Малите места и општини се празнат – „белата чума“ коси!

Протестот на акцијата „Заслужуваме подобро“. Фото: Порталб

 

Ланската, 2015, година Македонија ја напуштиле 1.016 граѓани. Од нив 767 биле македонски државјани, а 249 биле странци со привремен престој во земјава. Во истиот анализиран период, само 259 државјани на Македонија се вратиле од странство во сопствената земја.

 

 

Пишува: Анета Додевска

 

Нешто повеќе од 8.800 луѓе во текот на 2015 година го напуштиле местото на живеење и се отселиле во друг град, општина, или пак ја напуштиле Македонија. Последните податоци за миграциските движења во земјава кои ги објави државниот Завод за статистика покажуваат дека лани Македонија ја напуштиле 767 граѓани, пишува во неделната економската анализа на Portalb.mk. Освен со „белата чума“, земјата на внатрешен план се соочува со уште еден сериозен проблем кој значајно ја менува демографската слика, а тоа е намалувањето на природниот прираст.

 

ВО ПОТРАГА ПО ПОДОБРИ УСЛОВИ ЗА ЖИВЕЕЊЕ

Ланската, 2015, година Македонија ја напуштиле 1.016 граѓани. Од нив 767 биле македонски државјани, а 249 биле странци со привремен престој во земјава. Според податоците од државната статистика, во 2015 година на внатрешен и надворешен план мигрирале вкупно 8.050 граѓани, што значи дека дел од нив заминале во странство, дел се иселиле во друг град или во друго место во иста општина.

Во истиот анализиран период, само 259 државјани на Македонија се вратиле од странство во сопствената земја. Мерењата откриваат дека на удар на иселувањето се малите градови и места. Така на пример, само од Боговиње лани заминале 14 луѓе, а од Брвеница 10. На удар на „белата чума“ се и општина Дебрца, од каде само за една година во странство заминале 34 луѓе, а од Делчево 29. Од Јегуновце во 2015 година во странство заминале 67 луѓе, а други 45 заминале во друга општина или на друго место во истата општина. На удар на миграцискиот бран е и малата општина Македонска Каменица, од каде само за една година во странство заминале 11 лица. Сериозни се показателите за туристичкиот Охрид, од каде лани во странство се иселиле 384 луѓе. На удар на миграцискиот бран е и Тетово, град кој во 2015 година бил напуштен од 142 лица.

Како најатрактивни дестинации за иселување се Америка, Австралија, Германија, Италија, Швајцарија. Но, новите мерења покажуваат дека сѐ повеќе граѓани се иселуваат и на нови дестинации во Европа. Така на пример, во 2015 година во Белгија заминале 12 луѓе, а во Данска 11. Австралија и Нов Зеланд остануваат меѓу најатрактивни дестинации за иселување, каде во текот на ланската година заминале 128 луѓе, пишува Portalb.mk.

 

МИГРАЦИСКИОТ БРАН „ГИ РЕТЧИ“ МЛАДИТЕ

Ако се анализира внатрешната миграција низ призмата на возраста, податоците покажуваат дека дури 48,4% од луѓето што го напуштиле местото на живеење се на возраст од 15 до 29 години додека 46,3% се лица на возраст од 30 до 64 години. Останатите 5,3 отсто отпаѓаат на најмладите до 14 години и најстарата возрасна група над 65 години.

Како доминантна причина со удел од 52% за внатрешната миграција, односно преселување од едно во друго место, општина или град, се посочува склучениот брак, а потоа следуваат семејните причини, вработувањето, школувањето или други причини.

Од друга страна, податоците покажуваат дека во 2015 продолжува намалувањето на природниот прираст во земјава, кој изнесува 1,3 отсто, што е едно од најниските нивоа.

„Според последните достапни податоци, природниот прираст изнесува 1,3%. Од 1994 година Македонија во континуитет е соочена со проблемот на намалување на природниот прираст, кој ја покажува разликата меѓу починатите и живородените. Само како пример, во 1994 година тој бил 15.772, а лани природниот прираст бил само 2.614, што е намалување за шест пати“, коментираат статистичарите за Portalb.mk посочувајќи дека зад ваквите трендови се кријат бројни причини.

За да го стимулира природниот прираст, Владата во текот на 2009 и 2010 година спреведе мерки кои беа насочени особено кон многудетните семејства, а една од нив беше исплата на додаток за второ и четврто дете.

„Од  2011 до 2014 година, стапката на природен прираст е помала дури и од 2006 година кога била 1,9. Тоа, упатува на фактот дека ефектот од мерката не кореспондира со поставената цел, односно зголемениот број на третородени деца не е доволен да го надомести недостатокот на првородени и второродени деца во вкупниот број на живородени деца“, се наведува во неодманешната анализа на институтот “Финанце Тинк“ посветена на ефектите од субвенционирање на трето дете.

Негативни показател за природниот прираст има за Вардарскиот, Источниот и Пелагонскиот регион, што значи дека во овие региони имало повеќе починати лица отколку живородени деца, што според експертите е уште еден фактор која значајно влијае врз вкупната демографска слика во земјава.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција