Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се сè друго, освен ВМРО!

Кој е ВМРО? Фото: Веб страна на ВМРО-ДПМНЕ

Ако Груевски себе си и партијата се поистоветува со ВМРО, тогаш заслужува одговор и прашањето, дали историското ВМРО го слушал или го прислушувал народот за кој се борел…

 

Ако Груевски себе си и партијата се поистоветува со ВМРО, тогаш заслужува одговор и прашањето, дали историското ВМРО го слушал или го прислушувал народот за кој се борел…

 

Пишува Теофил Блажевски

 

Никола Груевски, претседател на ВМРО – ДПМНЕ и пратеник во предизборниот митинг во Кавадарци на 24.10.2017, меѓу другото го изјави и следното што го оценуваме за извртена вистина или спин:

Спин: Забораваат дека ние сме ВМРО, а во нас гори таа пркосна идеја која се спротивставила на многу поголеми и пострашни закани од овие неспособни луѓе. Видовте и во првиот круг и сега дека СДСМ немаат некои сериозни проекти, програми, затоа зборуваа за воздух, за ветер и магла. Видоа дека не можат да се мерат со работа со нас, па удрија на криминални избори. Во првиот круг видовме како СДСМ организира избори, со втерување страв, со притисоци, со уцени и со многу потплатувања, посочи Груевски.

[Извор: ВМРO-ДПМНЕ, веб страна – датум, датум: 24.10.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Лидерот на најголемата партија во опозицијата Никола Груевски, говорејќи пред граѓани на Кавадарци пред вториот круг од локалните избори каде ќе се избира градоначалник, акцентот го стави врз тоа дека неговата партија и кандидатите биле жртва во првиот круг од изборите, бидејќи владејачката СДСМ местела, поткупувала, застрашувала, итн.

Притоа Груевски ја употребува реченицата дека сите тие – партијата, членството и симпатизерите биле ВМРО, што е „пркосна идеја која се спротивставила на многу поголеми и пострашни закани од овие неспособни луѓе“.

Реченицата е во голем дел точна, освен почетокот – дека тие се ВМРО и крајот – дека (СДСМ) се неспособни луѓе.

 

ДАЛИ ВМРО ГО ПРИСЛУШУВАЛ СВОЈОТ НАРОД?

Слободата на говорот е универзално човеково право, вклучувајќи го и како право на Никола Груевски, но тоа не значи дека се што ќе се изговори е вистина. Без да навлегуваме длабоко во историски аргументи, прво говорникот требало да појасни на кое ВМРО се однесува заменката „ние“? На она од почетокот на организацијата или на она од нејзиниот крај пред Втората Светска Војна, кој беше одбележан со масовни братоубиствени акции на територијата на Македонија, на денешна Грција, во Бугарија, а и во некои од европските метрополи.

Ако се однесува на најславните денови на Организацијата, кои се поделени во неколку етапи од почетокот на дваесетиот век (ВМОРО), сè до посредното учество на претставници на ВМОРО на Париската мировна конференција и до убиството на Тодор Александров (ВМРО) – за да го деспинуваме тврдењето на Груевски, може и треба да се постави прашањето: дали ВМРО го прислушувал или го слушал сопствениот народ?

Може и прашањето: дали челниците на ВМРО биле жртви на обвинувања за криминал и корупција или на обвинувања за бунт, уривање на уставен поредок, напори за соборување на султанот, итн?

Право на секого е да мисли дека е кој сака, но секако е невистина да се претставуваш наследник на историското ВМРО од најславните денови на организацијата, а во исто време, половина од раководството на партијата, вклучувајќи го и лидерот, да се натоварени со обвиненија кои се однесуваат за дела како што се насилство, корупција, перење пари, незаконско прислушкување, изборни измами, злоупотреба на службена положба и овластувања. Сè се ова дела од обвинителните акти, а некаде и од судските процеси што се водат по обвиненијата од Специјалното јавно обвинителство.

Затоа, подобро е да се избегнуваат вакви спинови, од кои, народски речено, легендарните раководители на ВМРО би се превртеле в гроб, а основачи и членови на партијата денес велат дека „Груевизмот не треба да има никаква врска со ВМРО“

 

„АФРИКАНСКИ ИЗБОРИ“ БЕА ОНИЕ ВО 2008 Г.

Во врска со тврдењата за нерегуларните избори – Видоа дека не можат да се мерат со работа со нас, па удрија на криминални избори..“, не може да се тврди дека немало нерегуларности, но секако е извртена вистина, односно спин тврдењето дека на овие избори масовно имало поткуп, уцени, застрашувања и слично.

Таквите големи и масовни прекршувања на изборниот процес не се констатирани од повеќето набљудувачи на првиот круг на изборите (меѓу кои ОБСЕ, ЕУ, ЦИВИЛ, МОСТ, иако, особено домашните, јавуваат за неправилности и според нив, незаконитости.

Она што е сигурно невистина, е дека ова биле најнедемократските избори и дека се „африкански избори“, зашто најлошо организирани и спроведени избори во РМ досега се оние од 2008 година, кога имаше ранети и убиени, а во 187 изборни места во 4 изборни единици се прегласуваше поради бројни нерегуларности. Тогаш на власт беше ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со ДУИ, а премиер беше Никола Груевски. Но и повеќе изборни циклуси оддржани подоцна се со бројни неправилности, за што повторно не е лошо да се преслушаат дел од нелегално снимените телефонски разговори.

 

„НЕСПОСОБНИТЕ“ НЕ СЕ ПРЕДМЕТ НА НАСИЛСТВО

Конечно, спин е она што го вели Груевски за својот политички противник СДСМ, за кој констатира дека се „неспособни луѓе“. Спин е, зашто неспособни луѓе не доаѓаат на власт со онакви обвинувања и контрапропаганда каква што водеше ВМРО-ДПМНЕ до 1-ви јуни 2017 година, неспособни луѓе нема потреба да бидат жртва на обид за преврат преку насилство, каква што е јавната перцепција за настаните од 27 април 2017 година, неспособни луѓе не победуваат масовно на избори (првиот круг од локалните) и неспособни луѓе нема потреба да се споменуават на митинзи од страна на политичиот противник ВМРО-ДПМНЕ, т.е. од Никола Груевски.

Според тоа, реченицата „Забораваат дека ние сме ВМРО…“ и речениците што следат зад неа се извртена вистина или спин. ВМРО-ДПМНЕ, особено ова раководство на партијата не е ВМРО, зашто ВМРО е нешто друго – многу поразлично од Никола Груевски, од раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на (мал) дел од сегашното членство или симпатизери на оваа партија кои мислат дека во 21 век насилството врз политичкиот противник е дозволено или дека Македонија е место за живеење само за Македонците.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција