Контраспин: Во просек реализирале проекти на секои 3 до 8 дена?!

 

Првите луѓе на локалната самоуправа, може биле и способни и посветени на работата и на своите грѓани, но никако не биле супермени кои реализирале проекти на секои неколку дена. Тоа, едноставно, е физички невозможно

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Повеќе актуелни градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ почнаа со уште една серија отчети за сработеното во текот на изминатиот 4,5 годишен, неочекувано продолжен мандат и говорат за сработеното во изминатиот период, при што се употребуваат трикови со бројките кои ги оценуваме како спин:

Спин:

Захариев: Предвидени беа 124, но реализиравме околу 450 проекти (Извор: ВМРО-ДПМНЕ)

Чадиев: Ветивме 117 проекти, реализиравме дури 370 во општина Велес (Извор: ВМРО-ДПМНЕ)

Отчет на Стрезовски: Во програмата за општина Ресен беа зацртани 77 проекти, а реализиравме над 180 (Извор: ВМРО-ДПМНЕ)

Трајковски: Во општина Гази Баба се реализираа стотици проекти кои ги подобрија условите за живот на граѓаните (Извор: ВМРО-ДПМНЕ)

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страницадатум: 24.08.2017]

Подготвувајќи се за локалните избори закажани за средината на октомври 2017 година, ВМРО-ДПМНЕ, по веќе видена матрица на давање отчети, повторно ги активираше градоначалниците да дадат отчет за сработеното во над 4,5 годишниот период (бидејќи тие тоа го направија на почетокот на годинава, очекувајќи ги изборите во редовниот термин). Притоа, забележлива е една недоследност и игра со бројките при тие отчети, која ние ја оценуваме како извртена вистина, односно спин.

Не навлегувајќи одделно и детално во материјата (иако, тоа не го исклучуваме како метод), ниту, пак, негирајќи дека многу од споментите и неспоменатите градоначалници навистина успеале да реализираат голем дел од своите ветувања, ќе се задржиме само на необјаснивоста на презентации за завршени проекти, од аспект на обична математика.

Станува збор за расфрлање со бројки за кои нема логична поткрепа Еве зошто.

Ќе го земеме просечниот број на денови на владеење на градоначалниците, со пресек од 15-ти август годинава. Бидејќи изборите требаше да бидат закажани во мај 2017 г., а стапија на своите функции во април 2013 година, произлегува дека оценуваме период од 1460 денови (за четири годишниот мандат), плус 135 дена за април, мај јуни, јули и половина од август оваа година или вкупно 1595 денови, сосе викендите и празниците, односно и неработните денови.

Ако оваа бројка ја поделиме со бројките на проекти кои тие ги соопштуваат, се доаѓа до следниве резултати:

Илчо Захариев, градоначалник на Штип реализирал 450 проекти или по еден на секои 3,5 дена

Славчо Чадиев, градоначалник на Велес, реализирал 370 проекти или по еден на секои 4,3 дена

Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Ресен, реализирал 180 проекти или по еден на секои 8,8 денови

Тони Трајковски, градоначалник на Гази Баба, реализирал 368 проекти или по еден на секои 4, 3 дена

….

Има и други примери на градоначалници кои ги ползуваат овие бројки на реализирани проекти, при што се употребуваат неселективно и бројки на асфалтирани километри, квадратни метри на поплочена површени на тротоари, должински метри на заменета фекална или атмосферска канализација, вкупен број на новоподигнати зелени површини, итн.

Искуството на „Вистиномер“, кое ги оценува дадените ветувања, покажува обично дека најтешко се реализираат приоритетните проекти од програмите, што е нормално, бидејќи се и најскапи. Онаму, пак, каде станува збор за проекти за кои се ветени и буџетски и пари од меѓународни извори, а секаде се приоритетни, како што се, на пример, депониите, речиси сите до еден од градоначалниците потфрлиле. Во ниту едно населено место, град, општина, па дури ни во Скопје, прашањето со третирањето и управувањето со отпадот не е решено на ниво задоволително за светски стандарди…

Токму и затоа се навраќаме на овој спин, на оваа извртена вистина со бројки. Ќе повториме, не негирајќи дека многу од градоначалниците многу сработиле и се вложиле посветено во решавање на проблемите на нивните локални самоуправи, уверени сме дека се необјасниви и невозможни бројките за вкупните проекти што ги сработиле, само ако гледаме според математечката операција на поделеност на бројот на проектите со деновите што ги имале на располагање од својот мандат. И затоа,  таквата презентација ја оценуваме како спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *