Контраспин: Злоупотреба на придонеси за пензии, сепак, имало

Бујар Османи. Фото: скриншот

Во случајов, споменувањето на тужби од страна на висок функционер во државата, упатено кон медиумите, беше сфатено како закана за слободата на говорот и слободата на медиумите од страна на медиумската заедница

Секое непочитување на законот од која било причина, а особено непочитување на законска обврска за управување со фондовски пари – е злоупотреба. А, споменувањето на тужби од страна на висок функционер во државата, упатено кон медиумите, каков што е случајот овде – е закана за слободата на говорот и слободата на медиумите

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Потпретседателот на Владата на РМ задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи искажа став за случајот со парите на 12 илјади осигуреници на Фондот за пензиско осигурување во кој се препознава извртување на вистината, т.е. спин:

Спин: Прво, во однос на вчерашната фама и спектакуларни наслови за злоупотреба од Пензискиот фонд на 19 милиони евра, јас морам тука да кажам дека вчера имаше несреќна изјава на министерката Царовска, која што отвори можност за спектакуларни шпекулации по однос на тоа што се случило во ФПИОМ за некаква можност за злоупотреба… И кога вчера верификувавме и со Министерството и со Фондот дека апсолутно не се работи за злоупотреба на ниту еден денар од средствата од ФПИОМ, туку дел поради административни пречки, дел поради недоволен буџет заради тогашната одлука на Влада да се намалат придонесите, дека тие не биле префрлени во вториот столб, меѓутоа не станува збор апсолутно за никаква злоупотреба на ниту еден денар од тие средства, побарав од министерката и од Фондот денеска да излезат и да објаснат пред граѓаните и верувам дека тоа го направија и разјаснија дека тоа е асполутно фејк њуз. Но, сепак, поради штетата што е направена во име на ДУИ најавувам дека за сите политичари и медиуми кои што го инволвираа вчера ДУИ во оваа лажна вест, дека доколку не се извинат во наредните 24 часа, ќе мора да покренеме правна постапка со цел да ја докажеме вистината.

[Извор: Влада-Прес-Османи (од 46.30 до 48 мин.) – датум: 29.01.2019]

 

 

Контраспин: Спинот на потпретседателот на Владата Бујар Османи, кој се прикажува како познавач на фејк њуз или лажни вести, е токму извртената вистина од негова страна која доведува до лажна вест, дека „злоупотреби апсолутно немало“.

Всушност, по собирањето на сите факти и на сите изјави околу овој настан, вистината е апсолутно јасна, што би рекол Османи, т.е. дека апсолутно постои злоуптреба.

На ова упатуваат следните факти:

  • Факт е дека со години не биле уплаќани средства од првиот столб – ФПИОМ, во втoриот задолжителен столб – приватните пензиски фондови, во соoднос 12 отсто од придонесите за ФПИОМ, 6 отсто за избраниот приватен фонд. Овој факт никој не го негира.
  • Факт е дека станува збор за најмалку 8.000 илјади граѓани, за кои и ФПИОМ кажува дека биле плаќани придонеси, а од Фондот парите не ги префрлале во вториот столб, додека Министерството тврди дека станувало збор за 12 илјади.
  • Факт е дека тоа траело со години, без оглед на различните тврдења за тоа во кој период се случувало, а што ги даваат ФПИОМ и МТСП. Првите тврдат дека на најголем дел од овие лица парите не им биле префрлани меѓу 2003 и 2007, што е малку чудно, бидејќи обврската настанала од 2006-2007 година со тогашните законски измени, додека МТСП тврди дека најголем бил опфатот на лица на кои не им биле уплаќани пари во вториот столб меѓу 2010 и 2011 година.
  • Факт е дека ФПИОМ имал законска обврска тоа да го прави, а не го правел – не префрлал пари во вториот столб за голема група граѓани.
  • Факт е дека и самиот Бујар Османи вели дека тоа се случувало дел поради административни причини, дел поради дупката што настанала во Фондот поради намалување на придонесите…
  • Факт е, бидејќи тоа го тврдат и двете институции и Владата, т.е. МТСП и ФПИОМ, дека парите не биле излезени од Фондот и украдени, туку биле употребени за редовните обврски на Фондот, т.е исплаќање пензии на тековните пензионери.
  • Факт е дека Владата на РМ предвидела во Буџетот за 2019 година околу 19 милиони евра за обесштетување на тие граѓани, на кои ќе им уплаќа и веќе им уплаќа по околу 400.000 денари за да се подмират обврските кон задолжителниот втор столб…

Ако се сето ова факти, каде е лажната, фејк њуз на Османи дека ДУИ не е инволвирана во тоа, иако, за волја на вистината, вицепремиерот подоцна на прес конференцијата се повлече, па кажа дека за него фејк њуз било тоа дека ДУИ ги украл парите. Но, уште поважно или најважно, како покрај сите овие факти може да се негира дека станува збор за злоупотреба? Што е ако не е злоупотреба неизвршување на закон, особено на закон за пензиско и инвалидско осигурување во однос на префрлање на пари што ги даваат осигурениците?

Впрочем, дека станува збор за злоупотреба кажуваат две нешата – сè уште важечката кривична пријава од МТСП за непознат сторител и изјавата на колешката на Османи, вицепремиерката Радмила Шекеринска на истата прес конференција, само некоја минута подоцна:

Од она што го чув вчера на прес конференцијата и од изјавите, јасно станува дека е направена злоупотреба, што не значи дека парите се завшени во приватни џебови на функционери, но злоупотребата мора да ја истражи Основното јавно обвинителство (од 56-56.17 минута во видеото).

Можеби вицепремиерот Османи погрешно го толкува зборот злоуотреба во македонскиот јазик и го поистоветува со крадење. Можеби, пак, е пречуствивтелен на секое „влакно“ што ќе падне врз ДУИ, особено што и самиот тој сè уште не ја исклучува можноста од предвремени парламентарни избори. Но, повторно за фактите:

  • факт е дека освен сегашниот директор на ФПИОМ и претохдните десетина години ФПИОМ е раководен од кадри на ДУИ.
  • факт е дека кога настанале причините за оваа злоупотреба, тогашната влада да донесе одлука да се намалат придонесите, ДУИ била во таа Влада како дел од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, а јавноста не памети дека се спротивставила на таква одлука, ниту на одлуките за ад-хок зголемување на пензиите линеарно пред секои избори.

Оттука, Османи немудро бара извинување од секој политичар или медиум што го инволвирал ДУИ во сето ова, за што со право реагираше и ЗНМ, бидејќи еден од индикаторите за слобода на изразување и за слобода на медиуми во една земја, секогаш е прашањето дали политичарите им се закануваат на медиумите поради нивното пишување.

Поради сè погоре изнесеното може да се констатира оти тврдењето на вицепремиерот Бујар Османи, дека „не станува збор апсолутно за никаква злоупотреба на ниту еден денар“ од ФПИОМ, кога е во прашање неуплатата на парите на осигурениците во вториот пензиски столб, е апсолутен спин, т.е. извртена вистина. Злоупотреба постои, таа е направена од поодамна, а штетата сега ја покриваат сите граѓани на РМ со издвојување на 19 милиони евра од буџетот на државата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.