Коце Трајановски меѓу (не)остварените проекти, сенката на Груевски и проблемот со албанските гласови

Последните денови од кампањата: Нов мандат за Трајановски или нов градоначалник на Скопје? Фото: ФБ

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски, во рамки на кампањата за претстојните локални избори, секојдневно промовира разни проекти од сферата на урбанизмот и инфраструктурата, комуналните дејности, загадувањето и животната средина… Арно ама, голем дел од овие проекти беа дел и од неговата програма на претходните избори, но никогаш не ги реализираше, што го доведува до прашање неговиот кредибилитет да ја задржи довербата кај граѓаните. За разлика од претходните избори, Трајановски овојпат многу проекти не ги најавува резолутно, туку условено од евентуалната финансиска поддршка од Владата

 

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски, во рамки на кампањата за претстојните локални избори, секојдневно промовира разни проекти од сферата на урбанизмот и инфраструктурата, комуналните дејности, загадувањето и животната средина… Арно ама, голем дел од овие проекти беа дел и од неговата програма на претходните избори, но никогаш не ги реализираше, што го доведува до прашање неговиот кредибилитет да ја задржи довербата кај граѓаните. За разлика од претходните избори, Трајановски овојпат многу проекти не ги најавува резолутно, туку условено од евентуалната финансиска поддршка од Владата

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Еден од крупните и важни проекти што Трајановски повторно го најавува е подземната сообраќајница во централното градско подрачје на Скопје, со цел да се растовари сообраќајот. Овој проект беше дел и од неговата програма на претходните локални избори во 2013 година, меѓутоа изостана во отчетот за сработеното на истекот на неговиот втор четиригодишен мандат оваа 2017 година. Станува збор за подземна сообраќајница на потегот од булеварите Илинден и ВМРО до булеварот Кузман Јосифовски-Питу, долга 1.300 метри со две коловозни ленти во секој правец, при што предвидено е 900 метри да бидат под земја, во делот кај Плоштадот Македонија и долж Кејот 13 Ноември.

lOK-IZB

За реализацијата на овој проект, потпишан е меморандум дека ќе биде финансиран од Владата на Република Македонија со две третини од сумата, додека една третина од сумата ќе беше покриена од страна на Градот Скопје. За реализацијата на овој мега капитален проект, два пати се распишуваше оглас за изведба, но сумите кои пристигнаа беа значително повисоки од проектански предвидената, согласно сообраќајниот проект на шпанската компанија ИДОМ. Според проектите, изградбата требаше да биде до 45 милиони евра, додека понудите кои пристигнаа беа значително повисоки и варираа од 68 до 95 милиони евра без ДДВ. Поради високите цени, оваа постапка се прекина , ни објаснија од Град Скопје зошто проектот не се реализирал.

Понатаму, уште еден проект што го најави Трајановски во пресрет на претходните локални избори, а никогаш не беше реализиран, е изградбата на булеварот Даме Груев во строгиот центар на градот, со што улицата Димитирија Чуповски (поранешен „Рекорд“) би станала печашка зона. Од Град Скопје истакнуваат дека овој проект е во фаза на изведба на повеќе студиии, проценки за начинот на отстранување на објектот или дел од објектот што се наоѓа на трасата на проширувањето („Макотекс“ или кај кафе барот „Корзо“). Оттаму велат дека откако ќе се заврши фазата на проектирање, ќе се пристапи кон реализација на останатите фази за проширување.

Инаку, многу други проекти што беа најавени во 2013 година никогаш не беа реализирани. Меѓу нив спаѓа изградбата на ски-патека на Водно, која во меѓувреме се префрли во надлежност на АД ЕЛЕМ, па Градот се иззема од одговорност за потфрлувањето. Некои проекти, пак, почнаа со задоцнување, како што е изградбата на нов забавен парк, па наместо досега да беше готов, Трајановски ја најавува неговата конечна реализација како нов проект на овие избори. Сепак, тој во новата програма не ги повтори сите промашени ветувања, па така од воведувањето на трамвајски превоз и официјално крена раце, заменувајќи го алтернативно решение – набавка на нови автобуси на електричен мотор.

Администрацијата на Трајановски секоја година нереално го проектираше буџетот, така што просечната реализација во изминативе години беше околу 80 проценти. Тоа Трајановски и неговите соработници го правеа само за да можат да најавуваат што повеќе проекти пред јавноста, кои подоцна не можеа да ги реализираат од причина што Градот не собрал средства колку што планирал и проектирал. Тој наследи многу проекти изработени од градската администрација, но не ги реализише, а сега на овие избори повторно ги најавува со големо задоцнување, како на пример, Скопје Велоград, за што има проект од 2003-2004 годинавели Драги Давчевски, советник во Советот на Град Скопје од СДСМ.

Воедно, треба да се истакне дека еден од главните видео-спотови на Трајановски во оваа изборна кампања започнува кружен тек на раскрсницата кај поранешна НИП „Нова Македонија“, како и со подземна сообраќајница позади „НЛБ Банка“ и „Рамстор“. Меѓутоа, како што појаснуваат од СДСМ, оваа подземна сообраќајница не е проект на Градот, туку е обврска на турскиот инвеститор „Лимак“, кој треба да ја изгради за да има површина за изградба на деловни комерцијални и станбени објекти во тој дел. Врз основа на тоа, Трајановски промовира како проекти и зафати од приватни компании, кои утре, всушност, ќе бидат „виновни“ доколку зафатот никогаш не се реализира.

 

ОД АНТИАЛБАНСКА КАМПАЊА ЛАНИ ДО ЛОВ НА АЛБАНСКИ ГЛАСОВИ СЕГА

Иако не ги оствари најавите за многу крупни инфраструктурни објекти, сепак, граѓаните имаат многу подобра перцепција за Трајановски отколку за неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, чија антиалбанска политика и реторика по парламентарните избори може да биде пресудна Трајановски да не биде избран за трет по ред градоначалнички мандат на претстојните локални избори. Последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека Трајановски заостанува зад противкандидатот од СДСМ, Петре Шилегов, што, според упатените, покажува дека градоначалникот на Скопје на овие избори може да ја изгуби довербата, ако надвладее персепцијата дека е премногу во сенка на партискиот лидер Груевски, кој истовремено, велат тие, беше премиер, градоначалник, урбанист, архитект…

Не може да се каже лош збор за агилноста на Трајановски во работата и за она што тој го направи за овие 8 години за Скопје. Меѓутоа, тој беше еден од најпослушните луѓе на Груевски, кој заборави дека градоначалникот на Скопје е една од најбитните политички фигури во државата, а не послушник на некој лидер кој одамна е заминат во историјата како негативна личност. Поддржувајќи или пак премолчувајќи ги постојаните мешања на централната власт во локалната самоуправа, како и реализација на личната волја на поранешниот премиер, кој истовремено беше и архитект, градоначалник, инспектор, контролор, наредбодавач и што уште не, Трајановски  ја изгуби својата автономност и препознатливост, смета универзитетскиот професор Јове Кекеновски, кој е поранешен претседател на Собранието на Град Скопје.

Според анкетата што ја спроведе агенцијата „Рејтинг“ за потребите на неделникот „Фокус“ во периодот од 18 до 23 септември, 40 отсто од испитаниците се задоволни од работата на Трајановски, додека 56 отсто не се задоволни од неговата работа. Притоа, многу задоволни биле 14,7 отсто, главно задоволни биле 25,5 отсто, главно незадоволни биле 25,4 отсто, а многу незадоволни биле 30,7 отсто.

Доколку локалните избори се оддржеа во еден месец пред закажаниот термин на 15 октомври, според оваа анкета, за Трајановски би гласале 24,3 отсто, додека за неговиот противкандидат од СДСМ, Шилегов, би гласале 28,8 отсто од испитаниците.

Оттука, овие податоци посочуваат оти треба да се очекува втор круг, во кој, според истата анкета, за Трајановски би гласале 25,8 отсто, додека за Шилегов би гласале 36,8 отсто од испитаниците. Тоа значи дека во вториот круг Шилегов има уште подобра позиција поради поддршката од албанските гласачи.

Токму затоа, веднаш после постизборните протести против таканаречената „Тиранска платформа“, со значителна доза на антиалбански наратив и реторика, што кулминираше со упад во Парламентот и насилство врз пратениците на тогашната позиција и албанските партии, Трајановски се обидуваше да ги менаџира на штетите кои ВМРО-ДПМНЕ ги направи кај албанските гласачи. Така, веднаш по формирањето на новата реформска влада, тој почна да говори како работел во сите средини и за сите етнички категории, се сликаше со Албанци покрај албанското знаме, па дури со „кандидатот за заменик-градоначалник“ Мухамед Амети отворено го побараа албанскиот глас преку билборди на албански јазик…

Сепак, анкетата што ја споведе „М-Проспект“ за потребите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и телевизијата „Телма“, покажува дека тоа не дава резултат. Имено, според оваа анкета спроведена од 23 септември до 3 октомври, за Шилегов би гласале 37,1 отсто, а за Трајановски 34,6 отсто од испитаниците, додека 22,5 отсто истакнале дека сè уште не знаат за кого би гласале, не одговориле или рекле дека нема да гласаат за ниту еден од кандидатите. Најиндикативно е што 58,6 отсто од Албанците би гласале за Шилегов, а само 4,8 отсто за Трајановски.

Барањето на албанските гласови е нормална работа и сега ќе беше оправдано, но во ситуација доколку Трајановски, како важна политика фигура, јавно се спротивставеше на лагите и манипулациите на Груевски за време по парламентарните избори и сето она што беше изречено на сметка на Албанците и албанските политички партии пред да се создаде новото парламентарно мнозинство. За мене не е достоинствено еден градоначалник на главен град да поддржува или да биде послушник на лицемер кој во четири очи одамна ги продал националните интереси, а истиот (Груевски) да обвинува други за такво предавство. Трајановски дојде благодарение на Груевски и доколку замине од функцијата ќе замине по заслуга на Груевски – оценува Кекеновски.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција