Куманово сè уште го нема решено проблемот со отпадот

Проблемот со комуналниот отпад сè уште без напредно решение. Фото: Pixabay

Решавањето беше ветено преку изградба на Горилница за отпад во близина на Куманово, која се уште е само на хартија, односно извршени се студии и завршена е јавна расправа

Справување со цврст отпад и дислокација на постоечката депонија

Во наредниот период посебно внимание ќе се посвети на проектот „Горилница на отпад“ нa третиот североисточен плански регион. Ова ќе се реализира со применување концепт на јавно – приватно партнерство, заради што се изработи и усвои физибилити студија за горилница на отпад, додека во тек е и изработка на Студија за влијание на животната средина, која е завршена на почетокот на 2013 година. Вкупната предвидена вредност на инвестицијата изнесува помеѓу 50.000.000 и 60.000.000  Евра….(Рок: Во наредниот период)

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборната програма во 2013 година на актуелниот кумановски градоначалник Зоран Дамјановски, како прва точка од секцијата Капитални инвестиции (стр.7), е наведено ветувањето за реализација на проектот  „Горилница на отпад“, со што трајно би се решил проблемот со комуналниот отпад не само во Куманово, туку во североисточниот регион на Македонија. Ветувањето нема рок на изградба.

Всушност, станува збор  за регионално прашање и според информациите објавени во медиумите, тоа  требало да се реши преку јавно-приватно партнерство, со помош на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и со помош на странски фондови, пред сè фондови на Европската унија. Иако, во изборната програма на Дамјановски  е наведено дека ветувањето ќе го реализира Општина Куманово, што е логично зашто се работи за најголемата општина во државата со преку 103 илјади население, а целиот источно-плански регион бори околу 170 илјади.

По детална проверка на архивите на интернет, вклучувајќи го тука и сајтот на Општина Куманово, можеме да заклучиме дека изградбата на „Горилницата за отпад “не е реализирана.

Самиот градоначалник  не ветил временски рок, но бидејќи е реизбиран неколку пати, упатени му се критики  од ВМРО-ДПМНЕ (опозицијата во општинскиот Совет) дека ветувањето за решавање на проблемот со отпадот го има во секоја предизборна програма, но го нема решено.

Проверката покажува дека била направена Студија за животната средина со изградба на ваквата депонија, биле закажани и јавни расправи од страна на Одделнието за Североисточниот плански регион при Бирото за развој, бил направен и регионален план во рамките на користењето на ИПА фондовите од страна на Министерството за животна средина, конечно постои и Програма за развој на североисточниот плански регион 2015-2019…Од сето ова досега, токму во последниот документ на ст. 51, се констатира   дека единствено е формирано регионално претпријатие за управување со комунален отпад.

Со тоа, депонијата Краста, воспоставена уште во 1960 година и на која има околу 9 милиони кубни метри отпад, која уште во 2011 година била оценета како депонија со средно ниво на опасност и која влегла во план да биде затворена и денес работи, а плановите или дискусиите за изнаоѓање на решение сè уште се прават.

Проблемот денес станува уште поизразен поради неодамнешната блокада на сметката на Јавното претпријатие Чистота и зеленило од страна на УЈП, за долг од 40 милиони денари за неплатен данок. Директорот на ЈП и градоначалникот Дамјановски тврдат дека долгот е фиктивен, бидејќи станува збор за репораграмирани пари од Владата уште во 2010 година и дека позадината е политичка пред локалните избори.

Со оглед дека мандатот на Дамјановски е при крај (завршува во мај 2017), а на терен сè уште нема никакви конкретни активности околу изградбата на „Горилницата за отпад“,  ова негово изборно ветување  го сметаме за неисполнето, бидејќи  досега (28.03.2017) се направени  само неколку чекори за неговата реализација, но само на хартија.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција