Квалитетот на воздухот се мери долго време пред Трајановски да стане градоначалник на Скопје

Коце Трајановски:"Јас прв им ги отворив очите на граѓаните за тоа каков воздух дишат", Фото: Мета

 

Мониторинг станиците за мерење на квалитетот на воздухот се донација на ЕУ и истите се донираат уште од 2002 година. Во централната база на податоци за странска помош на Владата на РМ, може да се види дека првата донација на фиксни мониторинг станици за мерење на квалитет на воздух од ЕУ е од 2002 година во износ од 304 илјади евра, втората донација  е од 2004 година во износ од  приближно 1,1 милиони евра, а третата донација е во 2012 година во вредност од 330 илјада евра

 

На 11.02.2017 година во интервју за порталот 24 Прес, Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, во врска со високиот степен на загаденост во Скопје, ја даде следнава изјава:

Никој не може да порекне дека јас сум првиот градоначалник на Градот Скопје што постави автоматски мерен инструмент, којшто на улицата Македонија вршеше мерење на загадувачките материи во воздухот, и тоа јаглеродмоноксид, сулфурдиоксид, азотни оксиди и партикуларни честички помали од 10 микрометри, во време кога ниту еден друг мерен инструмент не постоеше.

[Извор –  Прес 24: Интервју “Јас прв им ги отворив очите на граѓаните за тоа каков воздух дишат”, датум: 11.02.2017]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на градоначалникот Коце Трајановски ја оценуваме како невистинита. Еве и зошто.

Коце Трајановски за првпат стана градоначалник на Град Скопје на локалните избори одржани во 2009 година, а неговиот мандат беше продолжен во 2013 година кога повторно беше избран за градоначалник на Град Скопје.

Мониторинг станиците за мерење на квалитетот на воздухот се донација на ЕУ и истите се донираат уште од 2002 година. Доколку во централната база на податоци за странска помош на Владата на РМ, во делот за пребарување се внесе зборот “станици” ,датабазата меѓу другите проекти дава преглед и на проектите на ЕУ со кои се донираат мониторинг станиците за мерење на квалитетот на воздухот. Првата донација на фиксни мониторинг станици за мерење на квалитет на воздух од ЕУ е од 2002 година во износ од 304 илјади евра, втората донација  е од 2004 година во износ од  приближно 1,1 милиони евра, а третата донација е во 2012 година во вредност од 330 илјада евра. Како што е регистрирано во дата базата, договорен орган за сите донации  е Министерството за животна средина и просторно планирање.

16804656_10155047797284553_992603397_o

 

 

16804730_10155047732129553_2113095833_o

 

 

16804778_10155047801359553_1653624876_o

 

На 16.10.2006 година во медиумите беше пренесена следната вест во врска со поставување на мониторинг станици за воздух во Скопје како донација од ЕУ:

Во дворот на Ректоратот на Универзитетот  Свети Кирил и Методиј вчера свечено беше промовирана работата на автоматска мониторинг-станица за мерење на загадувањето на воздухот од сообраќајот во Скопје, донација од Европската агенција за реконструкција и развој. Вредноста на донацијата изнесува околу 100.000 евра и претставува само дел од помошта на Европската агенција за реконструкција, која досега за целокупната програма за мониторинг-систем за воздух во Македонија има вложено околу 2 милиона евра. Промотори на станицата беа министерот за животна средина и просторно планирање, Зоран Шапуриќ, и Рајнер Фројнд, претставник на Европската агенција за реконструкција и развој, кои беа едногласни дека функционирањето на станицата во голема мера ќе придонесе за детектирање, а со тоа и за намалување на штетните супстанции во воздухот. Покрај основните загадувачки материи на воздухот, автоматската мониторинг-станица ќе регистрира и бензен, етилбензен, толуен, параксилен и отоксилен. (16.10.2006)

Во истиот напис понатаму се вели:

Мониторинг-станицата во дворот на Ректоратот е една од 13 фиксни станици од вкупно 16 станици во Македонија, а шеста во Скопје, покрај мерните станици поставени во Карпош, Гази Баба, Центар, Лисиче и централната станица поставена во Министерството за животна средина и просторно планирање… (16.10.2006)

На веб-страницата на ЕУ инфо центарот, во делот кој се однесува на поддршката на ЕУ за животна средина наведено е дека со поддршка на ЕУ меѓу другото се набавени 13 од вкупно 17 мониторинг станици.

Со оваа анализа се потврдува дека изјавата на градоначалникот Трајановски, дека тој прв поставил автоматски мерен инструмент за мерење на квалитетот на воздухот е невистинита бидејќи истите се донација од ЕУ и се поставени многу порано  пред да тој стане градоначалник на Град Скопје.

 ЛИНКОВИ:

Оценето од: Mилена Јосифовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција