Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ со различни аршини за Рамковски и за Кочан

 

Партијата ВМРО-ДПМНЕ со невидена леснотија кон одговорноста за јавно изречениот збор издаде соопштение во кое ем се делат етикети, ем се спинува дека од друг е загрозена слободата на медиумите, ем се извршува директна закана за судството и се прави притисок врз судии

 

Пишувa: Теофил Блажевски

 

Партијата ВМРО–ДПМНЕ издаде соопштение/изјава во врска со одредувањето мерка притвор од страна на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје1, при што има повеќе невистини и спинови од кои ги издвојуваме следните:

Спин: Овој чин (одредувањето мерка притвор за Сеад Кочан-н.з.) е обид за загушување на демократијата и на медиумските слободи во Македонија. Овој чин ќе биде сериозен удар врз медиумските слободи во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ нема да остане рамнодушна на ваквата политика на СДСМ која како поразена на изборите не дошла на власт, но преку СЈО каде е на власт од првиот ден на неговото формирање, веќе практикува крајно недемократско владеење, загушување на медиумските слободи, кршење на законите и погазување на демократијата.

ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува судиите, независно дали се под притисок на СДСМ, или пак од било која причина сакаат да го задоволат Зоран Заев и неговиот сценарист, дека треба да работат согласно законот и Уставот и дека не смеат да се претворат во политичка алатка на СДСМ и СЈО. Секое незаконско работење ќе подлежи на одговорност, и секој во оваа држава треба да е еднаков пред законите, вклучително и судиите.

Евентуалното подлегнување на притисок или влијание врз судот во случајот со сопственикот на овој медиум нема да остане без реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страна, Датум: 16.03.2017]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин:  Партијата ВМРО-ДПМНЕ со невидена леснотија за одговорноста кон јавно изречениот збор, издаде соопштение во кое ем се делат етикети без никаков доказ, ем се спинува дека од други е загрозена слободата на медиумите, ем се извршува директна закана за судството и се прави притисок врз судии.

Во појаснувањето на овие извртени вистини во делот што го издвоивме за анализа треба да се знаат следните факти:

Прво: Одредувањето мерка притвор за сопственикот на ТВ „Нова“ не може да се смета за загушување на медиумите и на демократијата во Република Македонија, пред сè, затоа што мерката од Кривичниот совет на судот во Скопје е донесена по барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во истражен предмет кој е поврзан не со работењето на телевизијата, туку со јавни набавки на компанијата „Трансмет“ во висина на договор од над 17 милиони евра, склучен со државната комапнија ЕЛЕМ.

Според експерти за јавни набавки кои говореа на дебатната емисија „Топ Тема“ на ТВ „Телма“ на 15.03.2017 година, компанијата „Трансмет“ со која до неодамна раководеше Сеад Кочан, за изминатиите неколку години склучила договори за јавни набавки со државата (министерства, фондови, јавни претпријатија, итн), во висина од околу 80 милиони евра! Ако сопственикот на оваа профитабилна и успешна компанија, патем решил да отвори и телевизија со амбиции, дали тоа значи дека ниту еден истражен орган не смее да се распраша за некој договор на „Трансмет“ и на Кочан со државата, само за да не биде обвинет за гушење на медиумските слободи?

Патем, со ваквите случаи се отвора едно друго принципиелно прашање – зошто секој успешен бизнисмен во РМ отворено или потајно има амбиција да отвори телевизија или друг медиум?

 

РАМКОВСКИ – КОЧАН, ДВА АРШИНА

Второ: На нападите врз СЈО со обвинување дека е испостава на СДСМ, напади кои стануваа се побрутални како растеше бројот на осомнични и обвинети функционери на ВМРО-ДПМНЕ, јавноста веќе се навикна. Но, апсурдноста на новите квалификативи и етикети како да нема граница

ВМРО–ДПМНЕ немало да остане рамнодушна кон СДСМ, која не е дојдена на власт зашто изгубила на избори, ама бидејќи била на власт во СЈО од првиот ден, еве почнала да спроведува недемократски политики – задушува медиуми!

За се види сиот апсурд на ваквото тврдење, вреди јавно да се постават следниве прашања и на нив секој да си одговори како му налага совеста и информираноста:

  • За време на чие владеење со извршната, законодавната и судската власт, состојбата со медиумските слободи и со медиумите генерално се влоши најмалку десеткратно, за денес Македонија да биде класифицирана во групата на медиумски неслободни земји?
  • Семејството Рамковски, таткото Велија, ќерката Емел и други лица од нивото опкружување добија повеќегодишни казни затвор, при што Велија сè уште ја одлежува казната поради финансиски криминал. Зошто истрагите, притворот и затворот за Рамковски не би бил напад врз слободата на медиумите, а само барањето за притвор за Кочан би бил таков напад? За какво лицемерно пропагирање на аршини ни прикажуваат аргументите во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ?

 

ЗАКАНИ КОН СУДИИТЕ ШТО НЕ ИМ СЕ ДОПАЃААТ

Трето: ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува судиите… Самата реченица е извртена вистина по себе, бидејќи, нели, формално-правно судиите се независна трета власт, а ВМРО-ДПМНЕ како демократска партија ја почитува поделбата на власта?!

Но, не ќе да е така. Релевантните извештаи на Европската унија за Македонија, на Стејт Департментот, на различни други меѓународни организации, но и на домашната експертска јавност, дури и на домашни судии – кажуваат дека судството во Македонија е во катастроофална состојба и дека е под директно партиско влијание на партијата на власт.

Оттука, директната закана кон неколку судии кои донеле одлука, која, пак, не ѝ се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ, е доказ за недомократската постапка на партијата, која својот чекор го оправдува со спин од типот – судиите одработувале за Заев, лидерот на опозициската СДСМ.

Поради аргументите изложени погоре, сметаме дека делот од соопштението/изјава на ВМРО-ДПМНЕ што го анализиравме е недвосмислен спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *