Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ е главниот кочничар на РМ во моментов

Христијан Мицкоски. Фото: скриншот

Во моментов, Европската унија, ЕПП, матичниот сојуз на европски партии каде припаѓа ВМРО-ДПМНЕ, САД, како и многу други организации и поединци и од домашната и од меѓународната јавност, се единствени во ставот дека ВМРО-ДПМНЕ е кочничарот на спроведувањето на Договорот од Преспа во Собранието

 

Во моментов, Европската унија, ЕПП, матичниот сојуз на европски партии каде припаѓа ВМРО-ДПМНЕ, САД, како и многу други организации и поединци и од домашната и од меѓународната јавност, се единствени во ставот дека ВМРО-ДПМНЕ е кочничарот на спроведувањето на Договорот од Преспа во Собранието

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Христијан Мицкоски во интервју за „Дојче Веле“ изнесе спин во однос на одговорноста за евентуалното пропаѓање на Договорот од Преспа:

Спин: Одговорноста е кај тие што го доведоа Договорот до неуспех. Не е опозицијата таа што ги водеше преговорите, не е опозицијата таа што го доведе Договорот до пропаст, не е опозицијата таа што го урна референдумскиот процес. Владата е таа што го режираше, спроведе и урниса процесот. Затоа, единствен кој треба да понесе одговорност е Зоран Заев…

[Извор: Дојче Веле –Мицкоски за ДВ: Наскор ќе го слушнете мојот забранет говор! – датум: 17.10.2018]

 

 

Контраспин: Независниот пратеник Ферид Мухиќ во ТВ дебата, одржана вчера, изјави: факт е дека сите досегашни влади во Република Македонија воделе преговори за промена на името на државата!

Тоа значи дека околу 25 години сите досегашни влади во РМ воделе преговори за решавање на спорот, што, нели, Грција го има со нас, а тоа е нашето уставно име. Преговори воделе и сите досегашни влади на ВМРО-ДПМНЕ, а од снимките може да се види дека и владата на Никола Груевски во оптек го имала предлогот Северна Македонија. Токму оттука може да се тргне за да се деспинуваат последните спинови на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, искажани во интервјуто за „Дојче Веле“.

 

ВМРО-ДПМНЕ БОЈКОТИРАШЕ!

Мицкоски вели дека разликата меѓу него и Зоран Заев е во тоа што тие никогаш немало да прифатат промена на Устав за промена на име. Можеби. Ние тоа не го знаеме и јавноста може само да му верува на збор, зашто и Владата на Заев во својата програма за работа (ниту пак партијата СДСМ), немаше запишано промена на устав за промена на име и решавање на спорот со Грција.

Исто како што само неинформираната јавност може да му верува само на збор на Мицкоски, дека не е опозицијата таа што го урнала референдумскиот процес. Оној референдум од 30-ти септември годинава, кога без потребен законски цензус, сепак над 600 илјади граѓани со право на глас рекоа дека се „За“ Договорот од Преспа. Ако е точно тврдењето на Мицкоски, тогаш преостанатите стотици илјади гласачи, колку што ги има фактички во РМ, Заев ли ги убедувал да бојкотираат!? Бидејќи не било ВМРО-ДПМНЕ и не биле вонпарламентарните опозициски партии. Тоа што го тврди Мицкоски е целосно извртена вистина, односно спин.

Спин е зашто постојат стотици сведоштва по медиумите кога јавноста, вклучително и високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ во текот на јули и август, па дури и до 10-ти септември годинава, го молеа Мицкоски и раководството да се изјаснат со став во врска со референдумот. Наместо тоа, добиваа одговори дека партијата се консултирала со народот!

Како што се консултираше со народот, така партијата го повторуваше својот став дека договорот бил капитулантски! Зашто ќе сме го сменеле името, а со тоа и идентитетот. Што е уште еден спин. Кога Мицкоски и партијата излегоа со став дека на 30-ти септември секој треба да постапи според своето убедување, но без да ги повика луѓето да гласаат – ем партијата на терен масовно работела за бојкот, пардон, апстиненција, што се виде од самиот резултат, ем сите оние од нивните редови кои јавно се изјаснија дека ќе гласаат, макар и со „не“, јавно потоа кажаа дека добиваат стотици заканувачки пораки на дневна основа.

Тоа значи дека токму ВМРО-ДПМНЕ е тој што го урна референдумскиот процес од аспект на цензусот. Мотивите се јасни. Истата вечер излегоа со партиски став дека Договорот од Преспа е мртов! И дека тоа го кажал гласно народот – 1,2 милиони избирачи. Кои молчеле, ама гласно кажувале… И дека Заев сега треба да одговара… Сè се ова спинови кои и досега сме ги деспинувале. Но, тука не застанува спинот околу одговорноста за Договорот од Преспа.

По консултативниот референдум – за кој што Владата и Заев имаат право на толкување оти консултацијата покажала дека 1/3 од запишаните избирачите се „За“, а другите не се знае за што се, зашто молчеле – се продолжи со процесот во Собранието околу уставните измени. Оди килаво и неизвесно, а ВМРО-ДПМНЕ уште веднаш соопшти дека нивните пратеници нема да гласаат во корист на измените.

Но, ВМРО-ДПМНЕ, истовремено, вели дека не се тие што се одговорни за пропаѓањето на Договорот од Преспа. Ама, на пратениците од нивната партија им наложуваат да го следат партискиот став дека Договорот од Преспа е мртов и дека пратениците мораат да го следат народот, кој, да повториме, молчел, ама гласно кажал не.

И не само тоа, туку, како што тврди потпретседателот на партијата Митко Јанчев, „да не сум им во кожа“ на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Зошто? Зашто „пратениците имаат притисоци од повеќе страни, и од десно, и од лево. Имаат притисоци од изгрејсонце, низ текот на целото секојдневие, до зајдисонце. Не би сакал да сум во нивна кожа, затоа што се во ситуација да не можат слободно да го кажат својот автентичен став“.

 

БЕЗ ДИЛЕМА ОКОЛУ КОЧНИЧАРОТ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, може да кажува што сака во јавноста, но аргументите дека не биле тие што го урнисале референдумскиот процес, туку тоа бил Зоран Заев и дека мора да одговара, т.е. да поднесе оставка, е многу јасен спин, поради аргументите што ги изложивме погоре.

Во моментов, Европската унија, ЕПП, матичниот сојуз на европски партии во Европскиот парламент – група каде припаѓа ВМРО-ДПМНЕ, САД, како и многу други и организации и поединци, се единствени во ставот дека ВМРО-ДПМНЕ е кочничарот на спроведувањето на Договорот од Преспа во Собранието.

Ако е веќе апсолвирана тема дека Договорот од Преспа е договор кој ѝ ги отвора перспективите на Македонија за евро-атлантските интеграции, а тоа значи за забрзани реформи, перспектива на економијата и засилена безбедносна рамка, тогаш може да се изведе заклучокот дека во моментов, со ваквото однесување, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски како глава на партијата, се главните кочничари на напредокот на Република Македонија. Што не значи дека се единствените.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.