Македонија со скромен иновативен потенцијал

Иновациите како движечка сила Фото: Скриншот

Имајќи ја предвид јасната определба на ВМРО-ДПМНЕ за поттикнување на соработката со бизнис-заедницата и научната јавност во рамките на регионалниот економски развој, а со цел да обезбедиме стратешки пристап кон иновациите и поттикнување на долгорочното планирање на иновациите во регионите, ќе подготвиме регионални стратегии за иновација. Регионалните стратегии за иновација ќе се фокусираат на малите и на средните претпријатија кои се двигатели на економскиот развој во регионите и ќе бидат подготвени по методологија, која е веќе тестирана во над 100 региони во рамките на ЕУ. Секоја од засебните стратегии по региони ќе се однесува на специфичните потреби утврдени по региони. Стратегиите ќе претставуваат основа за изградба на долгорочни партнерства меѓу научно-истражувачкиот сектор и бизнис секторот. Регионалните стратегии за иновација ќе бидат усогласени со националната Стратегија за иновации. Проектот ќе биде спроведен во соработка со Министерството за економија и со Центрите за развој на планските региони. (Буџет: 8.000.000 денари, средствата ќе бидат обезбедени од донатори, Рок: 2015 година)

 OБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018 година во делот Децентрализација и локален развој (стр.365) со рок на имплементација до 2015 година. Досега ова ветување не е исполнето, но имајќи предвид дека на денот на објавата на ова истражување е промовиран проектот за подготовка на стратегии за иновации на осумте плански региони во земјата, ветувањето се оценува дека е во тек.

Според прирачникот од Осло за проценка на иновации (ОЕЦД), иновациите значат имплементација на нов или подобрен производ, нов процес, нова маркетинг или организациска метода во деловни практики, работни места или надворешни односи. Иновациите се повеќе од истражување и развој и како такви се клучна движечка сила за економски раст.

Досега, политиките за иновации и технолошки развој се водени од Националната стратегија за иновации за период 2012-2020.  Фондот за иновации и технолошки развој формиран во 2013 година има за цел поттикнување на иновациска дејност во микро, мали и средни претпријатија во главно преку неколку финансиски инструменти во вид на кофинансирани грантови.

Во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” се наведува дека е започната подготовка на регионалната стратегија за иновација за Вардарскиот плански регион, а дека подготовката на стратегиите за останатите седум плански региони се планира да започне во 2016 година (стр.420).

На 08.04.2016 година, медиумите најавуваат дека Министерство за локална самоуправа проектот за подготовка на регионални стратегии за иновации ќе го реализира во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), кое што обезбедува и финансиски средства за проекти за развој на планските региони засновани на иновации. Но, имајќи го предвид периодот потребен за подготовка на стратегиите, се потврдува значително доцнење во спроведување на ова ветување кое требаше да биде спроведено до 2015 година.

Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2015 година во поглавјето 20: Претпријатија и индустриска политика забележува само одреден напредок во делот на Фондот за иновации и технолошки развој. Но понатаму, во поглавјето 25: Наука и истражување се признава заложбата за спроведување на Националната стратегија за иновации докажано преку распределба на 20 милиони евра (делумно со кредит од Светската банка) преку Фондот за иновации и технолошки развој за кофинансирање на иновации.

Најголемата критика за имплементација на политика на иновации доаѓа од светстката агенција за иновации 2thinknow. Станува збор, инаку, прва светска  агенција за иновации која има воспоставено методологија  за проценка на иновативноста на градовите. Индексот за класификација на градови  се објавува секоја година за да се измерат предусловите на градовите во однос на иновациите. Рангирањето се базира според три основни фактори, културните придобивки (дизајн, уметност, спорт, танц, природа), инфраструктура (транспорт, универзитети, бизниз, влада, технологија) и поврзаност на пазарите.

Во  индексот за класификација за 2015 година, на листата на европски градови, Скопје се најде на последно 431 место.  Лондон, Сан Франциско и Виена се најиновативните градови во 2015 година. Лондон оваа година ја победува Силиконската долина (Сан Франциско),  а тоа се должи на примената на успешни иновациски стратегии како одговор на глобалната иновациска криза.

Македонија е слабо оценета и од Innovation Union Scoreboard, инструмент во рамки на ЕУ кој овозможува компаративна проценка на земјите членки на нивните капацитети во сферата на иновациите. Покрај земјите членки, во проценката се вклучени и Србија, Македонија, Турција, Исланд, Норвешка и Швајцарија. Македонија се оценува како скромен иноватор, при што во извештајот за 2015 година се вели дека во периодот помеѓу 2007-2012 година политиките во овој дел оделе во нагорна линија, а потоа се забележува регрес.

Ова укажува на потребата од ефективен систем за национални иновации кој би ја движел конкурентноста и економскиот развој.

Имајќи предвид дека е започната подготовка на регионалната стратегија за иновација за Вардарскиот плански регион, и дека е најавена подготовка на преостанатите регионални стратегии за седумте плански региони, ова ветување се оценува дека е во тек.

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција