Максималната граница за плаќање придонеси не е укината, туку поместена

sdsm-logo

Ќе ја укинеме максималната горна граница за плаќање на придонеси на плата, со цел да го отстраниме регресивното даночно оптоварување на платите.

Во моментов, поради постоењето на максималната горна граница за плаќање на придонеси на плата, на граѓанин коjшто има бруто месечна плата од 600 илјади денари, вкупните придонеси и данок му изнесуваат 17% од бруто платата, додека на граѓанин коjшто има минимална бруто месечна плата (14.114 денари), вкупните придонеси и данок му изнесуваат 32% од бруто платата. Ова не е праведно!

[Извор: Изборна програма на СДСМ (2016) „План за живот во Македонија“ (стр.48)]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во програмата со која СДСМ излезе на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, „План за живот во Македонија“, вети укинување на максималната горна граница за плаќање на придонеси на плати. Ова изборно ветување на социјалдемократите, кое е наведено во делот „Праведен даночен систем“ (стр. 48), а истото го има и во Програмата за работа на Владата 2017-2020 (стр.2), е делумно исполнето.

На  39-та седница одржана на 17.11.2017 година, според соопштението на владиниот медиа центар, Владата донесе одлука со која се предвидува

корекција на висината на највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите за примањата од работен однос од еден обврзник за пресметка и уплата на придонеси.

Што значи дека максималната горна граница за плаќање придонеси на плата, не се укинува како што е ветувањето во изборната програма и во Програмата на Владата, туку се коригира, односно се поместува. При што, според објавите во медиумите, од јануари идната година (2018) највисоката месечна основица за пресметка на придонесите, се качува од 12  на 16 просечни бруто-плати. Односно, тоа би била горната граница, а за месечните бруто-плати повисоки од тој износ, независно за колкави суми станува збор, придонесите ќе се плаќаат за 16 просечни бруто-плати. Па, затоа ветувањето го сметаме за делумно исполнето.

Инаку, последните податоци (20.10.2017) од Државниот завод за статистика, кои се однесуваат на август 2017 г., покажуваат дека просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, изнесува 33. 675 денари. Највисоката основица, пак, на која сега се пресметуваат придонесите е 12 x 33.675 = 404.100 денари (околу 6.570 евра, едно евро – 61,5 денари), а од наредната година граничната основица би била 16 х 33.675 = 538.800 (околу 8.760 евра).

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *