Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ со двојни стандарди околу бегалците

Се разликува ли воопшто новата од претходната стратегија за бегалците за да се крева толкава прашина? Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата предводена од СДСМ дека на Македонија ѝ подготвува законска рамка која од неа ќе направи прифатен центар на огромен број бегалци и мигранти и дека тоа ќе значи огромен финансиски и демографски притисок за државата на штета на нејзините граѓани. На одделни прес конференции, претставници на општинските организации на ВМРО-ДПМНЕ настапија со обвинувања дека токму во нивните градови, според Акцискиот план за бегалци кој го предлага Владата, ќе биле идните локации за вдомување на 200 илјади бегалци, а оваа партија поднесе и предлог за интерпелација за министерката за труд и социјала, Мила Царовска, како ресорно одговорна за она што ВМРО-ДПМНЕ го смета за „осмислена стратегија за вдомување и живеење во Република Македонија на мигрантите“

 

Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата предводена од СДСМ дека на Македонија ѝ подготвува законска рамка која од неа ќе направи прифатен центар на огромен број бегалци и мигранти и дека тоа ќе значи огромен финансиски и демографски притисок за државата на штета на нејзините граѓани. На одделни прес конференции, претставници на општинските организации на ВМРО-ДПМНЕ настапија со обвинувања дека токму во нивните градови, според Акцискиот план за бегалци кој го предлага Владата, ќе биле идните локации за вдомување на 200 илјади бегалци, а оваа партија поднесе и предлог за интерпелација за министерката за труд и социјала, Мила Царовска, како ресорно одговорна за она што ВМРО-ДПМНЕ го смета за „осмислена стратегија за вдомување и живеење во Република Македонија на мигрантите“

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Владата на Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска треба веднаш да излезат пред македонските граѓани и да кажат што е она што сакаат да ѝ го приредат на Република Македонија и на огромен број на општини во наредните 10 години преку нивната стратегија и преку нивниот Акционен план.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев наведува дека станува збор за проекти, кои што ќе значат енормни трошоци во милјарди евра во наредните десет години во делот на сместување, градење на згради и населби за мигрантите низ повеќе општини во Република Македонија.

Со новата стратегија на Владата на Зоран Заев и Мила Царовска, Република Македонија не е веќе транзитна земја, туку Република Македонија станува земја за траен претстој на голем број на бегалци, мигранти и странци од голем број земји, тоа ќе бара огромни буџетски ресурси, милијарди и милијарди евра во наредниве 10 години. Тие средства, тие пари и тие буџети им се потребни на граѓаните на Република Македонија за голем број на проекти кои што се нивна реална потреба.

(Влатко Ѓорчев, прес-конференција, датум: 9.08.2017)

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Оваа изјава на Влатко Ѓорчев претставува своевиден сублимат на сето она што изминативе денови беше искажано од собраниската говорница и од прес конференциите на бројни претставници на ВМРО-ДПМНЕ во врска со Предлог-нацрт Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година, документ кој го изготви Министерството за труд и социјална политика и беше претставен во јавноста минатата седмица, а беше објaвен и на официјалната веб-страница на министерството. Во екот на жестоката собраниска седница за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски, која се развлекува со недели поради опструкциите од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, барањето за интерпелација за Царовска поради предложената Стратегија за мигранти, бегалци и странци за 2017-2027 е своевидно дефокусирање на јавноста со ксенофобичен наратив, базирано на извртувањето на вистината односно нејзино спинување.

Што е спинувано во тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ и министерката Царовска подготвуват план за изградба на станови и прифатилишта за трајно сместување и здомување на илјадници бегалци на територијата на Македонија?

Министерството за труд и социјална политика излезе со официјален став, објавен на службениот профил на министерката Царовска, според кој

Нема да се градат станови за бегалци, Македонија е транзитна земја! Лажна вест е дека државата ќе гради станови за бегалците и дека тие ќе останувале во Македонија. Во Република Македонија нема да се градат кампови за бегалци, нема да се даваат државјанства за бегалци, ниту пак ќе се активираат некои други мерки во таа насока.

Секоја информација во поинаква насока е лага, неточна и невистинита.

Република Македонија е држава која е транзитна станица на бегалците, и во минатото, и во бегалската криза од 2015/16 година. Kако земја членка на Обединетите нации, нашата земја ќе им помогне на бегалците на нивниот пат кон крајните дестинации, согласно меѓународните стандарди и ратификуваната Конвенција за правата на бегалците од 1994 година,

категорична е Царовска. Според тоа, ваков е официјалниот став на Владата и ресорното министерство, кое е задолжено за справување со евентуален иден наплив од бегалци на територија на Македонија.

Предлог Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 е продолжение на иста таква стратегија за периодот 2009-2015 година, донесена од претходната влада на ВМРО ДПМНЕ. Документот нема никакво обврзувачко дејство и тие кои во минатото ја потпишале оваа стратегија го знаат овој факт.

И во оваа прилика ги осудуваме дезинформациите и наменското ширење страв и ксенофобија кај граѓаните,

се додава во реакцијата на профилот на министерката Мила Царовска.

Треба да се спомене дека предложената Стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 е само продолжување на претходно усвоените  стратегии за третман на бегалци и мигранти, донесени од претходните владејачки гарнитури. Носењето на такви документи е обврска за државата, која произлегува од меѓународни документи и декларации за правата на бегалците и мигрантите што ја обврзуваат Македонија да изготви своја стратегија за справување со овој глобалниот проблем. Така, за периодот 2008-2015, во време кога премиер на РМ беше Никола Груевски, беше донесен ист таков документ, наречен „СТРАТЕГИЈА ЗА ИНТЕГРАЦИЈА НА БЕГАЛЦИ И СТРАНЦИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 2008 – 2015“. На ова му претходеше формирање на  Меѓуресорско координативно тело за интеграција на бегалци и странци од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2006 година. Еве како важноста од носењето на ваков документ го образложува тогашниот министер за труд и социјална политика Џељал Бајами:

Концептот на развој на интеграциона политика за имигрантите треба да овозможи мерки од страна на државата, со кои ќе им се овозможи на имигрантите да станат одговорен дел од економскиот, социјалниот и политичкиот живот во општеството, во кое се дојдени. Воедно, треба да биде земено предвид и респектирањето на културните и социјалните разлики, како и човековите права и човечкото достоинство. Промоцијата на фундаменталните права, недискриминацијата и еднаквите можности за сите, се клуч за еден успешен интеграционен процес,

стои во воведното обраќање на Бајрами, кој додава дека:

На Република Македонија сé уште ѝ недостига сéопфатен политички документ за нејзината политика за интеграција на имигрантите,

како и тоа дека

Оваа национална стратегија е во согласност како со другите национални стратегии во државата, така и со меѓународната правна рамка на ЕУ. Стратегијата го уважува правото на човекот за индивидулно однесување и избор, во контекст на основните права на сегашното и потребите на идното население.

Изнесените ставови на тогашниот министер за труд и социјала во владата на Груевски од редовите на ДУИ звучат „европски“, но се во дисонанца со она што некогашниот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ денес го зборува кога го напаѓа донесувањето на иста таква стратегија, која практично е продолжување на политиките на претходната власт кога се во прашање бегалците и мигрантите. Стратегијата за бегалци, донесена во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше во извршната власт, практично го предлага истото што го има и во онаа што сега ја предлага владата на СДСМ.

Еве еден цитат од воведните цели на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци кој убаво илустрира за каков третман на бегалци во 2008 се залагаше Владата на Никола Груевски:

Цели на оваа стратегија се да се овозможи брза интеграција на различните целни групи, и да им даде поддршка во процесот на интегрирање. Конечно, стратегијата има за цел, да помогне на повеќето бегалци и странци, колку што е можно истите да ги исполнат условите за добивање на државјанство во Република Македонија, доколку тие тоа го сакаат, во исто време земјаќи во предвид дека некои од нив, можат да се вратат во земјата на потекло, ако условите во таа земја се променат. Овие трајни решенија, ќе бидат важна мерка за успешноста на политиките за интегрирање на Република Македонија, на долгорочен план.

Стратегијата која ја предлага Министерството за труд и социјална политика за 2017-2027, пак, предлага потаргетиран пристап кон проблемот односно:

стеснување на фокусот на интеграцијата и ќе ги претстави стратешките цели низ четирите главни области – домување, образование, вработување и стекнување државјанство, додека прашањата поврзани со подобрувањето на системот за интеграција или мерките насочени кон раната интеграција ќе треба да се протегаат низ сите области.

Се наметнува прашањето како тогаш, во 2008, ВМРО-ДПМНЕ беше за интеграција и социјална инклузија на бегалците во Република Македонија, за да им се помогне на дел од нив во процесот на стекнување на македонско државјанство, а сега, кога новиот документ практично ги продолжува истите политики, тој да биде осуден како спротивен на националните и државни интереси на Македонија? Тргнувајќи од фактот дека ВМРО-ДПМНЕ намерно ѝ ја забошотува на јавноста вистината, дека и тие ги донесувале истите документи за бегалци и мигранти и нивна интеграција во македонското општество кога биле на власт, сосема поинаку прозвучува повикот на Влатко Ѓорчев до премиерот Заев и министерката Царовска да ѝ кажат на јавноста што сакаат „да ѝ приредат“:

Владата на Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска треба веднаш да излезе пред македонските граѓани и да каже што е она што сака да и го приредат на Република Македонија и на огромен број на општини во наредните 10 години преку нивната стратегија и преку нивниот Акционен план.

Предлог-стратегијата околу која ВМРО-ДПМНЕ крена толкава прашина и побара интерпелација на министерката за труд и социјална политика е, инаку, јавно достапен документ на службената страница на Министерството, па според тоа е невистина тврдењето на Ѓорчев дека министерката Царовска „ниту ги консултираше граѓаните, ниту граѓаните се запознаени“. Според тоа, не се работи за никаква скриена агенда за населување на мигранти во Македонија, како што се обиде тоа да го претстави опозиционата партија, а од документот може да се види дека се невистинити и бројките со кои оперира ВМРО-ДПМНЕ кога тврди дека владата на СДСМ се подготвува да гради живеалишта за 200 илјади бегалци, бидејќи таму таков податок односно толкава и конкретна бројка никаде не е наведена.

И, на крајот, треба да се спомене дека интерпелацијата за Мила Царовска е само една од четирите интерпелации кои ВМРО-ДПМНЕ ги поднесува во растојание од неколку дена, насочени против четворица министри во Владата на Зоран Заев и тоа пред истекот на 100-те дена, вообичаени во праксите на парламентарните демократии по доаѓањето на нова политичка постава во владиниот кабинет. Сите овие елементи укажуваат на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ намерно ја извртува вистината за овој случај за да го оправда ваквото опструирање на работата на Владата и Парламентот, токму во време додека трае жестоката борба за смена на јавниот обвинител Зврлевски, на што ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува. Од изнесените аргументи јасно се гледа дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ по прашањето на предлог-стратегијата, изнесен од страна на Влатко Ѓорчев е класично и тенденциозно спинување на вистината.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција