Логиката на Мерко за легалноста на пицеријата во Охрид е погрешна, а изјавата е невистина

Рамиз Мерко. Фото: Скриншот

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, даде изјава која покрај тоа што е недоследна, е и невистина:

Тој локал е ок, штом отворивме муабет и ме прашавте. Почнува да се гради и се зборува (за објектот) можеби една година наназад. Кај се бе локалните власти? Кај се државните власти? Значи тоа е, штом не го запираш, тоа е легален објект…

[Извор: Магазин.мк/Јутјуб-изјава на на Мерко, датум: 15.07.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко во кратко интервју што го пренесува порталот „Магазин“, дава изјава за неговото присуство на отворањето на пицеријата на неговиот партиски пријател и колега, лоцирана кај стариот чинар во Охрид, како и за суштината на легалноста на објектот, која е недоследна во еден дел, но уште поважно е невистина.

Мерко, настапувајќи со логика во која главен аргумент е дека непостапувањето е одобрување, практично сака да ја наведе јавноста дека за тоа дали некој објект е легален или не е, зависи од тоа дали власта постапува со него како нелегален, т.е. дали го урива или не. Ако нема такво дејствие тоа значи дека објектот де факто е легален, јавно логицира Мерко.

Ако сè е така едноставно, немаше да се крене толкава врева околу ова прашање. Имено, наспроти ова се наметнува прашањето, дали може еден објект од нелегален да стане легален, ако за една година не било постапено по објектот со уривање.

Тука е и невистинитоста во изјавата на Мерко. До сопственикот на објектот, советникот од ДУИ во Општина Охрид и претеседател на локалниот огранок на ДУИ, Нефи Усеини, во текот на изминатите месеци е издадено решение за запирање со градба и отстранување на дотогаш изградените елементи на пицеријата кои се оценети како нелегални. Тоа значи дека институцијата задолжена за такво постапување – градежниот инспекторат при Општината, постапил.

Сосема е друго прашањето зошто досега објектот не е урнат, т.е. отстранет. Иако општото оправдување до јавноста е дека не бил распишан тенедер за таа намена и немало пари за изнајмување механизација и работници за отстранување, вистината во позадина може да биде и поинаква. Имено, токму Усеини е дел од партијата која е во коалиција со партијата на власт во Охрид – СДСМ. Тие се на власт и во коалиција на централно ниво, а неформално и на локално.

Оттука, изјавата на Мерко е и недоследна. Имено, токму неговиот партиски пријател е во власта, и локалната и централната, па Мерко нема право да се чуди кај била локалната, кај била централната власт, зашто не може да се исклучи можноста од меѓупартиско договарање и влијание за да не се постапи до крај со овој, но и со други случаи поврзани со советникот.

Но, да се навратиме на неговата теза, односно логицирање. Власта формално реагирала. Издала решение за стопирање на изградбата и наредба за отстранување на деловите од објектот. Тоа може да се види и од претходни објави по медиуми, кои беа повторени при недоамнешното гостување на градоначалникот Константин Георгиески на ТВ 24.

Поради овие причини изјавата на струшкиот градоначланик Рамиз Мерко дадена при интервју, а пренесена од порталот „Магазин“, ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.