Копанки не го доби системот за вештачки снег

Скијање само на природен снег. Фото: Скриншот

Со цел да се развијат и максимално да се унапредат можностите кои ги нуди скијачкиот центар Копанки на Пелистер, АД ЕЛЕМ започна со инвестициите во овој скијачки центар за повторно да биде еден од омилените зимски туристички центри во Македонија, а особено во Битолскиот регион и околината. Покрај преземените активности за повторно пуштање во функција на двоседната жичарница „Бегова чешма” и постојниот ски лифт „Копанки”, во насока на обезбедување услови за долга скијачка сезона, предвидена е изградба на систем за производство на технички снег за заснежување на скијачките патеки во вкупна должина од 1.250 м. За изградба на системот за производство на технички снег за заснежување на скијачките патеки и уредувањето на скијачките патеки планирана е инвестиција на ЕЛЕМ во износ од 1.000.000 евра, а рокот на реализација е 2014 – 2015 година.

Паралелно со изградбата на скијачкиот центар Копанки, планирано е реновирање и модернизација на хотелот Молика по примерот на хотелите во другите европски зимски центри. Со цел да се подобри квалитетот на сместување на гостите, покрај реновирањето на хотелот, ќе бидат воведени и нови содржини за гостите, како што е изградбата на нов спа центар, голема конференциска сала и детско катче за најмладите. Ќе се разгледа можноста хотелот Молика да биде продаден на приватен инвеститор, кој ќе има обврска да ги реализира овие предвидени содржини, за што е проценето дека треба да инвестира околу 3.000.000 евра. (Рок: 2015 -2017 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Проектот за систем за вештачки снег во зимскиот центар Копанки е најавен во Изборната програма  „Проверено“  на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори во 2014 година, но досега не е реализиран, иако како краен рок за него е наведена 2015 година. Системот е дел од ветувањето „ПРОЕКТ: СКИ ЦЕНТАР – КОПАНКИ, ПЕЛИСТЕР“ на страница 147 од програмата. Иако за целиот проект, којшто опфаќа и реновирање и модернизација на хотелот „Молика“, е наведен рок 2015 – 2017 година, за системот за производство на технички снег за заснежување на скијачките патеки и уредувањето на скијачките патеки е ветена инвестиција на ЕЛЕМ во износ од 1.000.000 евра, а се нагласува дека рокот на реализацијата е 2014 – 2015 година.

Во програмата за работа на Владата во периодот 2014-2018 година во делот Tуризам, пак, е поместена точката „Развој на Ски Центарот – Копанки, Пелистер (2015-2017)“ без посебна напомена за системот за вештачки снег, за којшто во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е прецизно зададен рок (2014 – 2015 година), кој е веќе изминат.

За Радио Слободна Европа минатата година во февруари Мирјана Митревска, директор на хотелот Молика, кој е во сопственост на ЕЛЕМ а стопанисува со ски патеката „Копанки“ и со жичницата Бегово поле, изјави дека се размислува за инвестиција за да се обезбеди вештачки снег.

Постоеше инфраструктура за вештачки снег од некогаш. Во неколку наврати дојдоа професори од Градежниот факултет од Скопје ја видоа реалната состојба на теренот, колку количество на вода ќе биде потребно и околу местоположбата на акумулацијата. Направија првични скенирања и треба да се изработи елаборат за проект за вештачки снег, вели Митревска.

Во одговор на пратеничко прашање на седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 26 февруари 2015 година, вицепремиерот Владимир Пешевски појаснува дека е почнат проект за изградба на отворени базени за вода на Копанки, потребни за производство на вештачкиот снег.

Значи, одпочнато е веќе со реализација на проектот, во текот е изработка на проект за изградба на отворени базени на вода на Копанки, потребни за производство на вештачкиот снег, по што ќе следи изградбата во едно и набавка на целокупната опрема потребна за производство на вештачки снег – рече Пешевски.

Пребарувањето на македонските агрегатори на вести и по интернет доведе само до написи кои зборуваат дека изминатава скијачка сезона во центарот Копанки помина без вештачки снег.

Телевизискиот прилог на Телма „Почна ски-сезоната на Пелистер“ од 17 јануари 2016 кажува дека и оваа сезона мина без вештачки снег, но се повторува рокот 2017, кој е изменет во однос на ветувањето во изборната програма со која ВМРО-ДПМНЕ ја побара довербата на граѓаните во 2014 година.

Засега,  хотелот Молика, кој е сопсвеност на Електрани на Македонија,  и натаму останува најголем сместувачки капацитет на Пелистер.  Од таму најавуваат реконструкција и проширување на капацитетот  , нови содржини кои би привлекле поголем број туристи и производство на вештачки снег на ски патеката. Овие активности, според  најавите треба да се реализраат до крајот на 2017 година ( Телма)

И телевизијата Орбис во својот прилог „Почна ски-сезоната на Пелистер“ од 18 јануари годинава го изнесува истото, односно дека до крајот на 2015 година нема поместување во поглед на поставувањето систем за вештачки снег во „Копанки“.

Засега,  хотелот Молика, кој е сопсвеност на Електрани на Македонија,  и натаму останува најголем сместувачки капацитет на Пелистер.  Од таму најавуваат реконструкција и проширување на капацитетот  , нови содржини кои би привлекле поголем број туристи и производство на вештачки снег на ски патеката. Овие активности, според  најавите треба да се реализраат до крајот на 2017 година.

Со оглед на ситуацијата, може да се прибележи дека ветувањето за систем за вештачки снег во „Копанки“ дадено во програмата „Проверено“ не е исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција