„Луково Поле“ уште не мрднало од фазата на проценување

За проектот „Луково Поле“ само анализи и студии. Фото: Скриншот

Во енергетска смисла, проектот Акумулација Луково Поле претставува последниот елемент за конечно заокружување на хидро-системот „Маврово”. Реализацијата на овој проект ќе овозможи зголемено годишно производство на 105 GWh електрична енергија преку постојните три хидроелектрични централи – ХЕЦ Врбен, ХЕЦ Равен и ХЕЦ Вруток и новата МХЕЦ Црн Камен.

При реализација на проектот ќе се почитуваат највисоките стандардите за заштита на животната средина и ќе се спроведат мерки за избегнување и намалување на идентификуваните влијанија врз животната средина, утврдени и вградени во Планот за управување и мониторинг на животната средина на проектот „Луково Поле”.

За локалните заедници реализацијата на проектот Луково Поле ќе обезбеди интензивирање на локалната економија, унапредување на локалната патна мрежа како и создавање на услови за развој на туризмот. На национално ниво главни придобивки од реализацијата на проектот се дополнително производство на енергија од обновливи извори, регулирање на режимот на води и намалена емисија на стакленички гасови.

Со средства обезбедени од Светска банка во износ од 3 милиони долари во тек е изработка на Студијата за влијанието врз животната средина која се очекува да биде завршени до крајот на април 2014 година. Доколку Студијата за животна средина даде позитивна оценка за проектот ќе започнеме соизработка на Основниот проект и очекуваме реализацијата да започне во средината на 2015 година. За реализација на проектот средства ќе се обезбедат од Светска банка и сопствено учество на АД ЕЛЕМ. Вкупната инвестиција е проценета на 84 милиони евра. (Буџет: Планирани 60 милиони евра во текот на мандатот, Рок: од 2015 до 2019 година).

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во својата програма „Проверено“ (стр. 123) пред парламентарните избори во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ даде ветување за изградба на вештачко езеро „Луково Поле“. Како година на почеток на работите се наведува 2015, а како краен рок за реализација 2019 година, што е некоректно, затоа што мандатот за којшто се бореше партијата во 2014 година, трае до 2018 година.

Истиот проект е наведен и во Програмата за работа на Владата, во делот Енергетски сектор.

Акумулација „Луково Поле“ – во тек е изработка на Студија за влијанието врз животната  средина  и  доколку  Студијата  даде  позитивна  оценка  за  проектот  ќе започне  изработката   на   Основниот   проект,   при   што   ќе   се   имаат   предвид меѓународните  договори, а реализацијата се очекува да започне во средината на 2015 година (за реализација на проектот се потребни 4 години)

И тука како момент на можно почнување на работите се споменува 2015, поточно средината на годината.

ВМРО-ДПМНЕ за проектот за новото вештачко езеро зборува во Отчетот што го презентираше на 20 март годинава. Во делот Енергетика, на страницата 105, се наведува дека сега се изработува проектна документација, а се врши и проценување на влијанието на овој проект врз животната средина. Партијата тука констатира дека проектот ќе се реализира доколку анализите покажат дека тој нема да влијае врз животната средина.

 Проект „Луково Поле“.

Овој капацитет ќе се состои од доводни тунели и канали во должина од 13 км, 5 зафатни градби, акумулација и МХЕ „Црн Камен“. Проектот „Луково Поле“ вклучува изградба на акумулација со вкупен корисен волумен од 34.830.000 кубни метри вода, лоцирана на спојот на корапскиот и шарпланинскиот масив на висина од околу 1.500 метри. Придобивките од изградбата на овој систем се многубројни. Проектот е енергетски исплатлив бидејќи ќе се намали зависноста од увоз на електрична енергија на Република Македонија за 105,56 GWh на годишно ниво. Со средства обезбедени од Светската банка во износ од 3 милиони долари се изработува проектната документација, а проценетата вредност на проектот е 84 милиони евра. И за овој проект се преземаат подготвителни активности во насока на оценка на влијанието на проектот врз животната средина и сите идни активности ќе бидат исклучиво водени според строгите ЕУ-директиви за заштита на животната средина и во согласност со домашната законска регулатива. Доколку, опсежните анализи покажат дека нема негативно влијание врз животната средина, тогаш ќе се почне со негова реализација.

Инаку, првпат овој проект се споменува во „Манифест за реформи и развој“ – изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (стр. 125) за парламентарните избори во 2011 година. Во неа како краен рок за реализација на проектот Луково Поле се наведува 2015 година.

БРАНА ЛУКОВО ПОЛЕ И КОРАБСКИ ДОВОД

Концептот за целосно искористување на водениот потенцијал на двата најголеми планински масиви во Македонија – Шарпланинскиот и Корабскиот започнат уште во далечната 1947 година со почетоците на изградбата на хидроенергетскиот систем Мавровски електрани, не може да се смета за завршен без реализацијата на проектот брана Луково Поле и Корабскиот довод. Заради тоа, во изминатиот период Владата на РМ предводена од ВМРО-ДПМНЕ вложи силни напори за реализација на овие два проекта. При тоа, треба да се истакнат два основни проблема кои во изминатите години ги реши Владата на ВМРО-ДПМНЕ, односно – утврдувањето на северната граница со Косово, со што целокупната акумулација припадна на територија на Република Македонија, и обезбедување на поволни финансиски средства за реализација на проектот. Вкупната инвестиција е проценета на 62 милиони евра, а со прифаќањето на Светска банка да го финансира овој проект во висина од околу 45 милиони евра, неговата изведба стана реалност. Во моментот ЕЛЕМ ги изведува подготвителните работи како што се ревизија на проектното решение, изработка на Еколошка студија и дополнителни геомеханички анализи на локацијата преку добивање на поволен кредит од Светската банка во висина од 3 милиони долари. Овој проект ќе обезбеди собирање на дополнителни количини на вода од Шарскиот и од Корабскиот басен и нивно користење за производство на дополнителни 130 GWh електрична енергија од постојните електрани во Мавровскиот систем. Според предвидената динамика треба да се започне со реализација во првата половина на 2012 година и во целост ќе се реализира до крајот на 2015 година.

До овој момент (31.03.2016), ако се изземе изработката на студии за опасноста за загрозување на биодиверзитетот, и по препораката од Постојаниот комитет на Бернската Конвенција при Советот на Европа сите активности да бидат суспендирани сè додека не се подготви Стратешка оцена за влијанието врз животната средина, овој проект не е многу напреднат. Сепак бидејќи, според ЕЛЕМ, се изготвува таква студија, реализацијата на ова ветување од ВМРО-ДПМНЕ формално се оценува „во тек“.

Проектот „Луково Поле“ заедно со хидроцентралата „Бошков Мост“, се во групата на неколкуте проекти кои во последниве години предизвикаа најголемо јавно внимание. Екологистите гласно го изразуваа своето несогласување со проектот и побараа стопирање, а имаа и креативни акции за да ја алармираат јавноста за, како што велат трајното уништување на големи делови од Националниот парк (НП) „Маврово“ при изградбата и нарушување на биодиверзитетот. Населението по текот на Радика, пак, се побуни против зафатот, за кој смета дека драстично ќе го намали дотекот на реката.

Во почетокот на декември минатата година (2015) Постојаниот комитет на Бернската Конвенција побара суспензија на сите владини инфраструктурни проекти во НП „Маврово“, вклучително и хидроенергетскиот проект Луково Поле, сè додека не се подготви Стратешка оценка за влијанието врз животната средина.

Истрагата покажа дека планираните енергетски проекти во овој национален парк не се компатибилни со статусот на заштита на паркот и на вредните екосистеми и видови, посочувајќи дека плановите за изградба на „Бошков мост“ и на „Луково поле“ треба да бидат напуштени.

Во финансирањето на проектот требаше да се вклучи и Светска банка, но таа после препораките од Постојаниот Комитет на Бернската конвенција за енергетските објекти во Националниот парк „Маврово соопшти дека ветувањето да се разгледа финансирањето на проектот е минато. Во изјава за „Фактор“, од банката рекле дека во наредниот период ќе се фокусираат на проектот за гасификација на Македонија, поради тоа што македонската Влада дефинирала нови приоритети, што пак зборува за одредено одлагање на проектот.

Во однос на променетите приоритети на Владата за инвестиции во енергетскиот сектор, од Светската банка беше побарано да обезбеди помош со развој на пазарот на гас во Македонија, наместо на претходно дискутираното вложувања во предложениот проект за хидро Луково Поле).

Со оглед на досега пласираните информации од ЕЛЕМ, државната компанија, нема најава за откажување, па како оценка за проектот би можело да се земе дека е во тек.

Забелешка:

Проектот „Луково Поле“ Вистиномер првпат го анализираше во април  2014 година (како проект од изборната Програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011-2015) „Манифест за реформи и развој стр.125), и  тогаш  беше оценет како „ неисполнет“

 

ИЗВОРИ

  • „Проверено“ – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014-2018 (Стр. 123) [Пристапено: 31.03.2016]
  • Програма за работа на Владата на РМ за 2014-2018 [Пристапено: 31.03.2016]
  • Отчетно: Отчет на ВМРО-ДПМНЕ (Стр. 105) (20.03.2016) [Пристапено: 31.03.2016]
  • Манифест за реформи и развој“ Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2011-2015 (Стр. 125) [Пристапено: 31.03.2016]
  • Плусинфо – Еколозите и невладиниот сектор бараат да се стопираат „Луково поле“ и „Бошков мост“ (24.08.2015) [Пристапено: 31.03.2016]
  • Плусинфо – ГАЛЕРИЈА Скелет од риба предупредува на опасноста од браната на Луково поле (12.11.2014) [Пристапено: 31.03.2016]
  • Плусинфо – Кој ќе победи – рисот или хидроцентралата „Бошков мост“? (24.2.2015) [Пристапено: 31.03.2016]
  • Daily.mk (14.3.2014) [Пристапено: 31.03.2016]
  • Макфакс – Бернска конвенција: Итно да се суспендираат хидроенергетските проекти во Маврово! (7.12.2015) [Пристапено: 31.03.2016]
  • Фактор – СВЕТСКА БАНКА: Гасификацијата да биде приоритет, пред „Луково Поле“! (10.12.2015) [Пристапено: 31.03.2016]
  • Вистиномер (04.04.2014): ВМРО-ДПМНЕ: Брана Луково Поле и Корабски Довод [Пристапено: 31.03.2016]

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција