Контраспин: Таргетот на СЈО не е ВМРО-ДПМНЕ, туку криминалот на поединци во врвот на партијата

Фото: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ

Не се работи за политичка пресметка со неистомисленици, туку за гонење криминал и потрага по правда и правичност. СЈО бара одговорност од оние кои се огрешиле од законот, кои аздисале во трошењето со државните пари, но и од оние кои ја користеле моќта за да се поигруваат со човечки судбини (како случајот „Тортура“ со Љубе Бошкоски)

 

Не се работи за политичка пресметка со неистомисленици, туку за гонење криминал и потрага по правда и правичност. СЈО бара одговорност од оние кои се огрешиле од законот, кои аздисале во трошењето со државните пари, но и од оние кои ја користеле моќта за да се поигруваат со човечки судбини (како случајот „Тортура“ со Љубе Бошкоски)

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на прес-конференција свикана веднаш откако СЈО обелодени дека се покренати 17 нови обвиненија против голем број високи партиски и поранешни државни функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и самиот Груевски, ја даде следнава изјава која претставува политички спин:

Спин: ВМРО-ДПМНЕ е нападната. Како никогаш досега во историјата на Република Македонија, па и на цела Европа, не се случило вакво класично политичко гонење на политичките противници. Стотина лица кои се дел од органите или поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се гонети со цел партијата да се уништи или замолкне. Станува збор за политички, а не за правен процес.СЈО одамна ја загуби непристрасноста и кредибилитетот во својата работа и стана инструмент за политички прогон, СЈО не е обвинителство, СЈО е канцеларија на СДСМ. Најголем показател дека е политички процес кој има политичка цел е тоа што носи одлуки без никакви правни докази. Процесот е политички, а не правен. Таков политички процес треба да финишира со политичка, а не правна цел. Целта е ВМРО, целта е кршење на ВМРО, политичка елиминација и ставање под контрола за поголеми цели кои се потребни за оној кој го креираше целиот овој процес. Таргетот е ВМРО, сите случаи се против ВМРО, кршење на ВМРО за слабеење на Македонија…(од 0,12 до 1, 57 минута од видеото)

Овде очигледно не е само Никола Груевски во прашање, туку во прашање е една идеја за Македонија, силна, цврста  и самостојна  која сакаат да ја скршат и се спремни на се заради тоа. …(од 5.05 до 5,18 минута од видеото)

[Извор: веб страница на ВМРО-ДПМНЕ: Таргетот е ВМРО, за да се ослаби Македонија, нема да нѐ скршат; Датум: 29.06.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Контраспин: Претседателот на доскорешната владејачка партија, експремиерот, Никола Груевски, ја извртува вистината во самиот старт на својот настап, кога уште во првата реченица вели:

„ВМРО-ДПМНЕ е нападната“!

Не, не е нападната ВМРО-ДПМНЕ. Не е точно дека таргетот е ВМРО-ДПМНЕ. Не се врши прогон на политичките протвници. Ниту пак, целта е да се уништи партијата, за слабеење на Македонија! Воопшто не е во прашање политичката идеологија на ВМРО-ДПМНЕ, како што тоа сака да го претстави Груевски, притоа идентификувајќи се себеси со партијата, но и со државата. Туку се работи за нешто сосема друго, за обвинителни акти за сторен  криминал. Тоа е болката на Груевски.

Неговата изјава е испровоцирана од прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО)  (одржана на пладне истиот ден), на која прстот беше вперен во конкретни личности од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.  СЈО објави дека поднесе 17 обвиненија во кои се опфатени 94 физички и 7 правни лица, за кои тврди дека има докази оти сториле серија кривични дела и побара притвор за водечките политички фигури во ВМРО-ДПМНЕ: Груевски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Елизабета Канческа-Милевска.

Значи, според СЈО, поединци од највисокото партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребиле моќта и позициите на кои се наоѓале, ги прекршиле Уставот и законите, сториле серизони кривични дела и лично се богателе на сметка на државниот буџет, односно со парите на граѓаните. Така што, не се работи за политичка пресметка со неистомисленици, туку за гонење на криминал и барање правда и правичност. СЈО бара одговорност од оние кои се огрешиле од законот, кои аздисале во трошењето со државните пари, но и од оние кои ја користеле моќта за да се поигруваат со човечки судбини (случајот „Тортура“ со Љубе Бошкоски).

И гревот, како што вели Груевски, не е поради тоа што цели 11 години биле на браникот на одбрана на државните и национални интереси на Македонија:

што одолеавме на многу притисоци и закани поврзани со името на државата, името на нацијата и јазикот, со идентитетот на македонскиот народ, што одолеавме на неприфаќање на потпишување на разни штетни за нашата нација договори или пак спроведување на платформи на туѓи држави, што се боревме за унитарноста на нашата држава, што се боревме да ја задржиме државата како што ја сака народот, а не како некои други што ја посакуваат. И што некој друг прифатил поинаку, и што не знаел како тоа да го изведе при силна и цврста ВМРО-ДПМНЕ со над 170.000 членови и 455.000 гласачи, рече Груевски. (од 2,50 до 3,50 минута од видеото)

Настрана излитените тези дека државата била нападната, дека биле загрозени националните интереси, идентитетот, јазикот, името…, гревот е во тоа што, некои, според СЈО, вршеле криминал.

Па, иако Груевски веќе подолго време сака да наметне перцепција дека се води политичка хајка и ја користи партијата (ВМРО-ДПМНЕ) како параван, да не се лажеме, не е е во прашање „класична политичка и антимакедонска конструкција“. Туку на конкретни личности им натежнува криминалот и им висат затворски казни, а во обид да се спаси сопствената кожа се турка приказната за „уличарите на СДСМ“,  кои, ете, сакаат да „наместат цела една гарнитура“ од ВМРО-ДПМНЕ!

Сепак, судот за тоа допрва ќе треба да се произнесе и да донесе одлука во една правна процедура необременета со политички влијанија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција