Малите човечиња од Пустец ги донесоа членовите на Владата пред Кривичниот совет

Избори од ракав. Фото: скриншот

Кривичната пријава на СДСМ заведена во ОЈО под број 03/106 – 1 од пред една година е само врвот на ледениот брег зад која полека се открива еден монструозен апарат на владеење на една мала група врз политичката волја на своите сограѓани, од сега па до „судниот ден“! Дали тој „суден ден“ се доближи многу поблизу?

 

 

Кривичната пријава на СДСМ заведена во ОЈО под број 03/106 – 1 од пред една година е само врвот на ледениот брег зад која полека се открива еден монструозен апарат на владеење на една мала група врз политичката волја на своите сограѓани, од сега па до „судниот ден“! Дали тој „суден ден“ се доближи многу поблизу?

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Објавувањето на решенијата на Oсновниот суд Скопје 1 со кои како неосновани ги одбива барањата и жалбите на Специјалното јавно обвинитество (СЈО) за одредување на притвор на осомничените во акцијата „Титаник“ месецов е најкоментираниот настан во јавноста, можеби колку и преговорите зад затворени врати околу евентуалното одложување на парламентарните договори.

Од она што го објавува судот може јасно да се видат причините поради кои СЈО барало притвор, како и детали за улогите на главните осомничени во акцијата – поранешните министри за внатрешни работи и за транспрот и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски.

 

ПОМИНА ЕДНА ГОДИНА

Кривичната пријава против наведените лица инаку е добиена во ОЈО уште пред 11 месеци (20.03.2015) од страна СДСМ и заведена под број 03/106 – 1. Како потенцијално обвинети се Никола Груевски, премиерот на Влада во тој миг, Гордана Јанкуловска, министерка за внатрешни работи, Миле Јанакиевски, министер кој раководи со Министерсвото за транспорт и врски и Н.Н. лица вработени во МВР.

  • Документ: КРИВИЧНА ПРИЈАВА, Подносител Социјалдмеократски сојуз на Македонија, ул. Бихачка бр. 8, Скопје, против: 1. Никола Груевски – Претседател на Влада на РМ, 2, Гордана Јанкуловска, член на Владата на РМ, кој раководи со Министерството за внатрешни работи 3. Миле Јанакиески, член на Владата на РМ, министер кој раководи со Министерството за транспорт и врски, 4. Н.Н. – вработени во МВР (четири страници – кликнете на страниците за преглед):

001-KP-009002-KP-009003-KP-009004-KP-009

 

 

 

 

 

 

 

 

Обвинението, кое подоцна премина во надлежност на СЈО, по барање на новата институција, ги посочува овие лица како виновни за фалсификување на исправи (член 378, став 3 во врска со став 1 од КЗ на РМ) и повреда на избирачко право (член 159, став 2 од КЗ на РМ).

Факт е дека Никола Груевски не се наоѓа во активностите на СЈО по овој предмет, што секако не значи дека тој куртулил, туку дека веројатно го има во повеќе предмети, па СЈО проценило дека малку треба да ја редуцира неговата улога во овој предмет.

Во членот 378 стои:

Фалсификување исправа

Член 378

(1) Тој што ќе направи лажна исправа или ќе преправи вистинска исправа со намера таквата исправа да се употреби како вистинска или тој што лажната или преправената исправа ќе ја употреби како вистинска, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Обидот е казнив.
(3) Ако делото од став 1 е сторено во однос на јавна исправа,тестамент меница, чек, јавна или службена книга или друга книга што мора да се води врз основа на закон, сторителот ќс се казни со затвор од три месеци до пет години.
(4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Во членот 159 стои:

Повреда на избирачкото право

Член 159

(1) Член на избирен орган или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, со намера да му оневозможи на друг вршење на избирачко право, противзаконито не ќе го запише во избирачки список или во листа на кандидати или ќе го избрише од избирачки список или од листа на кандидати или на друг начин ќе го лиши избирачот од правото да избира, да биде избран или да гласа, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и член на избирачки одбор, изборна комисија или одбор за спроведување референдум или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, на противзаконит начин ќе му овозможи на друг да користи избирачко право, иако знае дека тоа лице нема такво право.

