Куманово – две различни визии во битка за градоначалничката фотелја

Кандидатите со најголеми шанси за иден градоначалник на Куманово: Зоран Ѓорѓеивски и Максим Димитриевски. Фото: ФБ

Кој ќе го однесе Куманово? Максим Димитриевски од СДСМ со капиталните инвестиции за нов цевковод за водите околу езерото Глажња, довршување на гасификацијата и решавање на сообраќајните проблеми во градот или Зоран Ѓорѓеивски од ВМРО-ДПМНЕ со ветениот нов урбанистички план, студијата за атмосферска канализација и бројните нови и осовременети објекти низ градот? И дали поддршката на албанските гласачи ќе биде одлучувачка?

 

Кој ќе го однесе Куманово? Максим Димитриевски од СДСМ со капиталните инвестиции за нов цевковод за водите околу езерото Глажња, довршување на гасификацијата и решавање на сообраќајните проблеми во градот или Зоран Ѓорѓеивски од ВМРО-ДПМНЕ со ветениот нов урбанистички план, студијата за атмосферска канализација и бројните нови и осовременети објекти низ градот? И дали поддршката на албанските гласачи ќе биде одлучувачка?

 

Пишува: Сања Атанасовска

 

На локалните избори закажани за 15 октомври, во битката за градоначалничката фотелја во Куманово има 5 кандидати: Максим Димитриевски, поранешен советник и претседател на општинскиот совет, актуелен пратеник на СДСМ, Зоран Ѓорѓиевски, кој долги години беше хирург во кумановската болница, а потоа и пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како и тројца кандидати од албанските партии: Башким Османи од Aлиjансата на Aлбанците, Дритон Сулејмани од Движењето БЕСА и Бесник Мемети од Демократска партија на Албанците. Сепак, со оглед на етничката структура на градот, која не може да се пренебрегне, најголеми шанси да го заменат актуелниот градоначалник Зоран Дамјановски имаат кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Нешто повеќе од 90.000 гласачи за неколку дена,  на 15-ти септември, ќе бираат татко на градот и Совет составен од 33 члена. Кампањата досега се одвиваше мирно, без некои посериозни инциденти и прекршоци. Прогнозите се дека во Општина Куманово можно е да се очекува градоначалник да биде избран уште во првиот круг, а ДУИ веќе се изјасни дека дава поддршка на кандидатот на СДСМ, Димитриевски.

Кандидатите се посатојано на терен, обидувајќи се да им ја објаснат својата програма на гласачите. Портпаролот Сашо Тодоровски за „Вистиномер“ накусо ја објаснува програмата на неговиот кандидат Максим Димитриевски:

Планираме конечно да го решиме водоснабдувањето во Куманово и околните населби. Преку изградба на капитална инвестиција цевковод Куманово-Липково предвидуваме нов начин на зафаќање на водите околу езерото Глажња и изградба на нов доводен цековод во должина од 18,4 километри со дијаметар Ф 609,9 милиметри, што ќе обезбедува сигурен доток на вода до филтер станицата во Куманово од дополнителни 500 л/сек. Гасификацијата ќе биде врвен приоритет и од добробит за секое семејство во Куманово. Затоа во програмата е ставен план за дореализација и довршување на мрежата за гасификација. Овој проект ќе донесе нови инвестиции, нови вработувања и економски придобивки за граѓаните. Освен економскиот бенефит како енергенс со конкурентна цена природниот гас има и еколошки предности кои десеткратно ќе го намалат загадувањето кое е сѐ поприсутно во нашиот град. Куманово како град се соочува со сообраќаен метеж и кон тоа прашање мора веднаш да пристапиме со сериозно и конкретно решение. Ќе изработиме сообраќајна студија која ќе биде од врвен приоритет со што би се вратиле во функција пешачките и велосипедските зони во Куманово. Предвидуваме поставување на монтажни катни гаражи, формирање на пешачки зони и непречено движење на велосипедисти и лица со посебни потреби преку поставување на рампи. Во програмата имаме зацртано најмалку две детски градинки со што ќе го решиме актуелниот проблем кој го има Куманово со запишување на деца во градинки. Постоечките градинки ќе се прошират со изградба и доградба на дополнителни занимални, а со изградба на две нови детски градинки целосно би се решил проблемот.

Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, доколку победи на изборите вети нов генерален урбанистички план, намалување на комуналните давачки за изградба на типски семејни А2 категории згради за 30 проценти, но и изготвување на студија за изградба на нова атмосферска канализација во Куманово. Тој планира да го осовремени добиточниот пазар во Долно Којнаре, да изгради нов зелен пазар во населбата Гоце Делчев, да изгради три училишни спортски сали во градот, изградба на детска градинка во дворот на основното училиште „Толи Зордумис“,  инфраструктурно уредување на општината и во наредните четири години ќе го реализира проектот „Куманово без кал“, но и повеќе културни манифестации и настани.

Општина Куманово со години е управувана од кадри на СДСМ, а Ѓорѓиевски потенцира дека гарнитурата во локалната власт одамна требаше да се смени.

Тоа досега требаше да се случи. Општината е во долгови, во лоша состојба. Ние се трудиме да ги презентираме пред граѓаните нашите идеи, она што планираме да го направиме. Знаеме дека Куманово е Македонија во мало. Нема кој етникум го нема, нема политичка партија која ја има во Македонија, а да ја нема во Куманово. Одлуката кој ќе победи ќе биде на граѓаните, граѓаните нека одлучат – вели Ѓорѓиевски.

 

ШТО ТРЕБА ДА СЕ СМЕНИ ВО КУМАНОВО?

Новинарката Светлана Антиќ Јовчевска, дописник на Радио Слободна Европа која зад себе има 32 години работно искуство во новинарството, смета дека на градот му треба нормална инфраструктура, комунална хигиена, надминување на проблемот со сообраќајниот хаос не само во централното градско јадро, туку и кон приградските населби, почист воздух, повеќе зеленило, чисто речно корито на Кумановка.

Тоа се проблемите кои на прв поглед паѓаат в очи во Куманово, градот во кој живеат над 80 илјади жители, а е и седиште на најголемата локална самоуправа во државава. Пешачки патеки речиси нема и тоа не само во центарот, бидејќи дел од нив станаа паркинзи со наплата, а останатите се узурпирани за кафулиња. На двата прекрасни плоштади, кои пред две-три децении беа шеталишта за родители со мали деца, но и за возрасни, како чир се изникнати кафулиња кои негативно влијаат на естетскиот изглед на градот. Двата градски паркови да се доуредат и да заживеат, за да можат граѓаните да го минуваат слободното време недалеку од своите домови. Преполнетите контејнери за смет и којзнае колку диви депонии се, исто така, проблем за хигиената во градот. Вревата од прекубројните автомобили, издувните гасови и загадениот воздух се, исто така, проблем. Во Куманово секогаш може да биде подобро отколку што е. Очекувам новата локална власт да си ги засука ракавите и да се фати за работа, без оправдувања дека нема доволно пари. Мудриот и умешниот и од ништо може да направи нешто, само ако вистински сака – вели Антиќ – Јовчевска.

 

ДАМЈАНОВСКИ ТРИ МАНДАТИ ГРАДОНАЧАЛНИК

Зоран Дамјановски е градоначалник на Куманово од редовите на СДСМ веќе три мандати. Изминативе години преку проекти на Општината даде поддршка на лицата со посебни потреби, се изгради затворениот пливачки базен, започна со гасификацијата на градот при што повеќе установи и училишта веќе имаат бенефит од овој проект. Дамјановски со субвенции на сметките за вода и смет им излезе во пресрет и на стечајните работници кои се соочуваа со егзистенцијални проблеми.

Неговите политички противници го обвинуваа дека не реализирал ниту еден капитален проект во градот, но Дамјановски тврдеше дека Куманово е заборавено од централната власт на чие чело беше ВМРО-ДПМНЕ, како и дека аплицирале за многу проекти, но средства не добиле. Во текот на владеењето на Дамјановски, Општината се соочуваше и со блокади. Поради експропријација на земјиште во населбата Зелен Рид во Куманово, кое требало да биде наменето за изградба на училиште и за кое Општината по судска одлука беше должна да плати висока сума на име на отштета, беше блокирана беше сметката на Општината. Се работеше за експропријација на земјиште од пред дваесет и повеќе години. Блокадата доведе и до застој на проекти.

Неодамна и премиерот Зоран Заев на митинг порача дека ќе му се одолжат на Куманово. Дамјановски сакаше да се кандидира по четврти пат на локални избори, но за тоа не ја доби  поддршката од партијата. Сепак, Заев му понуди на Дамјановски да биде дел од извршната власт, како личност која зад себе има долгогодишно професионално и политичко искуство.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција