Македонија го почитува меѓународното право за случајот со Kосовецот Томор Морина

 

Текстот објавен на порталот „Правда.рс“ со исклучително навредлив наслов: „Македонците повторно лижат шиптарска чизма: штитат ОВК терорист!“ („Македонци лижу шиптарску чизму поново: штите ОВК терористу!“), креира сосема погрешна слика за случајот со екстрадицискиот притвор  на Томор Морина, поранешен член на ОВК, кој е уапсен во земјава по потерница на Србија. Кога ќе се прочита насловот на српскиот портал се добива впечаток дека Македонија го заштитува Морина, а, всушност, станува збор за почитување на строгите правила на меѓународното право во вакви случаи.

Тоа го објасни и премиерот Зоран Заев деновиве (26.07.2019) одговарајќи на прашањето од пратеникот и  координатор на ДУИ, Ејуп Аљими и во интерес на вистината, тука го пренесуваме неговиот став:

Владеењето на правото и почитувањето на меѓународни узанси и правила е норматив, европска вредност за која и вие и јас и сите се залагаме. Потерницата е стигната од Интерпол, не е ниту од Вучиќ или Милошевиќ. Од Интерпол, каде сме членка и каде сме гласале и Косово да биде членка, без разлика што Србија е против. Постапките ги води надлежен обвинител и за нив одлучува надлежен судија, ниту ги води Заев, ниту Спасовски, ниту Агим Нухиу, ниту кој било од Владата – рече Заев.

Во оваа прилика Заев, исто така, му укажа на пратеникот од ДУИ, пред  револтирано да го вперува прстот кон министрите и премиерот, дека мора прво да знае кој води постапки и кој одлучува.

Второ, кој е законот и владеењето на правото, и, трето, што значи почитување на меѓународните закони и правила. Праксата досега покажала во вакви случаи, вклучително и премиерот Рамуш Харадинај, на меѓународни потерници каде било во земјите-членки и земјите што се членки на ЕУ, а го признале Косово, тие постапуваат по меѓународното право. Правосудството и во Австрија и во Северна Македонија и во Грција, и во Британија носи одлуки за екстрадициски притвор. За време на одлуката за екстрадициски притвор, надлежните институции одлучуваат за правото на екстрадиција или не. Во тоа право јасно стои дека тој е граѓанин на Косово, а не е граѓанин на Србија, и се ослободува од притвор и не се прави екстрадиција. Тоа е меѓународното праворече Заев.

Премиерот од собраниската говорница појасни дека од Министерството за правда го информирале каква е праксата во вакви случаи и додаде дека верува оти граѓанинот на Косово, согласно тоа дали има или не, екстрадициска одлука ги има сите права, согласно закон, владеење на правото и на меѓународното право.

Праксата покажала дека Интерпол, кога ги прима документите, во нив стои дека е граѓанин на Србија. Тоа не е точно. Денеска нашата земја и пријателска со Косово потврдува дека тој е граѓанин на Косово, а има пасош и од Велика Британија и од Косово. Дозволете институциите да си ја завршат работата. Најмалку што очекувам е почитување на законите на оваа државарече Заев. 

Српскиот портал главно точно ја пренесува изјавата на Заев, со тоа што вели дека македонскиот премиер тоа го кажал на прес-конференција, иако тој тоа го соопшти во Собранието на седницата за пратенички прашања. Ова не ја менува суштината, но заради прецизност треба да се посочи.

Во содржинскиот дел има уште една друга грешка –  во пасусот каде што се вели дека според зборовите на Заев:

Со случајот Морина не се занимава македонската Влада , туку надлежниот обвинител,надлежниот судија и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски,  заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и никој друг.

А како што може да се види од настапот на Заев во Собранието тој вели:

…Постапките ги води надлежен обвинител и за нив одлучува надлежен судија, ниту ги води Заев, ниту Спасовски, ниту Агим Нухиу, ниту кој било од Владата.

Што, секако, има различен призвук!

И, доколку, во овој случај можеби се работи за ненамерна грешка при преводот од македонски на српски, насловната конструкција несомнено е тенденциозна и напишана со нагласено вулгарен тон, што не доликува на еден професионален новинарски производ.

 

(пишува: Мета.мк)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.