(Целиот Кривичен Законик овде)

 

СОДРЖИНА НА ПРИЈАВАТА

Во пријавата од Бихаќка, инаку, се вели дека по наговор на Груевски, Јанкуловска и Јанакиевски им овозможиле на лица кои немале на тоа право да користат избирачко право. Стапиле во контакт со илјадници лица, некои немакедонски држајани, им определиле непостоечки, фиктивни адреси на живеење, или „ги вселиле“ во објекти со фиктивни адреси или во адреси каде не се живее, ниту може да се живее, туку се користат како деловни објекти, претежно во сопственост на РМ. Потоа со таквите адреси поттикнале службеници на МВР за нив да направат лични карти со невистинита содржина, што Јанкуловска ги доставила до ДИК и таму се вметнати во единствениот избирачки список.

Овие кривични пријави постојат во т.н. бомби (аудио снимки) кои се емитувани на два пати – еднаш на 6 март 2015 година а втор пат на 10 јуни исто 2015 година. На снимките се слушаат разговори меѓу обвинетите Груевски, Јанкуловска, Јанакиески и други лица, а низ разговорите се потврдува незаконскиот пат на добивање на лични исправи кај значителен број лица, нивно гласање и влијаење на избирачките резултати, како на локалните избори во 2013 година, така и на претседателските и парламентарни избори во 2014 година. Притоа е сосема јасно дека Единствениот избирачки список е невалиден документ!

Прислушкуваните разговори не се единствениот доказ, бидејќи презентирани се како прилог и документи од кои се гледа како преголем број на лица се „натискани“ во мала квадратура – се работи групи од 10 до 50 лица кои се сместени во „кутивчиња“. Ова е потврдено и со проверка на лице место на поднесувачот на пријавата (СДСМ) кога се констатира дека дел од наведените адреси не постојат, дека дел од нив се деловни објекти, неподобни за домување.

Со пријавата се опфатени главно адреси во општина Центар, каде имаше прегласувања на последните локални избори, но и на адреси во други општини во земјата. Со пријавата се бараше ОЈО да го преиспита службено избирачкиот список.

 

ПОЛУЛЕГАЛНО ВНЕСЕНИ АПАРАТИ

Повеќенеделниот партиски притисок од страна на опозицијата на многу манифестации минатата пролет, како и медиумската пропаганда на владините функционери, МВР и ВМРО-ДПМНЕ, врз ОЈО и здравата логика на граѓаните, го потврдија фактот дека во РМ нема независни институции. Истрагата за сомневањата за сторен криминал не беа приоритет на надлежните институции, ниту задача на провладините медиуми, рече Фросина Ременски на прес конференција. Таа укажа дека полулегално во земјава се внесени апарати кои треба да ги чуваат идентификационите податоци за сите граѓани за земјава, практично и за оние кои имаат право на гласање, ама кои во еден процес на „замешателство“ едноставно се изгубија?!

Во медиумското манипулирање со доказите за аферата „фабрика за пасоши“, Гордана Јанкуловска свесно избегала од аргументите за криминал, сторен со нејзино знаење. Тоа во јавна изјава го потврди и поранешниот декан на Факултетот за безбедност кој кажа дека, „Министерката и врвот на МВР знаеле за проектот …“, рече таа, а за техничките можности на вака внесената апаратура потврди и во изјава за „Вистиномер“ деновиве.

 

ОЈО СЕ МАЧИ СО УВЕЗЕНАТА ОПРЕМА

За каков проект знаеле Јанкулоска и врвот на МВР? – се прашува Ременски.

Ова е прашањето кое повеќе од година и пол „го мачи“ Јавното обвинителство за организиран криминал, кое во отсуство на волја од страна на МВР да се самоистражи, го одлага одлучувањето по кривичната пријава за:

  • свесно и организирано изигрување на тендерската постапка на Министерството за образование и наука, преку давање на лажни податоци за институцијата апликант на владиниот оглас за „Опремување на лабаратории за државните високообразовни институции и јавни научни установи“;
  • противзаконско искористување на средства од буџетска ставка на МОН од страна на МВР, преку фингирана постапка за добивање на опрема вредна повеќе од 3,2 милиони евра;
  • за злоупотреба на службена положба и овластувања, противправно посредување, прикривање и непријавување на кривично дело.

Јавното обвинителство за организиран криминал треба да ги оцени доказите и да истражи дали пријавените, постапувале законски кога во 2010 година, (по претходен договор за свесно изигрување на тендерската постапка на МОН, помеѓу врвот на МВР, МОН и Деканот на Факултетот за безбедност), Деканот на Факултетот во корист на МВР аплицирал со осум елаборати, од кој и Елаборат со тендерска спецификација за опремување на непостоечка Лабораторија за криминалистичка регистрација и идентификација со Автоматизиран систем за идентификација преку траги од папиларни линии или популарно наречен АФИС систем.

Така, се добија значи активности за создавање на фантомски гласачи од засега непрецизиран, ама не и банален број и згора постои нелегална нова техника за складирање на идентитети, а оттаму и добивање на лажен Избирачки спосок. Јасно, токму овој список и ја издава претходната активност: ако тој е неточен, значи има процедура и техника која го прави таков?!

 

ЖАЛБИТЕ НА ДУИ

Како што е познато, ОЈО главно ја одмолчи оваа пријава на СДСМ од ланскиот март, а факт е дека реакции на избирачкиот список и неговата валидност имаше дури и од коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ. Оваа партија за изборите во 2014 година побарала да се повтори гласањето на дијаспората. Партијата на Али Ахмети поднесе жалба до ДИК, но комисијата ја одби. Изет Меџити на прес конференција рече дека во приговорите на ДУИ има сериозни забелешки за начинот како се гласало во дијаспората:

ДУИ ќе ги искористи сите правни средства за да ја одбрани волјата на иселениците Албанци во дијаспората. Сметаме дека постојат сериозни нерегуларности за кои поднесовме жалба во ДИК. 450 гласачи од Пустец под сомнителни околности и без право на глас гласаа во амбасадата во Тирана, изјави тогаш Меџити.

Тој рече дека 3.000 гласачи биле лишени од правото на глас.

Зошто и кој ги избриша нив одговор чекаме од ДИК. МНР и амбасадите беа во функција на кандидат на една политичка партија. 450 гласачи од Пустец под сомнителни околности и без право на глас гласаа во амбасадата во Тирана. На овие гласачи лични карти им беа издавани во хотел спроти амбасадата, рече Меџити.

 

ДИК И УПРАВЕН ПРОТИВ ДИЈАСПОРАТА

Интересно е што во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во 2014 година, (цитирано овде) пишува дека ДИК одби 791 барања од избирачи кои барале да бидат вклучени во избирачките списоци за предвремените парламентарни избори во ДКП во Тирана, Албанија.

Од овие, 640 поднесоа жалба до Управниот суд, кој пак ја поништи одлуката на ДИК, одлучувајќи дека со оглед на тоа што ДИК веќе имала потврдено дека овие избирачи ги исполнуваат условите за гласање во странство за претседателските избори, ДИК не можела сега да ги исклучи од избирачките списоци за предвремените парламентарни избори.

После увидот во избирачките списоци за предвремените парламентарни избори, ДУИ поднесе приговор до ДИК со барање истите овие избирачи да се избришат од избирачките списоци заради тоа што биле постојани државјани на Албанија. Овој приговор беше одбиен од ДИК и од Управниот суд врз основа на претходни одлуки. Приговорот од СДСМ со кој се побара да се избришат избирачите беше, исто така, одбиен на обете нивоа, пишува во извештајот.

За потсетување, Специјалното обвинителство соопшти дека е отворена истрага и против судии од Управниот суд.

Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР уште пишува:

Избирачките списоци за гласање во странство беа изготвени врз основа на активното регистрирање на граѓаните кои веќе се пријавени во МВР како лица со привремена работа или престој во странство. Ова се разликува од постапките за гласање во земјата, каде избирачите не мора да се регистрираат. Од околу 83.500 граѓани пријавени во МВР како лица со привремена работа или престој во странство, 8.332 се пријавиле да гласаат за претседателските, односно 23.782 лица за предвремените парламентарни избори.

Со оглед на фактот дека албанските партии главно ги бојкотираа претседателските избори, видливо и низ пријавите, чудно е како со толкав број гласачи Албанци три пратеници од дијаспората доби само ВМРО ДПМНЕ?!

 

ЈАНКУЛОВСКА ВЛИЈАЕ НА СВЕДОЦИТЕ

Колку истражните дејствија на СЈО во однос на пријавата од пред една година од почетокот на текстот откриле и дополниле? За Јанкулоска, Јавниот обвинител од СЈО, во барањето за притвор пред судот навел дека таа со тоа што 9 години била на функцијата министер и во нејзино време на работа во МВР биле примени голем број на лица, сè уште има несомнено големо влијание во Mинистерството.

Нејзиното влијание се гледа и од дејствијата на извршување на кривичните дела што ѝ се ставаат на товар и однесување на подредените спрема неа. Појасни (Обвинителот на СЈО – н.з.) дека сосема е извесно дека голем дел од вработените во М… сèуште би ги почитувале нејзините барања, а имајќи предвид дека кривичните дела во најголем дел се извршени преку службите на м………., постои оправдан страв дека истата ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите од кривичното дело, стои во решението на судот.

Обвинителот, се наведува во решението, навел и конкретен пример, кој како доказ укажувал на тоа дека Јанкулоска преку вработени во министерството веќе се обидела да влијае на сведоците, соучесниците и да уништува траги и докази.

Осомничената, според наводите на СЈО опишани во решенијата, по формирањето на специјалното обвинителство, била повикана од актуелниот министер (Оливер Спасовски н.з.) на разговор во врска со состојбата со незаконски издадените лични карти. По оваа средба, таа преку лице со иницијали Р.С. блиско до Јанкулоска, најверојатно нејзин шофер преку „некакви гаражи и скриени влезови“ била однесена кај Јанкулоска во просториите на ВМРО-ДПМНЕ, каде била распрашувана што кажала пред актуелниот министер.

Конкретно на осомничената Ј.Г. ѝ било побарано да се воздржи од било каков инкриминирачки однос против осомничената до изборите на 24 април 2016 година, а потоа поради победата на ВМРО сè ќе било успешно завршено и таквото сведочење ќе се ценело како највисок акт на патриотизам во спротивно Ј. би била предавник. Ова не е единствен наврат во кој што се вршел обид за влијание врз Ј.Г. Во останатите наврати осомничената Ј…… била психички малтретирана и ѝ се вршел притисок да пред обвинителството не ја зборува вистината затоа што таа би довела до вистината за К.Т. и Г.Ј. И на нејзиното работно место имало обиди за влијание, поради што таа децидно се изјаснила дека не се чувствува безбедно самата и нејзиното семејство, стои во решениот на судот, со кое се одбива притворот на Јанкулоска.

 

РЕКЕТ НА ФИРМИТЕ, ПОТКУП НА ГЛАСАЧИТЕ

Во судскиот материјал од сослушувањето на генералниот секретар на владата Кирил Божиновски, пак, стои дека според истрагата на СЈО, тој е еден од основачите на криминалната група и неговата улога во криминализирањето на изборите била незаконски да прибира финансиски средства за кампањата и за поткуп на гласачите, преку рекетирање на фирми.

Тој како организатор на кампањата и секретар на Владата е конекцијата со сите правни лица кои се приморани да донираат за партијата и неговото влијание во тој дел е на исклучително високо ниво, а на кое нешто укажуваат огромните суми на парични средства дадени само за авионски превози кои се наведени во описите на кривичните дела за кои се товари, односно во дејствијата што тој ги превземал, пишува во решението на судот.

Улогата на поранешниот министер за транспорт и врски, во криминализацијата на изборниот процес, како што навеле од СЈО, била од најширок опфат и создал огромна мрежа на луѓе на кои може да влијае.

Се наведува дека тој учествува во сите сфери на делувањето на криминалната група што може да се види и од кривичните дела за кои постои основано сомневање дека ги сторил. Неговите дејствија се движат од изборна корупција, изборна репресија до уништување на изборни материјали. Со самото тоа и фактот што создал огромна мрежа на луѓе на кои може да влијае, особено фактот што уништувањето на докази му се добро познати, присутен е основан страв дека ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичните дела. Ако се има предвид фактот што како поранешен…. задолжил многу луѓе, реално е стравувањето дека може успешно да дејствува во попречување на постапката со влијание врз сведоците или соучесниците, стои во објавените решенија на судот.

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ги одби сите жалби на СЈО на одлуките на судијата на претходна постапка да не им одреди притвор на осомничените.
За Јанкуловска, Божиновски, судијата на претходна постапка оценил дека нема основ за определување на притвор и дека нема опасност тие да влијаат врз сведоци и да уништуваат докази, бидејќи доколку имале таква намера тоа можеле да го сторат претходно.

Сепак, ако ја бараме резултантата од кривичната пријава од почетокот на текстот неа секако ја има. ОЈО ја изгуби надлежноста над предметите кои се резултат на прислушкуваните разговори и тие предмети минаа во рацете на агилното СЈО. Оформено е такво ново обвинителство заради пасивноста и непостапувањето на ОЈО! Конечно, имаме да сметаме дека одбивањето на притвор за лицата кои се обвинети дека ги креираа и ги „водеа за раче“ оние толку споменувани „мали човечиња“ е само една епизода на одложување на правдата за монстриозните злоупотреби на избирачкото право од првите функционери на една влада.