Контраспин: Зошто ЕЛЕМ би му ја изградил катната гаража на Бакрачески?

Бакрачески неисполнил, виновни СДСМ? Фото: ВМРО-ДПМНЕ, веб страна

Зошто неисполнетото ветување на Бакрачески, наместо со буџетот на општината и преку јавно-приватнто партнерство би требало да биде на товар на ЕЛЕМ, а уште повеќе зошто Владата на СДСМ би била виновна за незиградбата на катните гаражи во Охрид?

 

Зошто неисполнетото ветување на Бакрачески, наместо со буџетот на општината и преку јавно-приватнто партнерство би требало да биде на товар на ЕЛЕМ, а уште повеќе зошто Владата на СДСМ би била виновна за незиградбата на катните гаражи во Охрид?

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека СДСМ е виновен зошто Охрид и охриѓани немаат место за паркирање и имаат сообраќаен хаос, што го сметаме за извртена вистина, односно спин:

Спин: СДСМ наместо да работи за доброто на граѓаните и да креира нови вредности, крати и стопира. Сè што знае да работи СДСМ е блокирање, укинување и уривање.

Владата на СДС го поништи тендерот за изградба на катна гаража во центарот на Охрид, проект со кој требаше да се реши проблемот со паркинг места во Охрид и значително да се растерети сообраќајниот метеж.

Со стопирањето на овој проект СДСМ свесно дозволува да продолжи сообраќајниот хаос во најголемиот туристички центар во земјава. Возачите ќе бидат приморани да ги паркираат автомобилите по улиците и тротоарите, а со тоа да се ставаат во потенцијална опасност и животот на пешаците.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страна датум: 18.10.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски на 18.10.2017 во името на партијата ја обвини владејачката партија СДСМ дека работела на „уривање, укинување и блокирање“, а како пример го наведува откажувањето на  АД ЕЛЕМ од тендерот за изградба на катна гаража во Охрид, што го сметаме за извртување на вистината, односно спин.

Прашањето дали е или не е извртена вистина, веднаш добива одговор ако се појде од прашањето зошто ЕЛЕМ би градел катна гаража во Охрид, проект кој е ветен, а нереализиран од сè уште актуелниот градоначалник на Охрид (додека не се прогласат за офцијални изборите од 15.10.2017)  Никола Бакрачески.

Бакрачески уште во 2013 година кога победил на локалните избори во својата програма ветил како приоритетни проекти изградба на најмалку две катни гаражи во градот (стр. 36):

Во нашиот четиригодишен мандат ќе изградиме најмалку две катни гаражи, за кои предвидуваме да се наоѓаат кај градскиот пазар и на бул. „Туристичка“. Средства: 80.000.000,00 денари. Извори на финансирање: Буџет на Општината и ЈПП.

Како што може да се види, катните гаражи ги ветил со буџет на општината од околу 1,3 милиони евра и преку приватно-јавно партнерство. До крајот на мандатот досегашниот градоначалник Никола Бакрачески не изгради ниту една катна гаража.

Оттука, зошто неисполнетото ветување на Бакрачески, наместо со буџетот на општината и преку јавно-приватнто партнерство би требало да биде на товар на ЕЛЕМ, а уште повеќе зошто Владата на СДСМ би била виновна за незиградбата на катните гаражи во Охрид?

ЕЛЕМ е акционерско друштво формирано со одлука на Владата на РМ од 2005  година, како резултат на трансформацијата на поранешното Електростопанство на Македонија. Неговата основна дејност е производство на електрична енергија, истражување и развој и сè што е поврзано со елетричната енергија.

Не постои нешто како што е изградба на катна гаража во ниту еден основен документ на АД ЕЛЕМ, како опис и попис на неговата дејност, визија, мисија. Постои политика на општествена одговорност. Во таа насока ЕЛЕМ запишала:

АД ЕЛЕМ е вклучен во многу гранки на општеството, поддржува проекти од хуманитарен карактер, поведува иницијативи поврзани со младите и со образованието, традицијата и културата, го помага здравството, науката и технологијата, спортот и забавата.

И да, во таа политика на општествена одговорност и поддршка на заедницата секако спаѓа и помош за порибувањето на Охридско езеро – нешто што било направено во април 2017 година. Но, зошто би требало да гради и катна гаража?

Во Македонија, во која производството на елекетрична енергија континуирано опаѓа со години и покрај вложувањата од стотици милиони евра, во која производството на струја од сопствени извори е под две третини од потребите, ЕЛЕМ секако не смее да ги расфрла парите на катни гаража или некои други непродуктивни инвестиции, дури и ако станува збор за помош на заедницата.

Затоа, тотално извртување на вистината или спин е тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ, односно владата била виновна затоа што охриѓани нема да добијат катна гаража со помош на ЕЛЕМ, кој вчерa објави дека донел одлука да го раскине тендерот за таков вид инвестиција. Во соопштувањето на одлуката дури може да се види и некој вид фер настап, затоа што одлуката е соопштена откако веќе изборите за Охрид завршија.

Оној кон кого може да се насочи лутината за тоа што Охрид и охриѓани не добија не две, туку ниту една катна гаража, секако дека е ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот од оваа партија. Тој, во свое име и во име на партијата, ги ветил, а не ги остварил за време на мандатот од 4 години.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција