Луна паркот во Скопје почна да се гради со големо задоцнување и пред избори

Новиот забавен парк се гради на истата локација како стариот Луна - парк Фото: Веб-страница на Град Скопје

ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА ЛУНА ПАРК

Опис на проектот:

По пат на јавно-приватно партнерство, Градот Скопје ќе најде приватен партнер, кој ќе изгради нов Луна-парк во Скопје.

(Вредност на проектот: 8 милиони евра Рок: 2013-2015 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Откако стапи на градоначалничката функција по локалните избори во 2009 година, скопскиот градоначалник Коце Трајановски во повеќе наврати најави изградба на нов Луна-парк. Трајановски ова ветување го даде и во изборната програма за локалните избори во 2013 година, кога беше реизбран за прв човек на главниот град. Во програмата се наведува дека  проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно партнерство, во периодот 2013-2015 година, меѓутоа, во рамки на овој рок, Градот не најде инвеститор, односно не започна реализацијата на најавениот проект. Како што објавија медиумите кон крајот на 2015 година, Градот реши со свои средства да го гради Луна-паркот во неколку фази. Првата фаза  започна   оваа пролет ( 2017 година), а најавите од Градот се дека целиот проект треба да биде комплетиран следната (2018) година. Со оглед на тоа дека новиот забавен парк е во фаза на изградба, според методологијата на „Вистиномер“, ова изборно ветување на Трајановски добива оценка „во тек“.

Новиот забавен парк се гради на истата локација како стариот Луна – парк, а на стартот на градежните работи, Трајановски  соопшти дека  „истиот ќе биде на површина од околу 25.000 квадратни метри и со изградбата нема да се зема од зеленилото од Градскиот парк“. Тој, исто така, кажа дека паркот ќе се гради фазно и дека „неговата изградба, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. Во првата фаза е предвидена изградба на инфраструктура и објекти кои се неопходни за функционирањето на забавниот парк, како што се влезно излезна партија, објект за администрација, тоалети и други придружни објекти, партерно и хортикултурно уредување, за што се издвоени около 101 милион денари.“

 

Вака треба да изгледа новиот Луна -парк во Скопје Фото: Веб-страница на Град Скопје
Вака треба да изгледа новиот Луна -парк во Скопје
Фото: Веб-страница на Град Скопје

Трајановски пред неколку дена ( 02.09.2017), кога изврши увид  на градежните работи на новиот забавен парк,  изјави:

Во првата фаза ќе се постават и 1 адреналински, 2 полуадреналински и 3 детски реквизити, како и воз на шини, а вредноста на оваа инвестиција е околу 130 милиони денари. Се очекува овие реквизити да пристигнат до крајот на годинава, а да се монтираат на почетокот на следната година. Некои реквизити се веќе во магацините на овие добавувачи и се чека потребната документација за нивна монтажа и бидејќи ова е прв забавен парк во Република Македонија со вакви реквизити, ние сме во консултации со Министерството за економија и инспекторати за да ги добиеме сите потребни документи за безбедноста и функционирањето на овие реквизити….

Според податоците од Бирото за јавни набавки, Град Скопје во 2016 година склучил договор  со градежната компанија „Жикол“ за изградба на забавен парк во износ од околу 101.500.000 денари, а во истиот период Градот склучил неколку договори со компаниите „Ивама Траде“ и „Боминг Оливер“ за набавка, транспорт и монтажа на реквизити за забавен парк,  во вкупен износ од околу 130.000.000 евра. Или севкуно, Градот досега склучил договори поврзани со новиот Луна-парк во вредност од околу четири милиони евра.

Во Отчетот за сработеното на Трајановски за време на градоначалничкиот мандат 2013-2017 година (стр.87), е наведено дека Луна паркот се гради деновиве и дека наскоро ќе биде изграден.

Од наведената аргументација може да се констатира  дека остварувањето на проектот е во тек, имајќи  предвид дека неговата реализација е започната.  Со напомена дека  е пробиен рокот наведен во изборната програма на Трајановски (2015), а исто така,  е променет начинот и моделот на финансирање –  од јавно-приватно парнерство во сопствена инвестиција на Град Скопје. Истовремено,  треба да се спомене дека досегашното искуство со пролонгирање на изградбата на Луна – паркот го наметнува прашањето дали ќе се запази новиот рок за реализација на овој проект (2018), особено, поради фактот што тој старуваше во предизборен период.

 

Забелешка:

„Вистиномер“ досега двапати го анализираше ветувањето за изградба на Луна-парк. Првиот пат кон крајот на 2011 година, кога беше оценето дека градоначалникот Коце Трајановски не го исполни ветувањето дадено во 2011 година дека Луна-паркот ќе биде комплетно реконструиран до септември 2012 година, откако пропаднаа неколкуте обиди на Градот да најде концесионер. Вториот пат, пак, проверката беше во април 2016 година, кога Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со нова  најава дека Луна-паркот ќе почне да се гради во 2017, а ќе биде завршен во 2018 година, иако пред локалните избори во 2013 година  беше ветено дека проектот ќе се реализира во периодот 2013-2015.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција