Конзервацијата на црквата „Св. Богородица Захумска“ во с. Трпејца се развлече шест години

Пристапот до оваа црква изгрдаена во 1361 година, е можен единствено по воден пат. Фото: Принтскрин

 

Продолжуваме со конзервацијата и реставрацијата на фрескоживописот на црквата „Св. Богородица Захумска“, која се наоѓа во с.Трпејца, Охридско и која датира од 14 век. Носител: НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид  (Буџет: 4.000.000 денари  Рок: 2015 Година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Конзервација на Црквата „Св. Богородица Захумска“, с. Трпејца,  охридско, е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018 година во делот Култура и уметност (стр.328),  со рок на имплементација 2015 година. Иако, проектираниот рок е изминат, со оглед на тоа што досега (09.05.2016) се направени повеќе зафати за негова реализација, ова изборно ветување го сметаме за делумно исполнето.

Црквата „Св. Богородица Заумска“ се наоѓа на 20 километри од Охрид, во подножјето на планината Галичица, на брегот на езерото, во месноста Заум (Захум), спроти  село Трпејца. Заради конфигурацијата на теренот, пристапот до оваа црква која е изгрдаена во 1361 година  е возможен единствено по воден пат. Конзерваторските работи на овој споменик на културата од средината на 14 век, се започнати пред  шест години.

Во октомври 2014 година медиумите информираа дека  се реализирани повеќе фази за непосредната заштита на манастирскиот комплекс „Св. Богородица Захумска“, кои се однесуваат на:

делови од живописот во куполата, северниот свод, северната и горна зона, западниот и јужниот вертикален ѕид, како и долните партии од олтарниот простор.

Во септември 2015 година министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, зборувајќи за овој проект, меѓу другото,  рече  дека се во тек конзерваторските активности во црквата, како и на фрескоживописот. Истовремено, таа спомена дека

ќе бидат преземени превентивни заштитни мерки на покривот на црквата заради настанатите оштетувања во текот на зимскиот период.

Во оваа пригода министреката  појасни  дека , заради временските услови и специфичната локација на црквата до која се стигнува само по воден пат, конзерваторските работи ќе завршат до крајот на месец октомври (2015).

Исто така, таа кажа и дека:

Проектот ќе биде целосно реализиран во текот на 2016 година кога целосно ќе биде завршена конзервацијата на овој значаен фреско-ансамбл.

Минатиот месец (април 2016) телевизија Алфа пренесе информација дека

Почнувајќи од месец јули, охридскиот Завод и музеј ќе започне со конзервација на исклучително вредниот фрескоживопис од црквата Света Богородица Захумска

Од Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” (стр.382), исто така, се гледа дека реализацијата на овој проект се пролонгира за 2016 година :

Во изминатиов период се реализирани повеќе фази во насока на непосредна заштита, кои се однесуваат на делови од живописот во куполата, северниот свод, северната, горна зона, западниот и јужниот вертикален ѕид, како и долните партии од олтарниот простор. Извршена е и екстракција на соли по хемиски, хемиско-механички и по механички пат, како и консолидација на загрозените површини со инјектирање. Во 2016 година е предвидено целосно завршување на конзервацијата на фрескоживописот на оваа значајна црква и нејзина заштита.

Имајќи го предвид сето ова , изборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ: „Конзервација на црквата „Св. Богородица Захумска“, с.Трпејца  – охридско,“, го оценуваме како делумно исполнето.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска