Македонија меѓу две „големи уши“ – сличности и разлики

Две афери, цела декада разлика, сличностите големи. Фото: Flickr.com

И после двете откритија на масовни прислушкувања гледаме дека историјата се повторува – незаконските дејствија ги вршат луѓе од иста партија, за наредбодавците еднаш имало аболиција која се готви и сега, правдата била очајно бавна. Ново е само Специјалното обвинителство, кое е попречувано со безброј механизми, со што можеме појасно да ја соогледаме фарсата на повторувањето

 

И после двете откритија на масовни прислушкувања гледаме дека историјата се повторува – незаконските дејствија ги вршат луѓе од иста партија, за наредбодавците еднаш имало аболиција која се готви и сега, правдата била очајно бавна. Ново е само Специјалното обвинителство, кое е попречувано со безброј механизми, со што можеме појасно да ја соогледаме фарсата на повторувањето

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Граѓаните сигурно малку знаат дека  системот кај нас ги има формално можностите за контрола над оние кои ги прислушкуваат телефонските разговори. Како општество во транзиција ние сме се подготвиле за феноменот на Големото уво. Станува збор за комисии во Собранието на РМ. Првата комисија е онаа со која моментално  раководи пратеникот Хари Локвенец (тоа е Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање), а втората е онаа со која раководи пратеникот Горан Мисовски и која треба да проверува дали зад прислушкувањето стои соодветен налог и дали тој налог има смисла ( Комисија за надзор над спроведувањето на ПИМ мерките од страна на надлежните институции). Но, контролите до сега едноставно биле во аут, односно игнорирани. Впрочем, и актуелната политичка криза започна со објавување на сознанието дека од 2009 година наваму се прислушкувани најмалку 20 илјади граѓани и дека политичката тактика на власта и нивните бизнис интереси во голем мерка се потпирале на тоа што знаеле „се’ за секого“. Со оглед на годините за кои станува збор,  и со оглед на други елементи, како што е извештајот на Прибе, на пример, јасно е дека кабаетот е кај власта предводена од премиерот Груевски.

 

„ГОЛЕМОТО УВО“

И при првата поголема афера со прислушкувањето – за време на т.н. прва влада на ВМРО ДПМНЕ (1998-2002), беше откриено дека постои масовно користење на телекомуникациите за следење на опозицијата, при што како „патемни жртви“  беа и новинарите! Нивната службена љубопитност и потреба да добијат одговори за разни прашања од соговорниците беше злоупотребена од власта, која, преку Петта управа на МВР создаваше систем на недозволива контрола над телекомуниакциите. Иако не веднаш, тогашната министерка за внатрешни работи Доста Димовска даде отставка заради оваа афера.

Првата афера од овој вид во земјава (која и се нарече „Големото уво“), беше процесуирана од страна на Јавното обвинителство дури во средината на 2006 година, иако прислушкувањето го обзнани лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во почетокот на 2001 година. Значи беа потребни дури пет години за нешто така крупно да дојде и тоа во детали видливо пред јавноста! Обвинението говореше дека незаконски се прислушкувани политичари, новинари и дипломати по наредба на самата министерка Димовска, извршител бил Александар Цветков, но не беше обвинет тогашниот директор на Телекомот Ден Дончев, иако имаше претпоставки дека и тој ќе се најде во обвинителниот акт. Прислушкувањата се случиле во ноември и декември 2000 година, СДСМ располагаше со 400 стенограмски белешки, но веројатно тоа не беше целата „архива“.

 

„БОМБИТЕ“ НА ЗАЕВ

Иако аферата со „бомбите“ не беше значи првиот повод во земјава да се говори за масовните прислушкувања над корисниците на телекомуникацииите, отворањето на сетот на тематски групираните аудио докази за т.н. злосторничко здружување на власта од страната на Зоран Заев, на почетокот на февруари лани, ја направи оваа тема широко присутна во општеството и на експертско и на лаичко ниво.

Впрочем, целиот политички живот денес се врти околу тоа како, кој и зошто прислушкувал, како што вели опозицијата најмалку 20.000 граѓани во периодот од 2009 година па наваму. Засега немаме прецизен одговор на ниту едно прашање, а вистина е дека граѓаните, по мало опуштање после потпишувањето на договорите од Пржино, одново имат чувство дека нивните разговори се следат постојано, особено ако се споменат одредени имиња или поими. (Обично најпрво следува прекин на комуникацијата, за по второто комуницирање, практично продолжување на првото, да добиеме чудни звуци, фонија и слично).

Во последно време, според сведоштва на наши колеги, имаме и дури уфрлање на повик од лице кое не ве барало, со цел белким да се издејствува принудна комуникација меѓу луѓето од кои некој очекува некаков извор на сознанија.

Дури, имаме и еден коперникански пресврт – провладините медиуми се чини дрско сега ја отвораат оваа тема, го признаваат прислушкувањето во животот на нацијата, но кабаетот го префрлуваат на оние кои наводно ја контролираат ситуацијата во таа област: министерот за полиција и неговите соработници и врз двете собраниски тела – Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, односно нејзиниот претседател, кој е член на СДСМ како и врз Комисија за надзор над спроведувањето на ПИМ мерките од страна на надлежните институции, со која раководи членот на НСДП, Горан Мисовски.

 

ПАРЛАМЕНТАРНИ ПРЕПУКУВАЊА

Гориво за оваа теза даде и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Павле Саздов, на последната седница на собраниската Комисија за надзор над мерките за следење на комуникациите, кој ја обвини опозицијата дека не ги искористила механизмите што и стојат на располагање за расчистување на аферата со прислушувањето, алудирајќи на тоа дека коалицијата на СДСМ од септември го презема раководењето со собраниските тела за контрола над службите, по што го доби и министерското место во полицијата.

Саздов посочи дека овој состав на Комисијата за надзор над следењето на комуникациите не остварил досега ниту една посета на Управата за безбедност и контраразузнавање, што, според него, поттикнува сомневање дека опозицијата преку свои луѓе и натаму ги злоупотребува уредите за прислушување.  Дури, Извештајот на Комисијата за 2015 г. не помина во матичната комисија, на седницата од 29 февруари, бидејќи, на опозицијата и фалеше гласот на отсутниот пратеник Петре Шилегов, а пратениците од опозицискиот ДПА беа воздржани и бараа како заклучок да стои отставка на првиот човек на ДБК.

Горан Мисовски од НСДП, кој е претседател на оваа надзорна Комисија, искоментира дека посетите на УБК не би ги расчистиле дилемите околу големиот политички скандал.
„Мислите дека ние ќе расчистиме нешто со посета на УБК? Па, таму веќе се’ е исчистено“, рече Мисовски. Тој посочи дека беше формирана и посебна Анкетна комисија, која требаше да спроведе парламентарна истрага за прислушувањето и да ја утврди политичката одговорност на носителите на власта. Но, како што нагласи, ниту еден од тогашните надлежни функционери не се појави да сведочи.

 

ЖЕЛБАТА ЗА СОРАБОТКА ДОСЕГА САМО ФОРМАЛНА

Мојата Комисија треба да покаже дека постои можност да се подвргне под демократска контрола областа на разузнавањето и контраразузнавањето и дека институциите од оваа област ќе покажат желба за соработка која нема да биде само формална, вели Хари Локвенец.

Во Македонија се изместени работите во системот во оној момент кога некој проценил дека ако победи на изборите, тогаш сè е негово. Тоа е еднострано изграден систем и тој подразбирал дека и Парламентот и Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање едноставно останува без предмет на работа. За тоа колку се променети приликите во оваа сфера говори фактот дека новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски  кој од минатата есен е претседател на Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, дојде во Собранието и побара соработка од сите фактори во изработката на новиот Закон за следење на телекомуникациите – изјави Локвенец.

Претходно, ова била табу тема и за неа се говорело во мал круг. Тој спомена дека пратеници и од позицијата и од опозицијата се вклучени во процес на нивно подобрување на знаењето за прашања од следење на комуникациите, вклучувајќи ги и техничките аспекти. Тоа ќе го подобри надзорот врз оние кои прислушкуваат, односно ќе го направи тој процес автентичен и експедитивен.

 

ИМА ЛИ ОСНОВ ЗА ОПТИМИЗАМ?

Генерално Локвенец со оптимизам гледа во однос на иднината на овој процес, на парламентарната контрола врз начинот на кој полицијата ја користи мрежата на телекомуникациите, сметајќи дека ние, на оние од кои земаме апарати за комуницирање сме им дале голема доверба, а дека некогаш од нив зависи и судбината на луѓето и на семејствата. Тој е воздржан во однос на димензиите на стравот на јавноста за едно големото прислушкување, бидејќи оценува дека и кога сите разговори би се слушале и снимале, би немало кој да ги проверува (анализира).

Но, овој оптимизам не беше содржан во неговиот собраниски говор, кога кажа дека „и по две посети на УБК, не располага со повеќе информации околу масовното прислушување на граѓаните, уредите што се користеле за таа намена и можноста неовластеното следење на комуникациите да не престанало со објавувањето на скандалот во јавноста“.

Како членови на Комисијата, бевме два пати во УБК, но тоа беа обиколки, а не контроли на оваа институција. Првата посета се реализираше есента и беше главно во функција на наше запознавање со организациската поставеност на Управата. По таа средба, побарав да ни се достават детални информации за сите процедури и протоколи во работењето на УБК и за постојната и за расходуваната опрема, како и упатства за употреба на нејзиниот софтверски и хардверски дел. Но, таква информација сè уште немам добиено, објаснува Локвенец.

За втората посета, која се реализираше неодамна, тој потсетува дека беше тематска, односно посветена на можните терористички закани.

Никој не сака да тврди дека веќе нема незаконско прислушкување и денес. Фото: Flick.com
Никој не сака да тврди дека веќе нема незаконско прислушкување и денес. Фото: flickr, 2009

 

ОДЕДНАШ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ МЕДИУМИ

Но, да се вратиме на фактот дека сега овие медиуми, кои за прислушкувањето со години молчеа, сега бараат детали до какви сознанија е дојдено досега, кои се’ институции се вклучени во истрагата и дали има индиции дека уредите за следење на комуникациите, можеби, се’ уште се во функција на масовно прислушување на граѓаните. Дури и како да има охрабрување дека тука нема брзи „пресекувања“ на моќта на Големото уво.

Ова отворање на тие медиуми кон оваа тема треба, воедно да ја одржува во живот и тезата дека опозицијата е таа која цело време прислушкувала и дека потоа ги „монтирала, лепела и сечела“ добиените разговори. Во тој контекст е впрочем и аферата со „пронајдената“ ризница на такви разговори во Чаир. Се’ на се’, тоа се тези кои долго не држеа вода, ама во секој случај се во владиното сценарио.

Впрочем, Оливер Спасовски е на чело на МВР од ноември лани, а претходниот министер Митко Чавков стана дополнителен заменик-министер во истиот ресор. Но, Спасовски немаше можност да влијае на кадровската политика во УБК, бидејќи директорот на Управата го назначува Владата. Практично, УДБ со соодветните луѓе и техника е директно под новиот премиер Емил Димитриев. Претходно, се разбира, под Груевски. Ова јавноста секако малку го знае, а ако го знае лесно ќе поротолкува кој е кој во областа на прислушкувањето на граѓаните.

 

ИЗВЕШТАЈОТ НА ПРИБЕ

Да се потсетиме дека во извештајот на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе, а тој извештај беше презентиран пред 9 месеци, има повеќе сериозни забелешки за функционирањето на разузнавачкиот сектор. Во извештајот се оценува, меѓу другото, дека причините за оддолжувањето на скандалот се во концентрацијата на моќ во националната безбедносна служба (УБК) и во злоупотребата на механизмот за надзор над службите. Во извештајот (види точка 1.1 ) се наведува:

Од 9 февруари 2015 година до денес, опозиционата партија СДСМ во јавноста објави вкупно 36 пакети на аудио снимки на снимани телефонски разговори помеѓу кои и на Премиерот, владините министри, носители на високи јавни функции, градоначалници, пратеници, Претседателот на Парламентот, опозиционите лидери, судии, јавниот обвинител, државни службеници, новинари, уредници и сопственици на медиуми. Досега објавените материјали достигнаа околу 500 страници со транскрипти од разговорите. СДСМ тврди дека има пристап до околу 20.000 снимени разговори и дека овие разговори се направени од националните разузнавачки служби. Генерално е признаено дека овие снимки се правени нелегално во текот на неколку години и не се дел од законска и судска постапка. Овие снимки според квалитетот, опсегот и бројноста потврдуваат дека се направени во просториите на национлната разузнавачка служба. Содржината на многу од снимките упатува на индикации на незаконски активности и злоупотреба на моќта од страна на вискои владини службеници. Од почетокот на скандалот со прислушкувањето во јануари 2015, шефот на разузнавачката служба и двајца високи владини министри поднесоа оставки.

Понатаму се вели:

Од аспект на техничката опременост, УБК има монопол над користењето на опремата за следење во разузнавањето и во кривичните истраги. Ексклузивитетот во следењето го врши и набљудува во свое име, како и во име на полицијата, Царинската управа и финансиската полиција. Затоа и УБК ги има средствата за мешање во кривичните истраги и индиректно да ја потцени/поткопа независноста на водачот на истрагата (обвинителот). 

СЛИЧНОСТИ И РАЗЛИКИ

Македонија меѓу двете афери покажа и сличности во реакцијата на јавноста и надлежните органи, но и разлики, генерално давајќи недвосмислен впечаток дека како што напредувала и техниката на прислушкување, така одела напред и желбата за контрола на комуникација меѓу граѓаните да има што поширок опфат и после 2009 година да биде користена уште подрско во однос на сознанијата што постојат од 2000 година. И кај двете откритија, на власт беше една те иста партија – ВМРО ДПМНЕ.

Сличностите секако постојат – отставките на одговорните лица за прислушкувањето дојдоа во рамки на поширок композит на настани (Доста Димовска даде осттавка заради наводното потпишување на Охридскиот договор, во чија изработка учествуваше и самата!), додека кај второто „Големо уво“, имавме отставки од министерката за внатрешни Јанкуловска и првиот човек на УДБ, Сашо Мијалков, практично заради неуспехот на кумановската афера со наводниот тероризам.

Димовска беше аболирана од тогашниот претседател Борис Трајковски, а сега со последните „движења“ во Уставниот суд, таква опција ќе биде повторно актуелна! И во обата случаи обвинителството беше бавно и неефикасно, заради што овој пат се формираше и специјално обвинителство (СЈО) кое прислушкуваните разговори секако ги користи како супсидијарен извор во прибирање на докази (чуен глас).

Она што ги загрижува луѓето е фактот дека никој не се охрабрува да тврди дека сето тоа е минато и дека нема веќе приуслушкување, како и дека тој метод како извор за сознанија за „таму каде што треба“, сè уште е практично во рацете на оние кои го користеа и досега.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција