Контраспин: Цената на водата не зависи од волјата на премиерот и на Владата

ОБСЕ / ОДИХР во кампањата забележале постапки кои ја поткопуваат поделбата на партијата од државата. Фото: СДСМ

Ветувањето на премиерот Заев, дадено преку неговиот официјален профил на Твитер, за намалување на цената на водата во Штип е политички спин, бидејќи ова прашање не е во надлежност на Владата, туку на локалната самоуправа. Оваа Твитер порака на премиерот е нотирана и во Изјавата за прелиминарните наоди и заклучоци на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, каде е забележано дека таквите постапки се спротивни на стандардите на оваа организација

 

Ветувањето на премиерот Заев, дадено преку неговиот официјален профил на Твитер, за намалување на цената на водата во Штип е политички спин, бидејќи ова прашање не е во надлежност на Владата, туку на Регулаторната комисија за енергетика. Оваа Твитер порака на премиерот е нотирана и во Изјавата за прелиминарните наоди и заклучоци на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, каде е забележано дека таквите постапки се спротивни на стандардите на оваа организација

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, последниот ден од кампањата (27.10.2017) за вториот изборен круг, преку Твитер на граѓаните на Штип им порача дека по локалните избори ќе плаќаат помали сметки за вода, што претставува извртување на вистината.

Спин: По 29 октомври ја намалуваме цената на водата и сите домаќинства, јавни институции и претпријатија ќе плаќаат сметки помали за 10%.

[Извор: Официјален Твитер профил на премиерот Зоран Заев, Датум: 27.10.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

 

Контраспин: Ваквата порака на претседателот на Владата, Зоран Заев, упатена преку „официјалниот Твитер профил на премиерот и лидер на СДСМ“, ја сметаме за политички спин. Ветувајќи им на штипјани помали сметки за вода за 10 проценти, Заев создава искривена перцепција дека премиерот е тој кој може да ја намали цената на водата. И, додека такво нешто може да вети кандидат за градоначалник (во конкретниот случај Благој Бочварски), премиерот не може, затоа што тоа прашање не е во надлежност на Владата и на претседателот на Владата.

Одредувањето на тарифата за цената на водата низ целата држава, според новиот  Закон за утврдување на цени на водните услуги од 18 јануари 2016 година (потребна регистрација) повеќе не ја одредува локалната власт, туку Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ – членови 7-16) преку строго утврдена методологија, чии параметри се јасно наведени во законот (член 5).  Постапката за утврдување на тарифи за водна услуга во РКЕ се подготвуваат уште од 30 ноември 2016 година, а треба да почнат да се применуваат најдоцна до 1 јануари идната година (значи за 2 месеци) во општини кои имаат над 10 илјади жители (каква што е Штип), додека, пак, во општините со под 10 илјади жители овој рок е 1 јануари 2019 година.

Заев, како премиер,  несомнено го знае ова, дотолку повеќе што во три мандати беше градоначалник и познати му се ингеренциите на локалната самоуправа. Така што, сметаме дека ова негово ветување дадено во финишот од кампањата е некоректно и е ставено во функција на добивање на политички поени за кандидатот на СДСМ, Бочварски (а сега веќе избран градоначалник) пред вториот круг од гласањето.

Споменатата Твитер порака на премиерот е  нотирана и во Изјавата за прелиминарните наоди и заклучоци на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР (стр.7),  каде е забележано дека таквите постапки се спротивни на  стандардите на оваа организација и ја подриваат одвоеноста на партијата од државата.

Премиерот, повремено во своето официјално својство, се обраќаше на електоратот на митинзите на СДСМ и го користеше Твитер за да испраќа пораки од кампањите.(26) Тој промовираше инклузивност, локален развој и интеграција во Европската Унија и НАТО. Некои партии изразија загриженост околу тоа што премиерот ветува владина поддршка за општините со градоначалник од СДСМ или од ДУИ. Овие постапки ја поткопаа разделеноста на државата и партијата, спротивно на обврските што произлегуваат од членството во ОБСЕ.

(26) НМИ на ОБСЕ/ОДИХР набљудуваше вакви настани во Чаир, Гази Баба, Гостивар, Карбинци, Шуто Оризари, Старо Нагоричане, Струга и Виница. Покрај ова, на 27 октомври, на твитер налог посветен на неговото официјално својство како премиер и како лидер на СДСМ, тој ветуваше намалување на цените на водата за 10 проценти, за сите домаќинства во Штип, по изборите.

Во изминатиот период критики на адресата на премиерот и на членови на владиниот кабинет заради нивните настапи во кампањата, упатуваа БЕСА и  коалицискиот партнер во Владата, Алијансата за Албанците (АА). Лидерот на АА, Зијадин Села и  новоизбраниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, го критикуваа Заев за непринципиелност поради давањето отворена поддршка на ДУИ и неговото директно учество на митинзите на кандидатите на ДУИ.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција