Контраспин: Вработувања има, ама на буџет

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најавува дека во следната декада ќе отвори најмалку 150.000 нови работни места. Со цел да ги увери граѓаните дека е кадарен и способен да го оствари ова ветување, Груевски напоменува дека за време на еднодецениското владеење на неговата партија се отвориле над 170.000 нови работни места. Но, фактите говорат дека огромен број од новоотворените работни места не се реални вработувања во приватниот сектор, туку станува збор за вработувања на товар на буџетот

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Спин: Ние ја нудиме новата ера. Новата ера на 150.000 нови работни места. Тоа го нудиме ние оваа коалиција која веќе во минатата декада отвори 173.000 работни места и невработеноста ја намали од безмалку 40 на 22 проценти. Ние можеме да ветиме дека ќе отвориме нови 150.000 работни места и ќе ја намалиме невработеноста под 10 проценти. Секој што сака да работи ако е упорен и ако сака да најде работа, ќе ја најде…

[Извор: Наша цел е да го зголемиме квалитетот на животот…датум: 11.10.2017 г.]


Контраспин: Речиси да нема предизборен митинг на опозицискиот ВМРО-ДПМНЕ без партискиот лидер Никола Груевски да се пофали дека неговите успешни политики и мерки на ова поле резултирале отворање на нови работни места, како резултат на што се намалила невработеноста. Во поткрепа на тоа, тој истакнува дека во перидот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година до 2016 година, се отвориле 173.000 нови работни места. Меѓутоа, податоците говорат дека бројот на новоотворени работни места не соодветствува во целост со зголемување на вработеноста.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

lOK-IZB

Според базата на податоци од Државниот завод за статистика, во 2006 година во државата имало 570.404 вработени, додека во 2016 година бројот на вработени изнесувал 723.550 лица, што е разлика од 153.147 лица, колку што имало повеќе вработени заклучно со 2016 наспроти крајот на 2006 година.

Тоа, всушност, е за над 20.000 лица помалку од бројката со која оперира Груевски за нови работни места, што може да значи во дел од новоотворените места не се вработиле дотогаш невработени лица, туку се вработиле луѓе што дотогаш биле вработени на друго место.

Но, она што е поголем проблем од бројот на вработени и зголемувањето на вработеноста во номинална смисла, е структурата на новоотворени работни места. Имено, голем број од нив се во јавниот сектор, додека оние што се во приватниот сектор практично се стимулирани од државата преку разни субвенции за нови работни места. Така, зголемувањето на вработеноста во најголем дел не е резултат на засилена економска активност и на економски раст, туку на државни одлуки и мерки со буџетски импликации.

 

ЕДНА ТРЕТИНА ОД НОВОВРАБОТЕНИТЕ СЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

Според анализата на карактеристиките на јавниот сектор во РМ насловена како „Колкав и каков јавен сектор имаме во РМ“, изработена од страна на Центарот за управување со промени на почетокот на ова 2017 година, во периодот од 2006 до 2015 година се забележува значителен пораст на обемот на јавниот сектор, така што во 2006 година во јавниот сектор работеле 105.000, а во 2015 година работеле 129.600 лица. Значи, за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ, јавниот сектор се зголемил за 24.600 лица или за 24 отсто заклучно со 2015 година. Меѓутоа, според анализата на ЦУП, бројот на нови вработени во јавниот сектор е уште поголем ако се земе предвид бројот на луѓе што заминале во пензија.

Да земеме дека просечно во јавниот сектор лицата на возраст од 60 до 64 години се 4 отсто од вкупниот број на вработени. Тоа значи дека од 2005 до 2008 година во пензија од јавниот сектор заминале 4.200 лица. Доколку со иста динамика се одвивал природниот одлив по основ на заминување во пензија, до 2012 година заминале уште 4.800 лица, по што до 2015 година уште 3.150 лица. Или вкупно 11.550 во јавниот сектор заминале во пензија од 2005 до 2015 година. За да дојдеме до вкупниот број од вработени од 129.000 вработени во 2015 година, тоа значи дека од 2005 до 2015 година се вработиле најмалку 36.150 лица во јавниот сектор, се наведува во анализата на ЦУП за јавниот сектор (стр. 15).

Зголемувањето на обемот јавниот сектор продолжил и во следната 2016 година, кога, според Регистарот на вработени во јавниот сектор изработен од надлежното Министерство за информатичко општество и администрација, во јавниот сектор биле вработени 129.653 лица. Па, така, за време на „преродбата“, над 30.000 лица биле вработени во рамки на јавниот сектор, каде, според Законот за вработените во јавниот сектор, влегуваат 1.291 институции – министерства, општини, управи, агенции, фондови, бироа, судови, образовни, здравствени, културни, социјални институции…

Но, во рамки на јавниот сектор не влегуваат државните компании во целосна или делумна државна сопственост, како на пример, АД ЕЛЕМ, МЕПСО, Македонски пошти, Македонски железници и други, кои вработуваат околу 30.000 лица. И во овие државни компании бројот на вработени се зголемува од година во година, така што во најголемата од нив – ЕЛЕМ, според податоците што ги добивме од компанијата, бројот на вработени се зголемил од 3.800 во 2006 година на 4.892 во 2016 година.

 

СУБВЕНЦИОНИРАНИ ВРАБОТУВАЊА ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР

Исто така, и голем дел од вработувањата во приватниот сектор во последните 10 години паѓаат на буџетски товар. Според извештајот на Светска банка, 89 отсто од новите работни места се отворени со фискален стимул, со ослободување од плаќање на социјални придонеси и слични давачки, што го доведува во прашање опстанокот на пензискиот фонд. Само во периодот од јули 2015 до јули 2016 година, се отвориле 21.000 нови работни места, од кои 18.700 со фискален стимул од владата.

Како што информираше новата влада предводена од СДСМ и Зоран Заев, 25 странски компании добиле 225 милиони евра за субвенции во периодот од 2007 до 2017 година, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а Груевски беше премиер речиси 10 години. Ако се има предвид дека во овие компании работат 20.000 луѓе, еден вработен во странските компании ја чинел македонската држава 11.000 евра.

Поточно, владите на Груевски потрошиле 26 милиони евра за неповратни грантови, 10 милиони за градежни работи за објектите, 14 милиони евра за креирање на работни места, при што некои компании добивале по 1.000 евра за работно место, а некои дури по 11.000 евра. Дополнително, странските инвеститори добивале и 5 милиони евра за обуки на вработени, така што некои компании добивале по 100 евра, а некои по 3.000 евра по работник. Вредноста од даночните и царинските олеснувања, пак, изнесувала 69 милиони евра, од кои се откажала владата во нивна корист.

Кога сето тоа ќе се земе предвид, произлегува дека околу една третина од новоотворените работни места се во институциите и органите што спаѓаат во јавниот сектор и во државните компании што вршат комерцијална дејност. Плус, на буџетски товар паѓаат и најголем дел од вработувањата во приватниот сектор, со оглед на тоа што 89 отсто од новите работни места се отворени со фискален стимул, а само 25 странски компании за 10 години од државата добиле субвенции од 225 милиони евра.

Кога се говори за зголемување на вработеноста и за отворање на новоите работни места, треба да се знаат и овие факти и податоци, бидејќи тие укажуваат оти владата не создала економски амбиент во кој природно ќе се зголемува вработеноста и ќе се намалува невработеноста, туку тоа го направила на буџетски товар и со буџетски мерки, што е неодржливо на подолг рок. Поради сето погоренаведено, тврдењето на Груевски го сметаме за извртување на целосната вистина, односно за спинување во однос на темата вработувања.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *