Лекарите и сестрите сè уште не го добиле ветеното покачување за дежурствата

sdsm-logo

ВЕТУВАЊЕ: Дневниците за дежурства на докторите и медицинските сестри на клиниките и во болниците, следната година ќе бидат поголеми, а обезбедени се и пари за покачување на платите од пет отсто, кое ќе стартува од втората половина на 2018 година. Рок: март, април 2018 година

[Венко Филипче, министер за здравство,  датум: 28.12.2017 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министерот за здравство, Венко Филипче, лани во декември најави дека од март 2018 година дневниците за дежурства на докторите и медицинските сестри на клиниките и во болниците, ќе бидат поголеми, односно, дека со мартовските плати кои треба да се исплатат во април ќе добијат покачувања. Ова ветување на министерот е во тек.

Филипче нагласи и дека во буџетот за 2018 година обезбедиле пари за зголемување на дневниците за дежурства, освен за хирузите за кои веќе има зголемување.

Во зависност од институцијата во која што работат, дежурство кое што во моментот изнесува од 900 до 1.340 денари во обичен ден, од март или април следната година дневницата ќе биде 2.500 или 3.000 денари, а викенд дежурството кое што е 2.800 или 2.900 сега, ќе биде 4.000 денари, без разлика на зголемувањето на платата од 5 отсто. Верувам дека тоа сериозно ќе се одрази како сума на пари во платата која што докторите, но и сестрите ќе ја земаат веќе од првата половина на следната година, рече Филипче, пренесе Сдк.мк.

Министерството за здравство, на 07.03.2018 година, излезе со истото соопштение, најавувајќи зголемување на дневниците за дежурства на докторите и медицинските сестри.

Во првата половина од годинава ќе се зголеми сумата што докторите и медицинските сестри ќе ја добиваат за дежурствата. На пример, минатата година еден интернист за дежурање во работен ден добивал 1.340 денари, а годинава овој износ ќе се зголеми и ќе изнесува од 2.500 до 3.000 денари. А за дежурство на празник или во текот на викенд сумата од 2.980 ќе порасне на 4.000 денари, соопшти Министерството за здравство, пренесе Макфакс.

На 10.04.2018 година, дел од медиумите јавија дека се покачени износите на дежурствата на лекарите и медицинските сестри и дека тие ќе бидат исплатени со мартовската плата.

Дежурствата и ноќниот труд на докторите, медицинските сестри, транспортерите, гипсерите и протетичарите од мартовската плата ќе се исплатат по нови покачени коефициенти. Ова го соопшти вечерва Министерството за здравство по средбата на ресорниот министер Венко Филипче со претседателите на Самостојниот синдикат на Клинички центар Горан Беговиќ и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски, пренесе Република.

Соопштение за средбата на министерот со претставниците на сдвата синдикати, објави и Министерството за здравство на својата официјална Фејсбук страница.

Преговорите за исплата на дежурствата и ноќниот труд на докторите, медицинските сестри, транспортерите, гипсерите и протетичарите се во финална фаза. Дежурствата и ноќниот труд ќе се пресметуваат по нови покачени коефициенти, а исплатата ќе биде со мартовската плата. За оние кои веќе ја примиле мартовската плата дополнително ќе им се исплати разликата. Веќе е одвоена дополнителна сума од страна на буџетот на ФЗОМ, а по потпишувањето на договорот ќе се изврши исплатата.

Претседателот на Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, д-р Љубиша Каранфиловски, во изјава за „Вистиномер“ посочува дека исплатата на платите на лекарите со покачени дневници за дежурствата, сè уште не е почната. Тој не информира дека вчера (17.04.2018) бил потпишан Анексот на договорот меѓу Министерството и синдикатите. Дека исплатата на покачувањата сè уште не започнала, за „Вистиномер“ потврди и претседателот на Самостојниот синдикат на Клинички центар Горан Беговиќ.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека реализацијата на ветувањето на министерот за здравство,  Филипче, дека од март 2018 година ќе се зголемат дневниците за дежурства на докторите и медицинските сестри на клиниките и во болниците, е  во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *