Лидија Неделкова

Лидија Неделкова, Претседател на Врховен Суд на Република Македонија

 

 ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Лидија Неделкова е родена 17 февруари, 1961 во Скопје. Мајка е на еден син.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Во Скопје го завршила своето основно и средно образование во училиштето „Димитар Миладинов“ (тогашно „Браќа Рибар“) и познатата скопска гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“. Во својата младост и средношколски денови, активно се занимавала со спорт, тренирајќи ракомет.

Високото образование го завршила, дипломирајќи со одличен успех и висок просек, на Правниот факултет во Скопје во 1983 година. Одлично го говори англискиот јазик.

 

КАРИЕРА

Лидија Неделкова е позната македонска правничка, поранешен кривичен судија и поранешен претседател на Кривичниот суд, актуелна претседателка на Врховниот Суд на Република Македонија.

Веднаш по завршувањето на своето образование, се вработува во судството, каде што има 26 години стаж и работно искуство.

Својата професионална кариера ја започнала како стручен соработник во Основниот Суд Скопје 2. Во 1996 година, од страна на Собранието на Република Македонија е избрана за судија во Основниот Суд Скопје 2, каде судела предмети во кривична постапка.

Со основањето на одделот за организиран криминал во рамки на Основниот Суд Скопје 1, Лидија Неделкова ја продолжува својата професионална судиска кариера како кривичен судија, судејќи ги едни од најзначајните, најтешките и најважните судски процеси и постапки во историјата на Република Македонија.

 

Судија во „звучни“ процеси

Како кривичен судија во одделот за организиран криминал при Основниот Суд Скопје 1, Лидија Неделкова ги водела судските процеси и донела пресуди по случаите „Пепел“, „Бродец“, „Агим Красниќи“, „Јака Табак“, „Изгрев“ и др.

Во јули 2009, од страна на Републичкиот судски совет е избрана за претседателка на Кривичниот суд, односно Основен суд Скопје 1, со кој раководела 3 години се до 15 март 2012 година, кога е избрана за судија во Врховниот суд на Македонија.

На 4 декември 2012, едногласно со 13 гласови за, Судскиот совет ја избра за претседател на Врховниот суд на Македонија, со што станала првата жена претседател на Врховниот Суд во историјата на Македонија.

Од 2006 година, е редовен предавач во Академијата за судии и обвинители, а предавања за новите кривични законици одржува и на Полициската академија.

 

Бомбите

Името на Лидија Неделкова беше споменувано во „бомбите“ од страна на помлади нејзини колешки. Индициите од разговорите одат во насока дек, Неделкова примала поткуп во форма на накит од колешка, која подоцна би имала напредок во кариерата придобивајќи ја наклонетоста и влијанието на Неделкова.

СЈО нема покренато обвинение против Лидија Неделкова.

 

ИЗВОРИ

Нова ТВ: НОВА открива: Кои се судијките од последната бомба?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција