Контраспин: УБК не е генератор на кризи – власта е!

Фото: Ѓ. Иванов, веб сајт на Претседател на РМ

Два големи спина или извртени вистини искажа Иванов во Собранието – УБК била генератор на сите кризи во Македонија и дека поради лажните вести мора да се воведат нови закони, мониторинзи, казни…

Два големи спина или извртени вистини искажа Иванов во Собранието – УБК била генератор на сите кризи во Македонија и дека поради лажните вести мора да се воведат нови закони, мониторинзи, казни…

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот Ѓорге Иванов во своето редовно годишно обраќање до јавноста преку Собранието изрече неколку спина од кои тука издвојуваме два. Како прв го издвоивме спинот околу тајната полиција, како постојан генератор на кризи во Македонија:

Спин: Последнава политичка криза беше можност тој заеднички именител да се разоткрие, демистифицира и, конечно, да се деконструира. Овој генератор на политички и безбедносни кризи е препознаен и јасно посочен во итните реформски приоритети на Европската Унија, односно извештајот на Прибе. Цитирам: „Причините за долготрајниот скандал во Република Македонија може да се бараат како во концентрацијата на власт во рамките на националната безбедносна служба (УБК) и во лошото функционирање на механизмот за надзор над УБК.”

Со други зборови, жариштето на речиси секоја, па и на оваа политичка криза во Македонија е лоцирано на едно место, а тоа е Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка. Од 2015 година до денес препораките на Прибе не се имплементирани. Тоа е основа да се сомневаме дека сè уште постои злоупотреба на системот дека сè уште се монтираат случаи и дека сè уште надлежни институции не постапуваат во согласност со своите законски надлежности.

[Извор: Кабинет на Претседател на РМ – Годишно обраќање , датум: 26.12.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Претседателот Иванов, кој има директна надлежност во делот за безбедноста на Македонија и директна врз Агенцијата за разузнавање, го спинува извештајот на Рајнхард Прибе за да го направи логично своето тврдење дека во сите кризи во Македонија главен генератор бил Управата за безбедност и контраразузнавање и одделот за „прислушување“, односно Управата за оперативна техника или позната и како петта управа.

Иванов не е од вчера претседател на РМ, ниту пак е премлад за да не ги памети случувањата од крајот на социјализмот и почетокот на независноста на Македонија во деведесеттите години од минатиот век. И како претседател и како учесник во јавниот живот пред тоа, Иванов добро знае дека тајната полиција како орган во рамките на МВР, ниту е лош, ниту е добар сам по себе. Тој орган, кој треба да биде кремот од севкупниот безбедносен сектор во државата и да се грижи и за организираниот криминал и корупција, и за тероризмот, и за посебните и специфичните безбедносни закани за државата, и за безбедноста на највисоките функционери и институции, го сочинуваат луѓе – службеници и оперативци. Тие луѓе некој ги избира, понекогаш и на конкурс, понекогаш не, а потоа некој командува со нив.

Според сите истраги, поголеми и помали анализи, објавени мемоари, итн – освен можеби делумно во случајот со атентатот на Киро Глигоров, и делумно со почетоците на конфликтот кој прерасна во воен судир во 2001 година – делови од тајните служби немаат дејстувувано самостојно и на своја рака во кризните случувања во Македонија во поголем обем.

Сите други афери поврзани со крупни кризи во Република Македонија од независноста до денес во кои биле инволвирани тајни служби, можат да се припишат на врвовите и поединци во врвовите на политичките елити, без оглед на нивните мотиви – лични или за други служби и држави, за што многу добри примери можат да се најдат во мемоарите на Глигоров и на Стојан Андов!

Од првите афери во 1992 година „Дувло“(од стр. 2) и „Сина птица“(од стр.14) , преку Битпазар 1993 (стр.22) и Мала Речица (1995), до симнувањето на албанските знамиња во Тетово и Гостивар во 1997, исчезнувањето на кокаинот од депото на МВР (1997), аферата Големото уво (2001), па до денешните афери со „бомбите“(2015)  и упадот во Собранието на 27 април 2017 година…, во сите овие афери, тајната служба и нејзината „прислушна соба“ и сите други тајни служби биле командувани од страна на цивилни лица и извршувале желби, хирови или криминални нарачки на највисоки политички елити во земјата. Впрочем, тоа го тврдат и поранешни или се уште актуелни разузнавачи:

„Се смета за сосема ‘нормално’ политичките партии на власт да ја искористат таа можност за да ги злоупотребат овие тела за нивна лична придобивкаЦитирано од интервју на поранешен висок функционер на Секторот за воено разузнавање, изнесено во Студијата Управување со безбедносно – разузнавачките служби во Македонија од 2012 година (стр.6).

Претседателот Иванов тоа го знае, исто како што добро знае дека некој си Горан Грујовски, многу веројатно, не делувал на своја рака и не си играл сам со оперативната техника, туку тоа го правел во „Злосторничко здружение“ во кое, според СЈО, е и неговиот прв претпоставен Сашо Мијалков – цивилно лице, прв братучед на Никола Груевски и кој бил именуван за шеф на тајната полиција на седница на Влада некаде во 2006 година…

Исто како што тоа добро знае дека пред нив, на своја рака не правеле афери и кризи самостојно и без знаење на политиката (во најголем дел) ниту директорите на службата Слободан Богоески, ниту Добри Величковски, ниту Бојан Бојановски – Дизе, ниту Доста Димовска, ниту Љубе Бошковски… ниту, пак, Сиљан Аврамовски кој по нив беше кратко директор на службата, па министер за внатрешни работи, а сега ги реформира…

Претседателот Иванов затоа кажува и извртена  вистина, односно спин, кога проблемот го лоцира во некоја си служба, оддел, една единствена институција… Впрочем и самата реченица од Рајнхард Прибе што ја користи во говорот го кажува истото:

Причините за долготрајниот скандал (се мисли на бомбите и кризата по нив – з.а.) во Република Македонија може да се бараат како во КОНЦЕНТРАЦИЈАТА НА ВЛАСТ во рамките на националната безбедносна служба УБК…

Кој ја концентрирал власта во УБК? И кој не обезбедил цивилен надзор? И кој не презел ништо од 2015 до денес?  А, дали и како ќе се однесуваат СДСМ и Зоран Заев кон овој проблем и ракувањето со тајната служба, допрва ќе видиме и ќе оценуваме, иако критики од дел од стручаната јавност и граѓанскито сектор има во старт.

 

ПРОБЛЕМАТИЧНИТЕ МЕДИУМИ СЕ ДЕЛО НА ПОЛИТИКАТА

Вториот спин на Иванов е во врска со медиумите:

Спин: Крајно време е да се соочиме со вистината дека генерирањето и емитувањето на лажните вести во медимите, на интернет и на социјалните мрежи, без мониторинг и мерки за граѓанска и кривична одговорност, е основа за тензии и конфликт. Оние кои предизвикуваат штети, генерирајќи лажни вести, мора да сносат одговорност. Позитивните европски примери треба да бидат имплементирани и кај нас..

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Не само на Република Македонија, на секоја држава и на светот во целина му се неопходни професионално и независно новинарство, а не лажни вести. Но, спинот произлегува на површина и е соголен, кога ќе се одговори на прашањето, а кој тоа ги создава медиумите кои фејкуваат и кои пласираат лажни вести?

И така, исто како и за службите, ќе дојдеме до одговор дека врвови во политиката секогаш се главните инспиратори на индустријата со лажни вести. Како што тоа било порано, кога тие се викаа пропаганда која се ширела пред три-три пол децении преку „Нова Македонија“, „Вечер“, МРТ, така и во времињата кога таа се ширеше преку нам познатите телевизии со национални концесии, па сè до најголем дел од случаите кога механизмот за лажни вести одеше преку медиумските сајтови.

Инсипратори, генератори, финансиски поддржувачи, па и техничко-логистичка поддршка за сите овие пренесувачи на лажни вести е врвот на политичката елита. Тоа можете да го прочитате во оваа, во друга или трета анализа доколку ве интересира, а тоа го потврдува и самиот Иванов во реченица кога вели – „функционираат како политички експонати“.

Меѓу медиумските професионалци многу добро е познато дека медиумите и „медиумите“ во најголем случај не ни биле продуценти на лажните вести. Тие се продуцирале во некаков си Центар за комуникации, а потоа само биле диктирани, односно пренесени како копи/пејст во сите медиуми од мрежата задолжена за лажни вести. Впрочем, Советот за етика на медиумите во Македонија има повеќе случаи на одлуки против неколку медиуми, во кои се гледа дека истата информација, сосе печатните грешки, погрешно ставените интерпункциски знаци и сите други детали, е пренесена без никаква измена во медиумите од мрежата за лажни вести.

Затоа, тврдењето на Иванов дека медиумите што шират „фејк њуз“ се проблем што мора да го решиме со регулатива, моиниторинзи и казни го сметаме за извртена вистина. Политичките или некогаш и бизнис елитите ги зграпчуваат медиумите, ги вмрежуваат и преку нив ги шират лажните вести за свои интереси. Тие потоа и не дозволуваат да функционираат постоечките закони, кои го регулираат ова прашање и во однос на граѓанска и во однос на кривична материја. Постојат закони и за навреда и за клевета и за говор на омраза и за заштита на авторско право…

Оттука, проблемот не е во законите и медиумите, туку кај политичките и бизнис елитите, кои во даден момент управуваат со главните текови од општеството.

Впрочем, Иванов на почетокот од кариерата даде изјава во која посака Македонија да биде на уште повисоко место по слобода на медиумите (34-то во 2009 та според „Фридом хаус“) и дека тој ќе се вложел во тоа, а во 2015-та истиот човек тврди дека,  паѓањето на 129 место било работа на перцепција на „Фридом Хаус“, а не на факти, иако ги имал сите информации.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција