Крстови како симбол за (не)добредојде

 

 

Крстот како симбол на христијанската вера, страдање и спасението во последните неколку години е злоупотребен и поставен ширум Македонија. Од различни материјали и во разни димензии, од монументални до симболични, крстовите се подигнати во Скопје, Штип, Прилеп, Крушево, Богданци, Драчево, Маџари, Зелениково, Плетвар, на Водно, во населбата Аеродром, Мислишево, Лескоец кај Охрид, Новаци, Стојаково, Штипско Ново Село, Видовиште, Зрновце, Битола, Јанкоец, Претор, Сливница, Штрбово, Долно Лагово, Селце, Дрен….

 

Пишува: Александар Писарев

 

Иако досега, во православната иконографија и византиското наследство поставување на крстовите во градовите, на крстосниците, брдата над населбите, главно се поврзувало со западните христијани, односно Католичката црква, овој симбол сè почесто се јавува и во „источната варијанта“ во Македонија. Пред сè, како маркер за обележување и поделба на територии по етничка и верска линија.

 

ХРСИТИЈАНСТВО НА МЕТАР

Никос Чаусидис, професор по ликовна семиотика (наука за знаците кои нешто претставуваат/обележуват) на Институтот за историја на уметност и археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, вели дека поставувањето на вакви крстови како обележја или завештанија не е популарна традиција во православието како што е тоа случај во католицизмот.

На просторите на православието не е забележено дека средновековните владари и ктитори поставувале вакви крстови за обележување на територија, вели Чаусидис.

Ваков манир е повеќе пагански обичај кога во претхристијанскиот период на крстосниците на патиштата се поставувале тотеми кои подоцна во запаадното христијанство се заменети со крстот.

Во втората четвртина на 19 век овој маниризам посебно бил раширен во католичките делови на бивша Југославија: во Хрватска, Словенија и делови од Војводина. Таквата пракса на овие простори прв пат ја сретнуваме кај католиците во Војводина. Тоа се таканаречени „мали олтари“ покрај крстосниците, кои биле наменети верниците во текот на патувањето тука кратко да се задржат.

Архитектката Маја Арсова, која последните десет години сериозно ги проучува и споредува идентитетските слики на урбаните средини во Македонија и европските градови, вели дека неретко критериумите за изградба на големите крстови и верските објекти не се духовните и верските потреби на мештаните, туку повеќе станува збор за симболички акти на верска демаркација.

Владиката на Европската епархија на МПЦ ОА, г. Пимен вели дека со масовната изградба на крстови, камбанариите, параклиси и минарињата се бележи освоена територија.

Освен што се „декоративен елемент“, за жал, се и објекти со кои треба да се покаже доминација на одреден простор, нешто како маркери за обележување на освоена територија, вели владиката Пимен.

 

КОГА ВЕРАТА ЌЕ СТАНЕ МОДА

Во Македонија, со изградбата на Милениумскиот крст на врвот на Водно, започна поддршката на државата, односно трошење на парите на граѓаните за изградба на верски објекти. Веднаш по изборите во 2006 година Владата донесе одлука да ја финансира изградбата на црквата Константин и Елена на плоштад Македонија, а како носител на проектот е назначено министерството за култура.

Во изградбата на верските објетки се вклучи и Владата со 150 илјади евра за почетокот на изградбата на црквата на Сите светители во Битола. Примерот го следеа скоро сите општини во државата кои покренаа иницијативи и понудија финансиски олеснувања и ослободување од комуналните такси за ктиторите на крстови и црквите. Оној кој гради крст или црква ослободен е и од даночните обврски при градежните работи.

Со црковно-државни церемонии и свечености на кои, покрај високото свештенство присуствуваа актуелните политичари меѓу кои и премиерот, бројни поединци, групи, општински раководства и бизнисмени започна изградбата на крстови и нови цркви во Штип, Прилеп, Крушево, Струмица, Кичево, Мислишево, Лескоец кај Охрид, Новаци, Стојаково, Штипско Ново Село, Видовиште, Зрновце, Битола, Јанкоец, Претор, Сливница, Штрбово, Долно Лагово, Селце, Дрен…

Секуларноста на државата е директно нарушена и со одлука на Владата во рамките на проектот Скопје 2014 да се градат цркви. Еден таков проект неславно заврши и на скопското Кале.

 

МОБИЛИЗАЦИЈА ПРОТИВ ИСЛАМОТ

Пред крајот на 2013 година Светскиот македонски конгрес (СМК), поддржан од градската и локалната власт реши во населбата Аеродром да изгради 55 метарски „Македонски крст“. Ова е најеклатантен пример на отворен повик за сегрегација и делење по етнички и религиозни рабови со благослов на црквата и узурпирање на јавен простор кој е наменет за сите граѓани.

Тодор Петров, претседател на СМК од говорницата на државно-црковната свеченост им порача на присутните:

Македонците, христијани, го препознаваат својот етнички простор и треба да го обележат со симбол во кој веруваат. Крстот е легитимација на Македонците и имаат право со него да го обележат својот етнички простор.

Во тој контекст и МПЦ ОА ја оправдува изградбата на големиот крст во населбата Аеродром како симбол на одбрана на територијата која им припаѓа на христијаните.
Во МПЦ ОА сметаат дека изградбата на ваквите верски симболи е во функција да се спречат „освојувачките тенденции на муслиманите“ кои почнуваат да ги населуваат и традиционалните христијански простори.

Така религијата во Македонија доби сè поголема и посилна улога во политичкиот и во јавниот живот. Таа не е повеќе само приватна работа на поединецот, туку креира потенцијал да влијае на општеството и на политиката и станува битен фактор во политичкиот и во јавниот живот. Она што посебно загрижува е сè поголемото влијание на црквата врз јавниот простор, кој, според дефиниција треба да е секуларен и лишен од религиското влијание.

 

СПЦ Е ПРОТИВ КРСТОТ НА УЛИЦА

Во Србија и Босна црквата избегнува да учествува на овие „црковно народни“ манифестации, оценувајќи дека ваков маниризам со подигање крстови на секоја крстосница не е во склад со православното христијанство и може да биде јаболко на поделби меѓу граѓаните. Таа се спротивставува на вакви тенденции.

Прота Стојадин Павловиќ, главен и одгворен уредник на српската религиозна телевизија Храм, кој прв се спротивстави на иницијаторите да постават крст во белградска општина Стари Град вели:

Право е на граѓаните да изнесуват свое мислење, ама е непримерно поставување на крстовите во случаите кои не се позанти на црковната традиција. Непримерна е употреба и поставување на крстот без подлабоко разбирање на неговата сврха и на оние места и во оние прилики кои се туѓи и непознати на христијанската православна традиција. Местото на крстот, како најпознатиот христијански симбол е на црквата и во внатрешноста на храмот и на предметите кои служат и се користат во богослужбата, во христијанските домови или на градите на христијаните кои го носат како заштита со благослов на црквата, изјави прота Павловиќ.

 

АНАЛОГИЈА СО БОСНА

Поставувањето на камен темелник за крстот во скопската мултиконфесионална населба Бутел во предизборието е отворена провокација и користење на верски симбол во политички цели.

Владиката Пимен од Европската епархија на МПЦ-ОА по повод овој настан напиша:

Орли и крстови. Провокации и паѓања на провокации. Обично, низ целиот свет, спомен обележја се ставаат како симбол на крај на безумства и крвопролевања. Кај нас обратно е. Се поставуваат за да почнат безумствата, напиша владиката Пимен.

Претседателка на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи при Владата, Валентина Божиновска, има спротивно мислење и енергично го брани поставувањето на крстот во скопската населба Бутел како легитимно право на Македонците.

Верата не се докажува со бројот на изградените крстови, цркви, црквички и параклиси. Верата се докажува 365 дена во годината, на секој чекор – со внимание, почитување на другиот, грижата, сочуство, заедништво, почитување , љубов. Верата се докажува во однос кон заедницата, кон луѓето со кои се живее, кон земјата во која се живее, кон природата.

Аналогија на вакви настани после 1992 година имаме уште само во Босна каде радикалните структури со крстот во предизборните активности се обидоа да ги мобилизират гласачите.
Во сараевската мултиетничка населба Златиште, каде живеат муслимани и христијани, злоупотребувајќи ја службената положба, Александар Тодоровиќ, управник на Електродистрибуција во Источно Сараево, инаку пратеник во СНСД (Сојуз на независните социјалдемократи), чиј претседател е Милорад Додик (претседател на Република Српска во БИХ) преку ноќ поставил крст висок 30 метри. Граѓаните ова го протолкувале како провокација и Сараево било на чекор до меѓуетнички и меѓуверски судир, бидејќи спротивната група дошла да го руши крстот, а градителите биле спремни да го бранат по секоја цена. Заменик на градоначалник на Сараево Аљоша Цампара изјави дека е тоа антицивилизациски чин и ги навердува верските чувства на граѓаните, побарана е помош од меѓународната заедница крстот веднаш да се отстрани. Во смирување на тензиите учествуваа заеднички градоначалникот на Сараево, Семих Боровац и претставникот на Српската православна црква кои ги натераа иницијаторите да го тргнат крстот.

 

„ДРУГИТЕ “ НЕ СЕ ДОБРЕДОЈДЕНИ

Професорот Цане Мојаноски, поранешен претседател на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи вели дека во Македонија „тие претставуваат маркери на територијата која се освојува од страна на етнички дефинираните политички партии. За нив, религиозните обележја одамна не се храмови на верата, туку алатки за остварување и манифестирање на политичката моќ и секоја хомогенизација по верска основа само ќе ѝ нанесе штета на Македонија“.

Тој смета дека градбата на вакви обележја претставува новосоздаден манир на актуелната власт и политичка стратегија за етничко и верско обележување на териториите во сите делови на Македонија што долгорочно може да се толкува и како знак дека „другите“ не се добредојдени на веќе обележаните територии .

Професорката Мирјана Најчевска, поранешен претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права и граѓански активист вели дека чувството за припадност кон одредена религија е човеково право кое не смее да се загрози.

Меѓутоа државата често отворено се меша и во верските прашања и под плаштот на заштитата на националните интереси ја става МПЦ-ОА во уникатна положба, директно влијаејќи врз нарушување на секуларниот карактер на државата. Во вакви услови, оценува Најчевска, меѓуетничките тензии многу лесно добиваат верски карактер и овозможуваат јасна поделба на граѓаните, која, во одредени моменти погодува за брза мобилизација во насока на насилно делување.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *