавиот четврток“ не се товарат за тероризам, туку за обид за насилно уривање на уставниот поредок кој се третира во Кривичниот законик со членот 313, кој формално и, како што изјави еднаш и обвинителката Вилма Рускоска, „несреќно“ е именуван како „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“

Членот 313 гласи:

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република (Северна-н.з.) Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.

 Членот 322-а, по кој се осудени групата државјани од нашата држава, а кои учествуваа на боиштата во Сирија, во ставовите 1 и 2 предвидува поблага казна, односно говори за затвор од најмалку 5 години, a обвинението беше подигнато за сторено кривично дело определно во КЗ 322-а, став 3, каде што запретената најблага казна е најмалку 4 години:

Член 322-а, став 3:

Државјанин на Република Македонија кој спротивно на закон учествува во или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку четири години.

Како што може да се види, двете дела се неспоиви. Едното зборува за загрозување на нашиот уставен поредок, додека другото е казниво дело за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации.

Оттука е и извртувањето на вистината, т.е. спинот што го прави Мицкоски. Не може да се споредуваат и по тежина на казните две различни кривични дела. А ако смета Мицкоски дека Кривичниот законик е лошо напишан во овој поглед, како лидер на голема политичка партија, може да покрене инцијатива во Собранието за измена на членовите во законот, кои ги регулираат казните за овие кривични дела.

Вториот спин е, всушност, константа во настапите на Мицкоски и на сите високи функционери во неговата партија. Таа, парафразирано, гласи: ние ги осудуваме насилствата од 27 април, ние сме против какво било насилство, но луѓето што учествуваа во тие настани, во најголем случај, се загрижени граѓани и искрени патриоти. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ никогаш и во ниту еден момент не се оградија од улогата на поединци од таа партија кои беа или сè уште се на високи раководни позиции и кои макар и на ниво на инспирација имаат огромен удел во таа срамна понова историја на државата.

Поради погоре изречените аргументи може да се оцени дека ставот на Мицкоски изнесен во ТВ дуелот со Заев, околу осудата на насилства и споредбата на осудените за 27 април со осудените лица за учество на боиштата во Сирија, е извртување на вистината, т.е. спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.