Контраспин: За ВМРО-ДПМНЕ локалните се алатка за нови општи избори   

Од толку грижа за народот државата остана речиси без институции. Фото: Веб сајт на ВМРО-ДПМНЕ

Премногу аргументи укажуваат дека токму ВМРО-ДПМНЕ сака да ги злоупотреби на некој начин локалните избори и преку нив да издејствува вонредни парламентарни. Оттука, тврдењата дека СДСМ калкулира со локалните се спин

 

Премногу аргументи укажуваат дека токму ВМРО-ДПМНЕ сака да ги злоупотреби на некој начин локалните избори и преку нив да издејствува вонредни парламентарни. Оттука, тврдењата дека СДСМ калкулира со локалните се спин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Опозициската парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ на 15.05.2017 го лиферуваше сооопштението за причините зошто нема да учествуваат на кооординација на претседателот на Парламентот Талат Џафери околу датумот за одржување на локалните избори, во кое има повеќе спинови, но еден е посебно истакнат:

Спин: СДС воопшто не се грижи за потребите и интересите на македонскиот народ.

Покрај тоа што прифатија платформа од туѓа држава, се обидоа незаконски да изберат претседател на Собранието, сега бараат изговори само да не се одржат локалните избори, кои се редовни и во овој момент неопходни.

Криминалецот Зоран Заев треба да знае дека одржување на локални избори нема никаква поврзаност со формирањето на владата.

СДС се обидува да го пролонгира одржувањето на локалните избори бидејќи немаат смелост да се соочат со македонскиот народ, по сето она што сторија.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна, датум: 15.05.2017]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Грубото извртување на вистината или спинувањето во ова соопштение на довчерашната владејачка партија е јасно воочливо со самата своја контрадикторност.

Имено, според Изборниот законик, член 12, изборите ги распишува претседателот на Собранието на РМ, преку донесување Акт за распишување на избори.

Доколку е вистина дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи во континуитет за граѓаните, а и за македонскиот народ, како што сè почесто се поистоветуваат само со граѓаните Македонци, тогаш од оваа партија би го уважиле фактот дека Талат Џафери е легитимен претседател на Собранието, бидејќи е избран од парламентарно мнозинство, бидејќи потпишал свечена изјава за извршување на својата функција, бидејќи неговата функција е објавена во Службен весник на РМ и бидејќи е признат како прв парламентарец не само од мнозинството граѓани, туку и од меѓународната заедница.

Доколку е вистина дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи во континуитет за граѓаните и посебно за македонскиот народ, тогаш немаше да прават театар од фактот дека треба да ја препуштат власта на друг, откако дури ни со добиен мандат не успеаја да формираат Влада и парламентарно мнозинство. Во таков случај ниту ќе го злоупотребеа Иванов, ниту парламентарната говорница на конститутивната седница преку која се загубија скоро два месеца, а еве и уште се губат, ниту, пак, ќе правеа крвави драми во Собрание – нешто за што поголем дел од јавноста нема дилеми.

Доколку трансферот на власта се случеше во една мирна и атмосфера во која се почитуваат и Уставот и законите, тогаш локалните избори веќе ќе беа распишани и спроведени кон крајот на овој месец. Токму затоа, контрадикторноста е толку очигледна и проѕирна околу спинувањето дека СДСМ не се грижел за народот и дека СДСМ е тој што ги пролонгирал локалните избори.

Исто како што е спин и тврдењето дека одржувањето на локалните избори нема никаква врска со формирањето влада. Формално гледано, можеби и нема, но суштински има и тоа како. Токму владата и некои нејзини министерства, како што е она за внатрешни работи и за правда и тоа како се важни за одржување на кои било избори, па макар и избори за во месна заедница.

Прво од аспект на безбедноста – треба да се обезбедува избирачки материјал и преку 3.000 избирачки места. Како што пред неколку дена изјави во една ТВ дебата градоначалникот на Куманово – тие (ВМРО-ДПМНЕ) и нивното МВР не можеа да ја обезбедат зградата на Собранието и животите на пратениците на локација која е на 200 метри воздушна линија од МВР, а камоли преку 3.000 избирачки места.

Натаму, треба редица постапки, од прочистување на избирачки список, до издавање на лични документи со чија помош би се гласало, како и контрола на самиот предизборен и изборен процес – од финансирањето на партиите, преку кампањата во медиумите до грижата за тоа да не се врши поткуп или уцени врз гласачите. Кој тоа ќе го прави ако не легална и капацитетна влада, со целосно функционални институции?

Оттука, наведените поенти во соопштението на ВМРО ДПМНЕ за тоа дека СДСМ не се грижел за народот и ги пролонгирал изборите од калкулантски причини, како и дека не е потребна влада за спроведување на локалните избори, се јасен и недвосмислен спин, односно извртена вистина.

Ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ повеќе личи на уцена за распишување и на вонредни парламентарни избори и најава за евентуално излегување на нивните пратеници од Парламентот, односно бојкот на работата во Собранието.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција